петок, 28 ноември 2008

Вечер: Космофон со приход од 48 мил. евра

Космофон го зголеми бројот на претплатници на 662.592 корисници, што е за 22,5 проценти повеќе во однос на предходните три месеци. Во однос, пак, на истиот период лани, Космофон придобил нови 121.731 корисници. Најголем процент од новите корисници се во пост пејд сегментот, чиј број пораснал за 23,5 проценти.
Приходите на Космофон, како што објави во Атина грчката компанија ОТЕ, во првите девет месеци од годинава достигнале 47,6 милиони евра што е пораст за скромни 1,2 милиони евра. Во извештајот на ОТЕ се наведува дека порастот на приходите се должи на остварените средства од појдовни повици во пост пејд и тоа за 15 проценти и тоа делумно го искомпензирал падот на приходите од при пејд сегментот.- Ако пред една година корисниците на Космофон во просек зборувале на мобилен телефон по 85 минути месечно и трошеле по 11 евра, за една година тој број пораснал на 99 минути и 10 евра - стои во извештајот.
Од ОТЕ потсетуваат дека Групацијата Космоте е во процес на продажба на Космофон што следи по аквизицијата на контролниот пакет-акции на ОТЕ од страна на Дојче телеком, кој во Македонија го поседува Т-Мобиле.

Извор: С.Бл. (28.11.08). Космофон со приход од 48 мил. евра. Вечер.

четврток, 27 ноември 2008

Дневник: ИТ-инвестициите ќе ја ублажат кризата

Инвестициите во информатичката технологија ќе ја одиграат главната улога во надминување на економската криза, изјави министерот за информатичко општество Иво Ивановски вчера на отворањето на првата мрежна конференција „Циско експо Македонија 2008“. Каан Терзиоглу, потпретседател на „Циско“ за Источна Европа, порача дека компанијата е целосно посветена на изградбата на економија заснована на наука и солидно информатичко општество во сите земји во кои има свои претставништва. На конференцијата како иновација беше претставен системот за видеоприсутност, најнапреден сиситем на комуникација во светот.

Извор: (27.11.08). ИТ-инвестициите ќе ја ублажат кризата. Дневник.

Вечер: Македонија со нови инвестиции во ИКТ секторот

И покрај светската економска криза, Владата не отстапува од инвестициите во информатичките и комуникациските технологии (ИКТ) бидејќи сакаме Македонија да биде меѓу првите 15 развиени ИКТ земји до крајот на 2012 година. Ова го изјави министерот за информатичко општество, Иво Ивановски на отворањето на првата конференција на Циско, посветена на најновите достигнувања во мрежните технологии.-Планираме да ги поврземе државните институции во безбедносна мрежа. За елиминирање на дупликати на база на податоци ќе направиме поврзување на регистрите што ги поседуваат државните институции, а до крајот на 2009 година ќе воведеме електронски систем за раководење со документи. Долгорочно работиме на намалување на дигиталниот јаз и во тек се изработува стратегија за развој на комуникациските мрежи во руралните средини - потенцира Ивановски.
Министерот Ивановски ја повика деловната заедница повеќе да инвестира во ИКТ, посебно малите и средни претпријатија. Тој се повика на еден од извештаите на infoDev, европска реномирана консултантска куќа која се бави со студии за ефектите од инвестициите во ИКТ во државите во транзиција. -Во извештајот е објаснет позитивниот ефект што го доживуваат компаниите што одлучиле да инвестираат во ИКТ и со тоа добиле зголемено производство, подобра профитабилност и побрз развој. Фирмите што изјавиле дека нивното производство се зголемило за половина, дури 13,4 отсто се должи на инвестициите во ИКТ. Оние што пријавиле пораст на профитабилноста за 44 проценти, рекле дека 10,5 отсто се должи на ИКТ. Оние пак, што го подобриле квалитетот на производот за 63,8 проценти, рекле дека информатичката технологија е заслужна за 10 отсто. Со ова станува јасно дека новите маркетинг стратегии, капиталните инвестиции во опрема и огранизационите промени преставуваат три важни фактори за абдејтирање и користење на Икт за позитивни економски промени во секоја компанија - нагласи Ивановски.
Харис Пињо, генерален директор на Циско системс за Македонија, БиХ, Албанија и Косово објасни дека присуството на ИКТ технологиите во македонскиот мал и среден бизнис е се уште на ниско ниво, главно поради недостиг на финансиски ресурси, како и интерни ИТ вештини. Пред присутните беше презентиран системот за видео конференции Teleprence. Учесниците на конференцијата беа сведоци на состанок во живо на оддалеченост од 1.000 километри, на релација Скопје-Љубљана. По тој повод, потпретседателот на Циско за Источна Европа која опфаќа 19 земји, Каан Терзиоглу рече дека ова е прва презентација на најнапредниот телекомуникациски систем на денешницата кој има повисок квалитет од ХД телевизијата. Ваков систем во Македонија единствено поседува Македонски телеком. Главниот извршен директор на Македонски телеком, Николај Бекерс рече дека Циско опремата ја користат и за ИП телевизијата која беше лансирана пред една недела и досега има над 6.000 барања за нејзино користење.

Извор: (27.11.08). Македонија со нови инвестиции во ИКТ секторот. Вечер.

среда, 26 ноември 2008

Вечер: Потешкотии со АДСЛ

Македонски Телеком ги информира корисниците дека завчера настанале технички проблеми на Интернет мрежата во Скопје. Поради тоа, во текот на вчерашниот ден имаше одредени потешкотии кај АДСЛ корисниците во делови на Центар, Буњаковец, Козле, Транспортен центар, Водно, Автокоманда, Момин Поток и Пржино. Екипи на Македонски Телеком веднаш излегле на терен за отстранување на проблемот кој ја оневозможува Интернет услугата

Извор: (26.11.08). Потешкотии со АДСЛ. Вечер

Дневник: Информатичкиот пазар лани вредел 164 милиони долари

Македонскиот пазар на информатичка технологија лани оствари приход од 164 милиони долари, со што достигна „небесен“ раст од 63,8 отсто. Ова се вели во анализата на консултантската агенција „ИДЦ Адријатик“.Според анализата на агенцијата, рекордниот пораст се должи пред се' на големите инвестиции во ИТ-секторот на Владата и на телекомуникациските компании, на финансискиот сектор, како на намалувањето на цените на информатичката опрема и намалениот данок на додадената вредност за неа.- Македонската Влада презеде неколку забележителни акции во минатата година, вклучувајќи голема набавка на ИТ-опрема за образовниот сектор и намалување на ДДВ за компјутерската опрема и софтвер, кофинансирање на набавката на компјутери за апсолвентите и ја зголеми потрошувачката на преносни компјутери. За 22.000 жители беше финансирана обуката за основни ИТ-вештини и интернет. Овие развојни проекти го подигнаа ИТ-пазарот во Македонија, правејќи го најбрзо растечки пазар во Адријатик-регионот- вели Борис Житник, генерален директор на „ИДЦ Адријатик“.Според него, динамичната економија, заедно со владините напори за градење информатичко општество, ќе бидат и понатаму придвижувач на растот на ИТ-пазарот и во наредните години.На македонскиот ИТ- пазар најмногу се продава хардвер, кој со годишен пораст од 88,3 отсто опфаќа речиси три четвртини од вкупниот промет. ИТ-услугите се вториот најголем сегмент, со 16 отсто од вкупната ИТ-потрошувачка и со 22,6 отсто годишен пораст во 2007 година. Пакуваниот софтвер е трет со 10 отсто од вкупниот пазар и со 15,2 отсто годишен пораст.ИДЦ очекува зголемување на ИТ-потрошувачката во Македонија со просечна годишна стапка од 8 отсто во тек на четиригодишниот период на прогноза, а ќе достигне 240 милиони американски долари во 2012 година.

Извор: (26.11.08). Информатичкиот пазар лани вредел 164 милиони долари. Дневник.

Вечер: Македонскиот ИТ пазар со небесен раст во адриатик регионот

Македонскиот ИТ пазар расте најбрзо во адриатик регионот поради инвестициите на Владата во овој сектор, соопшти компанијата ИДЦ, водечки глобален провајдер за истражувања на пазарот, советнички услуги и настани за информатички технологии. Според ИДЦ, ИТ пазарот во Македонија достигна "небесен" годишен раст од 63,8 отсто во 2007 година, на речиси 164 милиони американски долари. Според студијата на компанијата, рекордниот пораст се должи пред се и на големите инвестиции на телекомуникациските компании, континуираната потрошувачка во финансискиот сектор, како и намалувањето на цените на ИТ опремата, заедно со намалениот ДДВ.- Македонската Влада презеде неколку забележителни акции минатата година, вклучувајќи голема набавка на ИТ опрема за образовниот сектор и намалување на ДДВ-то за компјутерската опрема и софтвер. Потоа ја кофинансираше набавката на компјутери за апсолвентите, што ја зголеми потрошувачката на преносни компјутери и ја финансираше обука на 22.000 жители за основни ИТ вештини и интернет. Овие развојни проекти го подигнаа ИТ пазарот во Македонија, правејќи го најбрзо растечки во адриатик регионот - вели Борис Житник, генерален директор на ИДЦ Адриатик. Според оваа компанија, хардверот продолжил да биде најголем и најдинамичен сегмент од македонскиот ИТ пазар, со годишен пораст од 88,3 отсто, опфаќајки речиси три четвртини од вкупниот ИТ пазар. Услугите во овој сектор беа вториот најголем сегмент кој го подигна ИТ пазарот, опфаќајки 16 проценти од вкупната ИТ потрошувачка, со 22,6 отсто годишен пораст во 2007 година. Пакуваниот софтвер,пак, е трет со 10 отсто од вкупниот пазар и со 15,2 проценти годишен пораст.ИДЦ очекува зголемување на ИТ потрошувачката во Македонија со просечна годишна стапка од 8 отсто во тек на четиригодишниот период. Се очекува тој да достигне 240 милиони американски долари во 2012 година.ИДЦ Адриатик е истражувачка компанија со седиште во Загреб, канцеларии во Љубљана и Белград и аналитичари под договор во Скопје, Сараево и Тирана. ИДЦ Адриатик го следи, анализира и прогнозира ИТ пазарот и индустријата во Хрватска, Словенија, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија.
Извор: (26.11.08). Македонскиот ИТ пазар со небесен раст во адриатик регионот. Вечер

Утрински: Пречки во АДСЛ - Интернетот на „Т-хоум“

Корисниците на „Т-хоум“ во одредени делови од Скопје во изминатите два дена не можат да користат Интернет-услуга. Ова го потврдија во „Македонски телеком“ од каде што информираат дека АДСЛ- корисниците имаат проблеми со Интернет зашто се појавиле технички проблеми на мрежата во Скопје. Проблемите со користење на Интерент-услугата посебно се јавиле кај АДСЛ- корисниците во делови на Центар, Буњаковец, Козле, Транспортен центар, Водно, Автокоманда, Момин Поток и Пржино. „Екипите на ’Македонски телеком‘ се на терен и целосно посветени на отстранување на проблемот“, се вели во соопштението од оваа компанија.
Извор: (26.11.08). Пречки во АДСЛ - Интернетот на „Т-хоум“. Утрински Весник.

вторник, 25 ноември 2008

Дневник: „Он.нет“ заинтересиран за „Космофон“

Словенечкиот телеком сака да го купи мобилниот оператор „Космофон“, кој ќе се продава по зделката помеѓу „Дојче телеком“ и грчки ОТЕ, со која се создаде монопол на пазарот за мобилна телефонија во Македонија. Сега сме концентрирани на најавената продажба на вториот мобилен оператор во Македонија. Се очекува „Космофон“ да биде продаден во февруари или во март - изјави Даринка Павлич Камиен, портпаролка на словенечкиот телеком.Словенечкиот телеком во Македонија ја поседува компанијата „Он.нет“, преку која нуди интернет-услуги и фиксна телефонија. Словенците во март 2006 година платија 4,7 милиони евра за 76 отсто од акциите што ги поседуваше американскиот инвестициски фонд СЕАФ и вложија уште еден милион евра како докапитализација. Телеком Словенија во април 2007 година инвестира дополнителни 4 милиони евра со што го зголеми уделот во „Он.нет“ на 83,38 отсто.Процесот на потрага по нов сопственик за „Космофон“ ќе почне откако македонската Комисија за заштита на конкуренцијата официјално ќе го објави решението со кое се утврдува дека се создава монопол во земјава со влезот на „Дојче телеком“ во ОТЕ. Со купувањето 25 отсто од акциите на грчката влада во ОТЕ за 3,2 милијарди евра, Германците, кои во Македонија веќе ги поседуваат фиксниот оператор „Македонски телеком“ и мобилниот „Т-Мобиле“, ќе го преземат и „Космофон“. Во тој случај, „Дојче телеком“ во земјава ќе поседуваа два мобилни оператора, кои заедно држат дури 92 отсто од пазарот, и доминантниот фиксен оператор.Според некои пресметки, „Космофон“ е проценет на 250 до 300 милиони евра, односно е земена цена од 50 евра за секој од неговите околу 600.000 корисници. Самиот процес на продажба на компанијата би се одвивал во три фази. Специјално ангажирани консултантски куќи би направиле длабинска анализа на компанијата, по што ќе се распише конкурс за прибирање првични необврзувачки понуди. Потоа изборот ќе се стесни на три кандидати, од кои ќе се побара да дадат крајна понуда за купување на мобилниот оператор.„Космофон“ ќе се продава со опремата и мрежата на базни станици, која ја покрива целата земја. Во Македонија „Космофон“ поседува лиценца за втора и за трета генерација на мобилна телефонија, но е и фиксен и вајмакс-оператор. За негово купување веќе е заинтересиран „Телеком Австрија“, кој е сопственик на „Вип“.Се очекува постапката за продажба на „Космофон“ да заврши во период од шест до десет месеци и ќе биде будно набљудувана од соодветните институции на Европската Уија.Новата словенечка вада се откажа од планот за продажба на совенечкиот телеком и сега преговара со банките за да обезбеди 400 милиони евра заем наменет за планираните преземања во регионот на поранешна Југославија. Телеком Словенија, покрај за „Космофон“, е заинтересиран и за купување на најголемиот босански телеком-оператор „БХ Телеком“. Словенците барааат можност за инвестирање и во Хрватска, во интернет и телеком-операторите, „Метронет“, „Х1 Телеком“ и „Оптима телеком“.Телеком Словенија е најголем фиксен, мобилен и интернет-оператор во Словенија, со пазарна капитализација од 951,4 милиони евра.

Извор: (25.11.08). „Он.нет“ заинтересиран за „Космофон“. Дневник.

Утрински: Телеком Словенија сака да го купи Космофон

Словенечки „Телеком“ соопшти дека сака да го купи вториот оператор за мобилна телефонија во Македонија „Космофон“. „Сега сме концентрирани на најавената продажба на вториот мобилен оператор во Македонија“, се наведува во соопштение на „Телеком Словенија“.„Космофон“, кој е сопственост на грчки ОТЕ, се очекува да биде продаден во февруари или во март идната година поради заштита на конкуренцијата откако „Дојче телеком“ купи 25 отсто од ОТЕ“, рече портпаролката на словенечки „Телеком“, Даринка Павлишиќ-Камиен.Словенечки „Телеком“ преговара со банките за обезбедување 400 милиони евра заем наменет за планираните преземања во регионот на поранешна Југославија.„Телеком Словенија“, покрај за „Космофон“, заинтересиран е и за купување на најголемиот босански телеком-оператор „БХ телеком“ и бара можност за инвестирање и во Хрватска. „Телеком Словенија“ е најголем фиксен, мобилен и Интернет-оператор во Словенија, со пазарна капитализација од 951,4 милиони евра.

Извор: (25.11.08). Телеком Словенија сака да го купи Космофон. Утрински Весник.

петок, 21 ноември 2008

Нова Македонија: ИП-телевизија - реприза кога ќе посакате

Дека ќе можат да паузираат директен пренос од фудбалски натпревар за да тркнат по храна и пијалак или да репризираат постигнат гол кога ќе посакаат се услуги за кои до пред извесно време не ни сонуваа македонските интернет-корисници. Ако до пред неколку години дајалап-врската беше единствена опција за сурфање, денес со воведувањето на услугата ИП-телевизија (телевизија преку интернет-протокол) неизбежен е заклучокот дека Македонија по интернет-услугите воопшто не заостанува зад најразвиените земји во светот. Телефонски разговори, Интернет и телевизија на едно место, на иста сметка, со една точка за поддршка и одржување овозможува трипл плеј-услугата на „Македонскиот телеком“ наречена „3 макс“. Онлајн-видеотека, снимање содржини што ги нудат домашните и странските телевизии, единствена опција за снимање на програмите кога корисникот не е дома, паузирање на програмите дури и кога се во живо, враќање наназад на програмата што се гледа се само дел од можностите што ги нуди ИП-телевизијата. На корисниците им се нудат околу 70 ТВ-канали во рамките на макс-пакетите, и тоа македонски национални и локални канали, канали на соседните држави, како филмски, спортски, музички, детски, информативни, едукативни, забавни и документарни странски канали. Во телекомот во понудата ги издвојуваат филмскиот канал „МГМ“, едукативниот канал „Да Винчи“, спортскиот канал „ЕСПН класик“ и повеќе канали наменети за децата. Трите услуги на едно место технички се овозможени преку платформа-ресивер, која се базира на мајкрософт-решенија, како и на решенија од други познати компании како „Ериксон“ и „Алкател“. Со услугата корисниците добиваат на располагање и „ХД ДВД“-рекордер, кој овозможува снимање голем број разновидни содржини, со меморија од 160 гигабајти. Се добива и безжичен рутер, а програмите од ИП-телевизијата можат да се гледаат на два телевизора во домот. Телекомот на корисниците им нуди два пакета од „3 макс“-услугата. Првиот е „3 макс комфорт“, со кој по цена од 1.999 денари се добиваат 25 гигабајти Интернет, 500 минути разговор на локално и национално ниво, како и 20 отсто попуст на меѓународните разговори и разговори кон мобилната мрежа. Вториот пакет „3 макс комфорт плус“, по цена од 2.499 денари, овозможува неограничен Интернет, неограничени разговори во мрежата на „Македонскиот телеком“, 30 отсто попуст на меѓународните и 20 отсто попуст на разговорите кон мобилните мрежи. Во телекомот информираа дека како резултат на огромниот интерес на граѓаните за најновата услуга „максТВ“ одлучиле да го зголемат бројот на корисници што ќе добијат еден месец бесплатно користење „максТВ“ доколку склучат договор за користење на услугата. Наместо првопријавените 500 корисници, можност за еден месец бесплатно користење ќе имаат првопријавените 1.000 корисници.

Извор: (21.11.08). ИП-телевизија - реприза кога ќе посакате. Нова Македонија.

среда, 19 ноември 2008

Вечер: Ваучерите чекаат нов дизајн, студентите компјутери

Ќе се доцни со доделувањето на вредносните бонови - ваучери за апсолвентите како директна субвенција од државата при купување на компјутери. Програмата за доделување на вредносните бонови ќе почне да се реализира со задоцнување од неколку денови, иако требаше да стартува од 15 ноември, бидејќи се уште не е изработен дизајнот, и не се испечатени ваучерите. Од Министерството за финансии, кое е задолжено од Владата да го одработи овој дел од акцијата, тврдат дека проектот ќе доцни малку.
- Собранието доцнеше со носењето на Законот за издавање на вредносни бонови-ваучери и ние моравме да почекаме регулативата да стапи во сила за да можеме да ангажираме печатница која ќе го направи дизајнот и ќе ги испечати ваучерите. Подготовките ги почнавме навреме, но за ваква работа како што е изработка на ваучери потребно е време бидејќи тие треба да бидат добро испечатени и заштитени за да се спречи нивно фалсификување - објаснува портпаролот на Министерството за финансии, Мартин Мартиновски.
Претставници на Министерството за финансии завчера имале состанок со надлежните во ректоратите на сите државни и приватни универзитети во земјава за да ги информираат за причините за пролонгирањето на рокот. Мартиновски уверува дека има доволно време до 15 декември студентите да ги искористат ваучерите.
Министерството за информатичко општество е директно задолжено од Владата да ја реализира оваа програма која се спроведува втора година по ред. Со намера да добиеме информација дали таму се подготвени за реализација на програмата, во отсуство на министерот Иво Ивановски, кој е на службен пат во странство, само кусо ни одговорија дека 15 ноември не значи дека е и датум за почеток на доделување на ваучерите и вината за пролонгирањето ја префрлаат во Министерството за финансии.
Ваучерите се со вредност од 15.500 денари и се наменети за редовни студенти кои по прв пат запишуваат апсолвентска година, а такви се очекува да бидат околу 14.000 студенти. Минатата година пак, беа доделени 12.222 ваучери, а нивната вредност беше 12.300 денари. И при ланската распределба на ваучерите имаше проблеми, но тие не беа од истата природа. Наместо први декември како краен рок за искористување на ваучерите, тогаш студентите добија дополнителни 15 дена.

Извор: (19.11.08). Ваучерите чекаат нов дизајн, студентите компјутери. Вечер.

вторник, 18 ноември 2008

Утрински: Владата набавува нови компјутери, а старите стојат негибнати

Владата не запира во своите грандиозни најави за масовни набавки на нови компјутери во училиштата. Ова и покрај тоа што и претходно набавените и поставени компјутери во училиштата стојат негибнати и се практично неупотребливи. Најновиот момент во проектот „Компјутер за секое дете“ е набавката на дополнителни шеесет и пет илјади нови компјутери со кои Владата има намера целосно да ја покрие компјутерската мрежа во училиштата. СДСМ вчера обвини дека некој дебело се збогатил од овој проект. Поради овие сомневања, опозициската партија побара формирање анкетна комисија за да се испитаат можни елементи на корупција. Оттаму тврдат дека проектот кој бил најавен уште пред две години е пробиен два пати со роковите, а тоа ги чини граѓаните 35 милиони евра.Министерството за образование вчера експресно организираше прес-конференција на која кажа дека набавката на сите компјутери потребни за училиштата е при крај. Тие се пофалија дека со новата Влада средствата за образованието се далеку поголеми од порано. СДСМ на вчерашната прес-конференција праша кој ќе ја понесе одговорноста за штетноста и лошото планирање и спроведување на проектот „Компјутер за секое дете“. „Нема 150.000 компјутери, а веќе денес незавршениот проект ги чини граѓаните цели 35 милиони евра. За инсталацијата беше одговорно ЈП ’Македонска радиодифузија‘, кое распиша дополнителен тендер од седум милиони евра. Некои сериозно се збогатија од овие пари“, обвини вчера Горанчо Паунов, претседавач на Централниот одбор на СДСМ. Тој потсети дека СДСМ во март 2008 година ги повикал јавниот обвинител и државниот ревизор да поведат постапка за испитување евентуална корупција во владиниот проект „Компјутер за секое дете“. „СДСМ знаеше во каква состојба ги остави училиштата“, порачаа вчера од Министерството за образование и наука. Портпаролката во Министерството, Маја Корубин, рече дека во 2006 година наследиле долг од 150.000 денари, а Владата го намирила. „Моментално во сите средни училишта е поставена компјутерска опрема. ’Мактел‘ го доби тендерот за инсталирање Интернет-конекција во училиштата, која е поставена во сите 93 средни училишта во државата“, изјави Корубин. Таа уверува дека до крајот на месецов ќе бидат готови компјутерските алатки. Според Корубин, досега се набавени две третини од предвидените компјутери за основните и средните училишта, а во текот на идната недела ќе биде отворен тендерот за набавка на преостанатата една третина.Наскоро се очекува Владата да распише меѓународен тендер за набавка на 65.000 компјутери. Но, упатените појаснуваат дека е несигурно дали повторно ќе бидат набавени преку истата фирма. Владата претходно издвои дваесетина милиони евра за набавка на 18.000 компјутери и 80-ина илјади тин-клиенти кои функционираат како компјутерските машини. Премиерот пред повеќе од една година најави дека компјутерите ќе бидат инсталирани во училиштата, а досега заврши инсталирањето само во средните училишта. И тоа неуспешно, барем според тврдењата на директорите, кои велат дека компјутерите наместо за настава се користат за сурфање на Интернет. Згора на тоа, министерот за образование, Перо Стојановски, допрва најавува дека за десетина дена ќе почне обуката на наставниците за компјутерите во училиштата!?

Извор: (18.11.08). Владата набавува нови компјутери, а старите стојат негибнати. Утрински.

понеделник, 17 ноември 2008

Дневник: На компјутерите се учат само игри

Игра за секое дете. Ваква неочекувана намена добија компјутерите што Владата ги обезбеди за модернизирање на наставниот процес и за информатичко образование на учениците во земјава. Освен за прикажување презентација, учениците најчесто ги користат компјутерите за игри или за разговор со своите соученици.Министерството за образование со проектот „Компјутер за секое дете“ постави компјутери во сите средни училишта. Но, поради лошата интернет-врска и други недостатоци, тие многу малку се користат во наставата. Во скопското средно училиште „Ѓорѓи Димитров“, кое го посетивме за да утврдиме како се одвива наставата со компјутери, учениците своите лекции ги запишуваа во тетратки. Велат дека компјутерите најчесто ги користат за да играат, а многу ретко за потребите на предавањето. Велат дека им пречи тоа што работат со програмата „Линукс“.- Повозрасните професори ни велат да не ги вклучуваме компјутерите и затоа на повеќето часови не ги користиме. Имавме само две-три компјутерски презентации досега. Играме игри и се допишуваме меѓусебно, затоа немаме што што друго да правиме со нив. Интернетот е слаб и ништо не може да се отвори - велат средношколците.Тие се жалат дека компјутерите им ја зафаќаат целата клупа, па немаат каде да ги стават тетратките и учебниците, а честопати се препнуваат од каблите што висат од сите страни.Професорите нагласуваат дека е најважно да имаат стабилен интернет, бидејќи целта е децата сами да доаѓаат до информации и така полесно да учат. - Идејата на проектот е децата да можат да истражуваат, а како да го прават тоа кога интернетот е слаб. Не можам да им покажувам слики за материјалот ако нема добар интернет. Работиме на програмата „Линукс“, а обуката што ја имавме беше за „Виндоус“. Сега ќе не' обучуваат за овој софтвер - велат професорите.Директорката на училиштето, Валентина Муцунска, вели дека и покрај тоа што наставниците не биле обучувани за „Линукс“ тоа не претставува проблем за работа со компјутерите. - До 20 ноември треба да се изработат сите алатки што ќе можат да се применуваат за подобрување на квалитетот на наставата и за користење на компјутерите во текот на часот. Очекуваме обуките за новиот софтвер да почнат од 20 ноември - вели Муцунска. Таа се надева дека до средината на декември ќе добијат нови специјални клупи, по што ќе се реши и проблемот со каблите.Професорите се жалат и дека поради компјутерите, немаат добра прегледност, па тешко им е да контролираат што прават учениците за време на часовите. - Кога имаат писмена работа, ќе ги наведнат главите и од компјутерите не се гледа што прават. Кога прават тестови им ги собираме мобилните телефони, ги исклучуваме од струја компјутерите, зашто може да се допишуваат со ученици од другата училница и оттаму да добиваат одговори - велат професорите.Според нив, не може да има квалитетна настава со 35 ученици во еден клас и затоа е потребно паралелките да имаат по дваесет ученици.

Извор: Анета Тодевска. (17.11.08). На компјутерите се учат само игри. Дневник.

сабота, 15 ноември 2008

Утрински: Долговите го запреа проектот за компјутерите

Проектот „Компјутер за секое дете“ е во застој поради неисплатени долгови кон фирмите-изведувачи на опремата и инсталацијата во основните училишта, тврдат доброупатени извори за „Утрински весник“. Со месеци Јавното претпријатие „Македонска радиодифузија“ не им исплаќало фактури на фирмите за набавената опрема и инсталација, а ситуацијата сега се комплицира и поради директорската смена во претпријатието кое е под лупа на ревизорите. Трпението на фирмите е при крај и тие сега се закануваат дека ќе ја тужат „Македонска радиодифузија“ ако не им бидат исплатени побарувањата. Извори во Министерството за информатичко општество потврдија дека проектот за компјутерите е во застој поради хаотичната состојба во „Македонска радиодифузија“. Според нив, причини за задоцнетата исплата биле бирократските процедури околу одобрувањето на пристигнатите побарувања на фирмите, чиј вкупен износ изнесува 320 милиони денари или 5,2 милиона евра. „Ако во текот на идната недела ’Македонска радиодифузија’ не ни префрли пари во износ од 150 милиони денари, колку што ни должи, ќе се повикаме на договорот и побарувањата ќе ги наплатиме по судски пат“, велат во скопската фирма „Електроелемент“, која набавила опрема за инсталирање на мрежата во училиштата на која треба да се приклучат компјутерите. Оваа фирма испорачала 80 отсто од опремата за основните училишта, а не им е исплатен ниту денар. Во договорот со „Македонска радиодифузија“ стои дека на фирмата ќе и' бидат исплатени средства по пристигнувањето на фактурите. Од „Електроелемент“ велат дека досега на сметка не им легнале пари за изведената работа, иако досега испратиле неколку фактури. „Сега имаме и усно и писмено уверување од сегашната директорка во ’Македонска радиодифузија‘ дека парите ќе ни бидат исплатени“, велат во „Електроелемент“, која е само една од неколкуте фирми што работат на набавка на опрема и инсталација во скопските основни училишта. Деновиве „Македонска радиодифузија“ е под лупа на ревизорите кои, меѓу другото, проверуваат и зошто досега не им се исплаќани пари на изведувачите кои не сакаат отворено да зборуваат за причините за задоцнетата исплата. Новата директорка во ова претпријатие, Јулијана Спировска, вчера беше на состаноци и не сакаше да даде каква било изјава за целиот случај. Молчат и во Министерството за образование и наука.Надлежните во Министерството за информатичко општество признаваат дека проектот е во застој, но тие не очекуваат негово целосно блокирање. Оттаму уверуваат дека проектот ќе продолжи да се реализира како што е предвидено, но со задоцнување поради директорската смена во „Македонска радиодифузија“. Во Министерството објаснуваат дека исплатите на фирмите претходно доцнеле поради изборите, а сега доцни поради смената на раководството во „Македонска радиодифузија“. Поради овие бирократски пречки, според нив, досега парите лежеле на сметка на Министерството за образование наместо да бидат префрлени на„Македонска радиодифузија“. „Проектот не е стопиран. Во ’Македонска радиодифузија‘ имаше промена на раководството и нормално е новата директорка да направи примопредавање за да биде начисто со работите. Затоа и побараа од ревизорите да ја прегледаат обемната документација. Тоа малку ќе ги забави работите, но се надеваме дека од понеделник ќе продолжиме со проектот“, велат во Министерството за информатичко општество. Во Владата најавија дека од понеделник ќе почне компјутеризацијата на шеесетина основни училишта во урбани средини. Со проектот „Компјутер за секое дете“ е предвидено да бидат опфатени вкупно 350 основни училишта.

Извор: (15.11.08). Долговите го запреа проектот за компјутерите. Утрински Весник.

петок, 14 ноември 2008

Дневник: Само „Т-мобиле“ заинтересиран за 3Г

„Т-мобиле“ е единствениот заинтересиран за 3Г-лиценца, дозвола за трета генерација на мобилнателефонија.Компанијата е единствениот пријавен понудувач на јавниот оглас за доделување на лиценците, кој го распиша Агенцијата за електронски комуникации. Технологијата 3Г подразбира побрз и поголем проток на видео, говор и на податоци преку мобилен телефон. Операторот што ќе ја добие 3Г-дозволата ќе ја користи 10 години и ќе треба да овозможи безжичен пристап до глобалната телекомуникациска инфраструктура.

Извор: (14.11.08). Само „Т-мобиле“ заинтересиран за 3Г. Дневник.

Вечер: Македонскиот ИТ пазар најбрзорастечки во ЈИЕ

Македонскиот пазар на информатичка технологија (ИТ) е најбрзорастечкиот во Југоисточна Европа. Според проценките што ги направиле во SIF - private equity fund, кој е еден од 18-те фондови на SEAF, вкупниот ИТ пазар во Македонија минатата година вредел околу 163 милиони долари и е речиси двојно поголем во однос на 2006 година. Оливер Костуранов, менаџер во SIF, очекува дека ИТ пазарот во иднина ќе биде еден од најдинамичните во земјава.- Очекувам дека на ИТ пазарот во Македонија ќе има раст во просек од 15 до 20 проценти годишно во наредните четири-пет години. Таква експанзија има(ше) и во регионот. Пример за тоа е хрватскиот ИТ пазар кој за шест години е зголемен за 250 насто - нагласува Костуранов.
Ваквите очекувања на луѓето во SEAF придонесоа овој фонд да инвестира значителни финансиски средства во домашната ИТ компанија ИНет во наредните три години. Костуранов вели дека станува збор за 700.000 долари, од кои 150.000 долари се за докапитализација на ИНет со што SIF во наредните четири години ќе има од 15 до 20 проценти од сопственоста на оваа ИТ компанија. За имплементација на SAP/ERP во ИНет ќе бидат инвестирани 300.000 долари. - Со овој пример SEAF покажува дека продолжува да инвестира во Македонија и покрај глобалната криза и со тоа ги охрабруваме домашните инвеститори да вложуваат во земјата бидејќи е добра бизнис дестинација - смета Костуранов.
ИНет од вчера е авторизиран дистрибутер на софтвер на ИБМ. По тој повод, Горан Бабиќ, директор на канцеларијата на ИБМ во Скопје рече дека очекува од ИНет да им помогне на македонските компании да го зголемат својот бизнис и да станат конкурентни преку примена на интегрираните и иновативни решенија на ИБМ. Тој откри дека софтвер на ИБМ користат УЈП, но и МВР при изработка новите македонски пасоши. Бабиќ рече дека во ИБМ сериозно размислуваат за влез во земјава со производство на софтвер откако екипи на овој софтверски гигант неодамна направиле снимање на можностите во Македонија од аспект на имањето на стручен кадар.
Извор: Светлана Блажевска. (14.11.08). Македонскиот ИТ пазар најбрзорастечки во ЈИЕ. Вечер.

четврток, 13 ноември 2008

Утрински: „Мајкрософт“ промовира алатка со правопис и речник на македонски

Локаланата канцеларија на „Мајкрософт“ вчера промовираше алатка која на корисниците на „мајкрософт офис“- пакетот им овозможува да ги избегнуваат печатните или правописните грешки при пишување текст на македонски јазик со кирилица. Алатката, позната кај корисниците по нејзиниот назив на англиски како спелчекер се базира на вграден речник на македонскиот јазик и функционира и на македонската и на англиската верзија на „офис 2007“.Пакетот за јазичен интерфејс на македонски јазик може бесплатно да се симне од веб-страницата на „Мајксософт“ www.microsoft.com.mk/lip, но услов е корисниците да поседуваат лиценциран оперативен систем „виндоус“. Според првиот човек на „Мајкрсофт“ во Македонија, Илијанчо Гаговски, иницијативата е резултат на заложбата за зачувување на кирилското писмо, како и подобрување на деловната комуникација, за што во основа е и наменет пакетот „мајкрософт офис“ во кој спаѓаат програмите „ворд“, „ексел“, „аутлук“ и „пауер поинт“. Како што објаснија вчера претставниците на „Мајкрософт“ на брифинг со новинарите, фондот на македонски зборови може да се надополнува со едноставно додавање зборови при користење на новата алатка, а истовремено може да се испраќаат зборови за кои корисниците сметаат дека недостигаат, за што постои форум на страницата на „Мајкрософт“ www.microsoft.com.mk/recnik. Пакетот функционира на стандардните фонтови, како што „тајмс њу роман“, „ариел“ и слично, за кои постои македонска поддршка, додека не може да се применува на изведените фонтови кои имаат предзнак „мак“, како на пример „максвис“ и слично, појасни Димитар Грозданов, специјалист за технологии во „Мајкрософт“. На проектот работи стручен тим од шест лица од Филолошкиот факултет. Се очекува новата алатка да биде прифатена посебно од оние кои почнуваат да работат со компјутери, како и лицата на кои англискиот јазик не им е доволно познат. За тоа особено ќе помогне целосниот превод на менијата на македонски јазик, како и едноставното префлање од англиската верзија на македонска и обратно.

Извор: М.Ј. (13.11.08). „Мајкрософт“ промовира алатка со правопис и речник на македонски . Утрински.

Дневник: „Мајкрософт“ со алатка за правопис и речник на македонски јазик

„Мајкрософт“ вчера ја претстави алатката за проверка на правописот на македонски јазик во пакетот „Офис 2007“. Пакетот е превод од англиската верзија, а алатката за проверка на македонскиот правопис е изработена во соработка со професори од Филолошкиот факултет во Скопје. Пакетот за интерфејс на македонски јазик и на кирилица може да се преземе на www.microsoft.com.mk/lip.Димитар Грозданов, специјалист за технологии во „Мајкрософт“, појасни дека корисниците што не знаат многу англиски јазик со алатката може да ги префрлаат менијата на македонски јазик, но секогаш може да се вратат на основната ставка на англиски јазик.- Вграден е речник на зборови, опфатени по род, член и по други граматички категории на македонскиот јазик. Со инсталираниот правопис се обележуваат непознатите зборови или интернационализмите во текстот, а корисникот може да направи своја база на зборови - вели Грозданов.„Мајкрософт“ отвори и јавен онлајн-форум за предлози за внесување нови зборови и изрази што ќе го збогатат и надградат македонскиот речник во јазичниот интерфејс

Извор: (13.11.08). „Мајкрософт“ со алатка за правопис и речник на македонски јазик. Дневник.

Вечер: Нов пакет на македонски јазик

Компанијата Мајкрософт го претстави новиот пакет за јазичен правопис и речник (интерфејс) во 2007 Office system на македонски јазик. Пакетот за интерфејс на македонски јазик и на кирилица кој е превод од англиската верзија, може да се преземе од веб сајтот www.microsoft.com.mk/lip. Од Мајкрософт велат дека алатката за проверка на македонскиот правопис е изработена во соработка со професори од Филолошкиот факултет во Скопје. Додатоците на македонски јазик во Office system компанијата почна да ги вградува во 2004/2005 година и оттогаш развива подобрени верзии на пакетите.
Димитар Грозданов, специјалист за технологии во Мајкрософт појасни дека корисниците кои добро не знаат англиски јазик, со алатката можат да ги префрлаат менијата на македонски јазик, но во секој момент можат да се вратат на основната ставка на англиски јазик. - Вграден е речник на зборови, опфатени по род, член и по други граматички категории на македонскиот јазик. Со инсталираниот правопис се обележуваат непознатите зборови или интернационализмите во текстот, а корисникот може да креира сопствена база на зборови - вели Грозданов.
На www.microsoft.com.mk/recnik, до средината на февруари ќе може да се внесуваат предлози од јавноста за зборови и изрази што ќе го збогатат и надградат македонскиот речник во јазичниот интерфејс. Директорот на Мајкрософт Македонија, Илијанчо Гаговски рече дека иницијативата е резултат на заложбите за зачувување на кирилското писмо и подобрување на деловната комуникација на корисниците на нивната технологија.
Извор: (13.11.08). Нов пакет на македонски јазик. Вечер.

среда, 12 ноември 2008

Нова Македонија: „Интел“ ќе инвестира во македонските информатичари

Американската компанија за информатичка технологија „Интел“ од Сан Франциско ќе инвестира во образованието на младите кадри од Македонија. Ова е дел од содржината на Меморандумот за разбирање и соработка меѓу македонската влада и „Интел“, кој беше потпишан завчера во Сан Франциско.
- Ова е само почеток, а барањата и очекувањата на „Интел“ околу идната соработка ќе бидат дефинирани по истражувањата што ќе ги направи оваа компанија - изјави премиерот Никола Груевски по средбата со менаџерскиот тим на „Интел“. Македонскиот премиер на средбата на која присуствуваа и неговиот заменик Зоран Ставрески, и министрите за економија и за информатичко општество и претставници од бизнис-заедницата го запознал менаџментот на „Интел“ со предностите и можностите за инвестирање во нашата држава. Притоа тој се осврнал за даночните олеснувања за странските инвеститори, како и за реформите што се прават во образовниот процес, како што е компјутеризацијата на училиштата и зголемениот број студенти.
- Одлуката за инвестирање не зависи само од брзината на администрацијата и даночните олеснувања. За тоа е потребен и високообразован кадар. На американските компании им објаснивме дека од наредната година ќе биде отворен факултетот за информатика, на кој ќе се предава на англиски јазик - вели Груевски.
Во „Интел“ биле многу заинтересирани за помагање на високото образование за информатика и најавиле дека тие ќе испраќаат свои експерти кои би држеле предавање на факултетот за информатика.
Македонската бизнис-делегација, на првиот ден од посетата на САД, го посети и седиштето на „Оракл“, каде што во разговор со нивната менаџерка Сафра Катз, се задржаа повеќе од еден час. Од менаџментот на „Оракл“ било соопштено дека Македонија би можела да влезе во нивните планови за проширување во нашиот регион.
Слаѓан Михајловски, извршен директор на „Инфинити солушн“, смета дека потенцијалите за соработка со американските фирми е преку извозот на ИТ-технологијата на европскиот пазар.
- Нашиот потенцијал е во давањето информатички услуги. Постои тренд на селење на оваа индустрија од источноевропските земји во другите држави во регионот. Русија и Украина, поради нискообразованиот кадар и ниската деловна дисциплина, не се повеќе атрактивни за компаниите за производство на ИТ-технологија. Нашата иднина е во извозот на услуги и развојот на софтверската технологија - вели Михајловски.
Програмата за економското претставување на Македонија во САД вчера продолжи со одржување на ИТ-форумот во Силиконската долина и со предавање на универзитетот Стенфорд за „Поврзаноста на науката, универзитетот и приватниот бизнис“.
Извор: (12.11.08). „Интел“ ќе инвестира во македонските информатичари. Нова Македонија.

Утрински: Груевски најави дека „Интел“ влегува во Македонија

САН ФРАНЦИСКО - Американскиот гигант во информатичката технологија „Интел“ ќе инвестира во образованието во Македонија, најавува премиерот Никола Груевски, кој со тим свои соработници неделава престојува во работна посета на САД. Како доказ за оваа најава, Владата на Македонија и „Интел“ потпишаа Меморандум за разбирање во Сан Франциско. „Со овој меморандум треба да имаме поддршка од ’Интел‘ со одредени инвестиции во образованието“, изјави премиерот Груевски по потпишувањето на документот со претседателот на Управниот одбор на компанијата, на кого македонската владина делегација му ги презентирала можностите за инвестирање во Македонија.Раководството на „Интел“, јави известувачот на МИА, било запознаено со инвестициските можности од секаков аспект, пред се' даночен, но и за тоа дека македонската Влада инвестира многу во ИТ-образованието, при што биле посочени детали во врска со зголемувањето на квотите на студенти по информатичка технологија, како и за отворањето нов информатички универзитет, кој од октомври 2009 година ќе почне да работи само на англиски јазик.„Сите овие инвестиции во образованието упатуваат на тоа дека големите мултинационални компании, особено оние од ИТ-бизнисот, во иднина може да сметаат на Македонија како одлична дестинација за бизнис“, истакна премиерот Груевски, додавајќи дека за компаниите е важно не само да им се овозможат ниски даноци или брза регистрација туку да им се понуди и добар кадар, и по квалитет и по квантитет.За македонскиот премиер, учеството на американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер во делегацијата дава поддршка во напорите во привлекување на компаниите во нашата држава, отворање нови работни места и продлабочување на економските релации меѓу Америка и Македонија.Македонската владина делегација, во чиј состав се и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Зоран Ставрески, министрите за економија, за странски инвестиции и за информатичко општество, Фатмир Бесими, Веле Самак и Иво Ивановски, и директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо, во Сан Франциско имале средби и со раководствата на американските гиганти „Хјулит Пакард“, „Оракл“ и „Сан мајкросистемс“.Според програмата, се најавува дека во Силиконската долина, центар на американската и на светската ИТ-технологија, ќе се одржи Бизнис-форумот „Македонија - земја на ИТ-експерти“, на кој ќе бидат презентирани економските политики со посебен фокус на реформите за унапредување на информатичкото општество и образованието насочени кон подобрување на вкупната бизнис-клима и привлекување реномирани американски инвеститори.

Извор: МИА. (12.11.08). Груевски најави дека „Интел“ влегува во Македонија. Утрински Весник.

вторник, 11 ноември 2008

Нова Македонија: Телефонска линија за корупција во спортот?

Изградба на маалски игралишта, акции против дрогата, против сидата, финансирање книги, омасовување на извидниците, отворена линија за корупција во спортот се дел од идеите што ги дале македонските граѓани на отворениот ден во Агенцијата за млади и за спорт (АМС) т.н. Ден на идеи. „Денот“ АМС го направи по урнек на Владата на Македонија, која, исто така, имаше отворен ден со граѓаните за да го слушне гласот на народот.
За пет часа околу 500 граѓани на возраст од 18 до 70 години (ученици, пензионери, универзитетски професори...) продефилирале во АМС во неделата со свои идеи како да се унапреди спортот во државава и како да се подобри квалитетот на животот на младите. Некои од нив биле неинформирани, па од АМС барале изградба на нови спортски игралишта (Агенцијата веќе гради 50 типски фудбалски игралишта). Нивните идеи биле за изградба на игралишта по скопските маала, но тоа се веќе ингеренции на општините.
Имало предлози и на пензионери што имаат богата архива за училишни настапи и резултати, па од АМС барале финансиска поддршка за издавање книга или брошура во која ќе се најдат на едно место собрани сите резултати.
Во просториите на АМС на средба со директорот на Агенцијата бил и еден извиднички одред со предлог за омасовување на оваа активност. За Агенцијата најприфатлив бил предлогот за бесплатна телефонска линија за корупција во спортот.
- Оваа идеја засега е најприфатлива за АМС и таа најмногу н? заинтересира. Ќе ги разгледаме и другите, па оние што заслужуваат ќе бидат промовирани во јавноста - изјави , портпарол на АМС.

Извор: (11.11.08). Телефонска линија за корупција во спортот?. Нова Македонија.

сабота, 8 ноември 2008

Нова Македонија: „Македонски телеком“ воведе телевизија преку интернет-протокол

Вест: Телеком почнува со Интернет телевизија

Македонски телеком од 17-ти овој месец ќе понуди Интернет телевизија "Макс ТВ". Станува збор за услуга слична на кабелската телевизија, но во овој случај претплатниците на Телеком 70-ина телевизиски канали ќе добиваат преку Интернет. Услугата овозможува снимање на програмата кога корисникот не е дома, паузирање на програмите кои се емитуваат во живо, без да се пропушти дел од преносот, премотување на програмата што се гледа наназад, нарачка на филм (познато како "видео он деманд") и слично. Приклучокот за телевизијата чини 1.290 денари, но ќе се наплаќа од следната година, кога завршува промоцијата на услугата. Месечната претплата само за телевизијата изнесува 999 денари, додека претплатата за пакетите во кои се вклучени сите три услуги - телевизија, Интернет и фиксна телефонија се движи од 1.999 до 2.499 денари. Цената на оваа услуга во Германија изнесува околу 50 евра.

Извор: (8.11.08). Телеком почнува со Интернет телевизија. Вест.

Утрински: „Македонски телеком“ нуди интерактивна телевизија

„Македонски телеком“ ја воведува услугата телевизија преку Интернет протокол ИПТВ, под брендот МаксТВ. Комерцијалниот старт на услугата ќе биде дел од трипл плеј пакетот, сервис со кој компанијата, исто така, првпат настапува на пазарот, и ќе нуди, покрај ИПТВ, фиксна телефонија и Интернет. Во рамки на овие пакети корисниците ќе добиваат три услуги на иста сметка, преку два пакета, 3 Макс комфорт по цена од 1.999 денари и 3 Макс комфорт плус по цена од 2.499 денари. Ќе се наплаќа и еднократен надомест од 1.299 денари за инсталирање на потребниот приклучок и опрема. Според главниот извршен директор на „Македонски телеком“, Николај Бејкерс, со воведувањето на Макс ТВ-услугата, граѓаните на Македонија ќе уживаат во производите и бенефитите на најсовремената технологија. „Со Макс ТВ-услугата се добиваат различни мултимедијални и интерактивни телевизиски и видеосодржини со многу подобар квалитет на ТВ-сигналот“, објасни Манче Трендафилов од „ Македонски телеком“. Пакетот 3 Макс комфорт содржи Интернет од 25 гигабајти сообраќај, 500 минути разговор на локално и национално ниво, 20 проценти попуст на меѓународни разговори кон мобилните мрежи, бесплатни меѓународни разговори кон 10 земји и 70 телевизиски канали. Содржината на 3 Макс комфорт плус пакетот опфаќа неограничен Интернет и разговори во мрежата на „Телеком“, 30 проценти попуст на меѓународни разговори и 20 проценти попуст на разговорите кон мобилните мрежи, како и 70 телевизиски канали.

Извор: МИА. (8.11.08). „Македонски телеком“ нуди интерактивна телевизија. Утрински.

петок, 7 ноември 2008

Вечер: Откажани 26.000 фиксни линии за една година

Растат приходите на Т-Мобиле Македонија, а натаму опаѓаат на Македонски телеком. Заклучно со 30 септември годинава, приходите на мобилниот оператор достигнале 132,7 милиони евра што е за 4,3 проценти повеќе од истиот период лани. Приходите на Телеком, пак, опаднале за 2,7 проценти и на крајот на септември годинава изнесувале 119,6 милиони евра.
Како што стои во финансискиот извештај што го објави вчера Маѓар Телеком, падот на приходите на Македонски телеком се должи на намалениот говорен сообраќај од 11,6 проценти. Опаднат е и бројот на претплатници за 5,2 проценти или откажани се 26.120 фиксни линии. Ако на 30 септември 2007 година Телеком имал 498.910 претплатни телефонски линии, за една година бројот опаднал на 472.790 што е последица од мигрирањето на корисниците во мобилната телефонија.
Многу подобри се бројките што се однесуваат на интернет услугите што ги дава Телеком. Заклучно со 30 септември годинава, бројот на интернет претплатници изнесувал 93.112 што во однос на истиот период лани е пораст за 94 проценти. Зголемување од 243,1 процент е забележан кај АДСЛ конекциите и за првите девет месеци изнесувал 85.223.
Сепак приходите остварени од интернет услугите не можат да го компензираат намалениот број претплатници на фиксни линии и на опаднатиот телефонски сообраќај од 16 проценти. Тоа се рефлектирало на добивката пред оданочување од 51,5 милиони евра која Телеком ја има остварено за деветте месеци од годинава. За разлика од истиот период лани, таа е пониска за 7,7 милиони евра или 13,1 процент.
Финансиските резултати на Т-Мобиле Македонија и покрај континуираното намалување на тарифите и работењето со уште два конкурента на мобилниот пазар, покажале нагорна линија. За 22,1 процент е пораснат бројот на корисници и заклучно со 30 септември годинава изнесувал 1.301.183. Добивката пред оданочување на компанијата достигна 74,4 милиони евра што е за 3,5 милиони евра повеќе од истиот период лани.

Извор: Светлана Блажевска. 07.11.08. Откажани 26.000 фиксни линии за една година. Вечер.

Дневник: Средношколците во проект за антикорупцијата

Околу 600 ученици и 200 наставници од средните училишта, како и 80 родители се очекува да се едуцираат со проектот „Препознај ги неправилностите“ - „ Иднина без корупција“, во АСУЦ „Боро Петрушевски“. Проектот доби поддршка од Градот Скопје, Агенцијата за млади и спорт, Советот на Европа-Канцеларија Скопје, „Плимонт“ Скопје и „Женска акција“, во партнерство со НВО „Илинден“.

Извор: (7.11.08). Средношколците во проект за антикорупцијата. Дневник.

четврток, 6 ноември 2008

Вечер: Супер компјутер за 100.000 корисници

Супер компјутер лоциран во Министерството за информатичко општество ќе им овозможи на 100.000 корисници во ист момент да имаат пристап до стандардните тестови во образованието. Станува збор за систем на кој во изминативе 100 дена работеле во Министерството за информатичко општество и кој ќе почне да се применува од следното полугодие од учебната година.- Овој систем ќе биде во калибар на супер компјутер со можностите и капацитетот што ќе го поседува. Ваков систем не постои на Балканот, а Македонија ќе го има за брзо време бидејќи тендерот е веќе распишан - најави министерот за информатичко општество Иво Ивановски, кој говореше за остварувањата на неговото министерство во изминатите 100 дена од изборот на Владата.
Според него, натамошниот брз развој на информатичкото општество е стратешки приоритет за Владата, бидејќи директно ќе придонесе за вмрежување на македонската со светската економија. - Во новото информациско и комуникациско време лидери ќе бидат оние кои навреме носат правилни одлуки базирани на разбирањето на глобалните трендови. Оние кои нема да одговорат на новите предизвици, го носат ризикот да стагнираат - потенцира Ивановски.
Тој информираше дека средните училишта комплетно се опремени со комуникациска инфраструктура и компјутер на секоја клупа, како и со интернет конекција, а завршени се инсталациите во 68 основни училишта. Министерот истакна дека бесплатни курсеви за користење на компјутер ќе им бидат овозможени на 17.858 граѓани, а покрај постојните бесплатни интернет-клубови што досега беа отворени во 15 градови, нови четири ќе има во Штип, Крушево, Струга и Делчево.
Ивановски информираше дека до крајот на месецов сите министерства комуникациски ќе бидат поврзани меѓу себе со фибер оптичка мрежа. Парите што ќе се заштедат од користење на сопствената мрежа, Владата ќе ги инвестира во поставување на ВоИП комуникација, интернет и слично. Министерот Ивановски најави дека е готов системот за електронско водење на седниците на Владата и дека во тек е набавка на софтвер за електронско поврзување на сите гранични премини во централен информационен систем (едношалтерски) за увоз и извоз и контрола при едно застанување.
Извор: (6.11.08). Супер компјутер за 100.000 корисници. Вечер.

Вечер: И Кејблтел ќе нуди фиксна телефонија

Кејблтел од вчера почна со нудење на нова услуга "трипл плеј", која е составена од три сервиси и тоа видео, интернет и фиксна телефонија. Со тоа Кејблтел е првиот кабелски оператор во Македонија, кој што на своите корисници има ја нуди оваа услуга.
Овој електронски комуникациски оператор нуди три пакети од "Трипл Плеј" услугата и тоа "Трипл Плеј" за 1.290 денари, "Трипл Плеј Плус" за 1.490 денари и "Трипл Плеј Лукс" за 1.690 денари.-Со пакетот за 1.290 денари секој граѓанин има можност да го следи аналогниот ТВ пакет на Кејблтел со 66 канали, неограничено да сурфа на интернет со брзина од 4 Мбпс, неограничено да разговара на телефон во рамките на мрежата на Кејблтел, два и пол часа со броеви кон други фиксни оператори во рамките на својот град, 25 минути во рамките на целата држава и 10 минути кон броевите на мобилните оператори - објасни Горан Попоски, оперативен директор на компанијата.
Стојан Ѓоргоски, извршен директор на овој оператор, истакна дека менаџерскиот тим на Кејблтел направил анализа на пазарот за да се види колку граѓаните трошат за телефон и за да за тие пари овозможат и интернет и телевизија.-Ако сето ова го споредите со сметките што ги плаќаат граѓаните во моментов ќе видите дека за тие три сервиси ќе заштедите до 30 отсто - додаде Ѓоргоски.
Тој најави дека до февруари идната година Кејблтел треба да биде присутен уште во десет градови во Македонија, додека пак до септември треба да има покриеност во сите градови во земјава.

Извор: Р.Ј.Н. (06.11.08). И Кејблтел ќе нуди фиксна телефонија. Вечер.

вторник, 4 ноември 2008

Вечер: Светот на интернет, Македонија пред шалтер

Каде се наоѓаат македонските амбасади во другите земји, кои документи се потребни за да се извади виза, кои денови може да се аплицира, кое е работното време на амбасадата, што да направите ако живеете во друга земја, а сакате да го впишете детето во матичната книга на родените во Македонија, или едноставно вие да извадите извод од матична книга на родените?! Ова се прашањата, за кои во денешно време одговорот сите би го побарале на интернет. Но, за поголем дел од македонските амбасади информации на интернет не може да се најдат. Освен телефонскиот број и името на амбасадорот кои се објавени на страницата на македонското Министерство за надворешни работи, дополнителни информации на интернет нема. И додека светот работи на отстранување на шалтерското работење, македонските амбасади се уште се задржуваат на принципот -дојди на шалтер, земи, потполни, па врати се пак.
Наспроти ова, речиси сите странски претставништва во земјава имаат свои страници. Освен за добивање на основните информации за вадење визи и можоста од веб сајтот да се извади апликацијата за виза, амбасадите ги искористиле страниците и за туристичка промоција на земјата. На страниците на повеќето амбасади може да се види што е интересно да се види и посети во тие земји, каква е традицијата, што ново се случува кај нив. И покрај фактот дека за земјава многу малку се знае, а туризмот е речиси воопшто неразвиен, македонските дипломатски претставништва не ја користат можноста за бесплатна промоција.
Од 55 македонски дипломатски претставништва само 4 имаат свои веб страници. Амбасадите во Австралија и Соединетите Американски Држави се редовно ажурирани, а на нив освен можноста да се преземат потребните документи, може да се види и историјата на земјата и минитуристичка промоција. Иако со помалку информации, свои веб страници има и македонската амбасада во Англија и Канада.
Во МНР велат дека непостоењето на веб страници на дипломатските претставништва е голем минус, но најавуваат дека постои проект за интернет поврзување на сите амбасади. Тој проект, постои веќе одамна, но неговата реализација оди споро.
"Моментално се работи на проект за изработка на интернет страници на сите амбасади. Идејата е тие страници да бидат идентични, да имаат ист дизајн и исти информации за земјите. Сега се работи на тоа да се унифицираат и страниците на сите министерства, по што ќе се осмислат и страниците на амбасадите. Се очекува некаде во првата половина на следната година тие страници да бидат промовирани" - најавуваат од МНР.

Извор: Б.З. (4.11.08). Светот на интернет, Македонија пред шалтер. Вечер.

недела, 2 ноември 2008

Вест: Рекламираат на Интернет, продаваат во дуќани

Во Македонија речиси и нема купување и плаќање преку Интернет, со мал исклучок на неколку компании или Интернет страници.Иако бројот на Интернет корисници во земјава во последните неколку години драстично е зголемен, електронската трговија во Македонија е многу малку застапена или речиси воопшто не се ни имплементира. Мал е бројот на компании или веб страници кои нудат електронска трговија, иако расте бројот на Интернет корисници и корисници на платежни картички, што е еден од предусловите за купување на Интернет. Наспроти Македонија, на модернизираниот Запад се создадоа вистински он -лајн продавници и Интернет салони. Електронската трговија опфаќа широк обем на активности, од продажба на книги, па до понуда на суровини за потребите на фабриките во целиот свет. Се продаваат физички производи, услуги, па дури и дигитални производи кои се испорачуваат преку Интернет. Притоа, клиентите можат да ги купат производите и услугите со помош на разновидни платежни инструменти, меѓу кои најчесто употребувани се кредитните и дебитните картички. За оваа намена постојат и посебни веб портали, како што се светски познатите Амазон, еБаs, Sахоо, Гоогле... Едноставно, на тие веб страници се нуди се и сешто за купување. Интернет корисникот само одбира што ќе купи, го дава бројот на неговата платежна картичка за која компанијата што продава на Интернет гарантира дека нема да биде злоупотребена, и чека да му стаса купениот производ на домашна адреса.Во Македонија тоа речиси го нема. Еден од ретките случаи е порталот Експлоринг Маседониа (њњњ.еџплорингмацедониа.цом.мк) кој, меѓу другото, нуди и резервации на хотелски соби и нивно плаќање преку Интернет.Поради речиси незабележителната Интернет трговија во Македонија, се добива впечаток дека воопшто нема ефект засилената кампања на Владата и на другите институции за зголемување на компјутерската/информатичката писменост кај граѓаните, а да не го споменуваме и податокот дека минатата година беше донесен и Законот за електронска трговија, кој ја регулира оваа проблематика. Кон ова се придодава и податокот дека по владината иницијатива за зголемување на обемот на безготовинското плаќање, се бележи нагорен тренд во користењето на платежните картички кои, пак, претставуваат основен предуслов за користење на електронската трговија.И покрај овие заложби, Владата, која треба да биде еден од двигателите на развојот на електронската трговија, воопшто не дава можност граѓаните и правните лица да ги плаќаат по електронски пат многуте услуги кои ги обезбедуваат нејзините институции. Како добар пример за тоа може да се посочи веб страницата Услуги, која претставува централен портал за исцрпни информации во врска со услугите на разни државни институции. Таа страница не служи како место преку кое електронски би се пополнувала/доставувала потребната документација, а и директно би се вршеле плаќања по услугите со помош на платежни картички. Со тоа барем би им се олеснил животот на граѓаните, па истите не ќе мораат да губат време. Граѓаните некогаш работат и по цел ден и немаат време да чекаат во ред пред шалтерите на банките и на државните институции или, пак, да ги посетуваат веб страниците на банките (ако користат електронско банкарство) за да ги платат потребните услуги. Приватниот сектор е во ист кош со Владата. Голем дел од граѓаните не можат да изгубат половина ден во одење меѓу рафтовите на салоните за електронска опрема туку на Интернет брзо да најдат што сакаат да купат и уште побрзо да го нарачаат и платат преку Интернет. Меѓутоа, најголемиот дел од компаниите не ни помислуваат да ја користат Интернет технологијата, бидејќи ја сметаат за дополнителен товар за нивните оперативни расходи. Останатите креираат веб страници само затоа што сметаат дека тоа е еден вид светски тренд - да се биде присутен на Интернет. Но кога треба да воведат и Интернет плаќање, нарачка и испорака, тие не се осмелуваат да го сторат тоа бидејќи им носи поголеми трошоци. А, сепак, треба да го третираат како инвестиција која би им донела поголеми приноси. Има и такви што ги нудат своите производи и услуги преку Интернет, но попусто трошат пари за нивно рекламирање, бидејќи не нудат никаква можност за купување на тие производи директно он-лајн преку таа нивна веб-страница со помош на платежни картички.Да го земеме случајот на веб страницата на компанијата "Логин системи". Оваа компанија им нуди на купувачите можност за порачка на производите за кои се заинтересирани. Меѓутоа, тоа се прави со пополнување формулар и тука лежи проблемот. Производите не можат да се купат со помош на платежни картички туку или во готово или на жиро-сметка. Што е најлошо, производот не се доставува до домот на купувачот туку до продажно место кое купувачот треба да го избере од оние кои му ги нуди компанијата. Во однос на Владата и на деловните субјекти, не заостануваат ниту банките. Приватните компании и владините институции ги обвинуваат банките дека тие се главни виновници за слабиот развој на електронската трговија. Сепак, дел од банките нудат електронско банкарство, што може да се рече дека е еден чекор напред во искористувањето на потенцијалите на Интернетот. Во однос на користењето на платежните картички, не се забележува некоја поголема придвиженост иницирана од банките за промовирање на плаќањето со картички преку Интернет или, пак, склучување договори со некои од светски познатите портали за користење на нивните картички за купување производи и услуги на Интернет. Исклучок претставуваат еден мал број банки кои нудат специјализирани Интернет картички и платежни картички со чипови коишто, пак, нудат поголема безбедност при вршењето на он-лајн трансакциите.Државните институции и деловните субјекти треба да ги сфатат бројните предности кои ги носи Интернетот, а со тоа и да преземат посериозни чекори за вклучување на електронската трговија во нивното работење. Тоа подразбира усовршување на постојната регулатива за електронската трговија, нови прописи, како и привлекување на познатите светски портали за електронска трговија, но и создавање домашни веб продажни салони. Ваквите активности неминовно ќе резултираат во поголема вклученост на граѓаните во купувањето и користењето на нивните производи и услуги преку он-лајн трансакции, со што на сите инволвирани страни ќе им се олесни нивниот секојдневен динамичен живот и работење.

Извор: (2.11.08). Рекламираат на Интернет, продаваат во дуќани. Вест.