вторник, 31 март 2009

Дневник: Телеком Словенија нов газда на „Космофон“

Телеком Словенија за 190 милиони евра го купи „Космофон“, втор по големина мобилен оператор во земјава. Словенците станаа сопственици и на неговиот продажбен синџир „Германос“ во Македонија.Групацијата Телеком Словенија е веќе присутна на македонскиот телекомуникациски пазар преку „Он.нет“, вториот по големина интернет-провајдер во земјава, кој нуди и фиксна телефонија. Ова преземање ги дополнува нашите постојни активности во Македонија и ја продолжува нашата стратегија за прераснување во еден од водечките телекомуникациски провајдери во југоисточна Европа - изјави Бојан Дремељ, претседател на Одборот на директори на Телеком Словенија, по потпишувањето на купопродажбениот договор.Зделката ќе биде завршена кога договорот за преземање ќе го одобри македонската Комисија за заштита на конкуренцијата.Според неофицијалните информации, „Космофон“ ќе го менува името, односно ќе го земе брендот на словенечкиот телеком.

Словенечката компанија најави дека ако го добие „Космофон“, на македонските корисниците ќе им понуди конвергирани фиксни мобилни услуги, кои ќе вклучуваат широкопојасен интернет со фиксна и мобилна телефонија и телевизија преку интернет-протокол. Словенечкиот телеком е добитник и на дозволата за дигиталната телевизиска мрежа во земјава. Преку „Он.нет“ ќе обезбедат за секое домаќинство бесплатен ресивер (сет-топ бокс) за прием на дигиталниот телевизиски сигнал.

Телеком Словенија е во доминантна државна сопственост. Словенечката влада има нешто повеќе од 50 отсто од капиталот, уште 25 отсто поседуваат два државни пензиски фонда, а остатокот е кај странски инвестициски фондови, малцински акционери и вработените. Телеком Словенија е водечка телекомуникациска компанија во оваа поранешна југословенска република и е присутна на пазарите во Хрватска, БиХ, Србија, Косово, Албанија и Македонија.

„Космофон“ почна со работа во јуни 2003 година. Минатата година ја заврши со над 700 илјади корисници и пазарен удел од 30 отсто. „Германос“ има 66 продажбени места во земјава.Продажбата на мобилниот оператор следуваше откако германски „Дојче телеком“ купи 25 отсто од акциите на грчки ОТЕ, мнозинскиот сопственик на „Космофон“, со што се создаде недозволена концентрација на телекомуникацискиот пазар. „Дојче телеком“, во земјава ги поседува „Македонски телеком“ и „Т-мобиле“.На јавниот конкурс што ОТЕ го распиша за продажба на „Космофон“ покрај Телеком Словенија се јавија уште две турски компании, „Турк телеком“ и „Туркчел“.

Нема коментари: