вторник, 18 ноември 2008

Утрински: Владата набавува нови компјутери, а старите стојат негибнати

Владата не запира во своите грандиозни најави за масовни набавки на нови компјутери во училиштата. Ова и покрај тоа што и претходно набавените и поставени компјутери во училиштата стојат негибнати и се практично неупотребливи. Најновиот момент во проектот „Компјутер за секое дете“ е набавката на дополнителни шеесет и пет илјади нови компјутери со кои Владата има намера целосно да ја покрие компјутерската мрежа во училиштата. СДСМ вчера обвини дека некој дебело се збогатил од овој проект. Поради овие сомневања, опозициската партија побара формирање анкетна комисија за да се испитаат можни елементи на корупција. Оттаму тврдат дека проектот кој бил најавен уште пред две години е пробиен два пати со роковите, а тоа ги чини граѓаните 35 милиони евра.Министерството за образование вчера експресно организираше прес-конференција на која кажа дека набавката на сите компјутери потребни за училиштата е при крај. Тие се пофалија дека со новата Влада средствата за образованието се далеку поголеми од порано. СДСМ на вчерашната прес-конференција праша кој ќе ја понесе одговорноста за штетноста и лошото планирање и спроведување на проектот „Компјутер за секое дете“. „Нема 150.000 компјутери, а веќе денес незавршениот проект ги чини граѓаните цели 35 милиони евра. За инсталацијата беше одговорно ЈП ’Македонска радиодифузија‘, кое распиша дополнителен тендер од седум милиони евра. Некои сериозно се збогатија од овие пари“, обвини вчера Горанчо Паунов, претседавач на Централниот одбор на СДСМ. Тој потсети дека СДСМ во март 2008 година ги повикал јавниот обвинител и државниот ревизор да поведат постапка за испитување евентуална корупција во владиниот проект „Компјутер за секое дете“. „СДСМ знаеше во каква состојба ги остави училиштата“, порачаа вчера од Министерството за образование и наука. Портпаролката во Министерството, Маја Корубин, рече дека во 2006 година наследиле долг од 150.000 денари, а Владата го намирила. „Моментално во сите средни училишта е поставена компјутерска опрема. ’Мактел‘ го доби тендерот за инсталирање Интернет-конекција во училиштата, која е поставена во сите 93 средни училишта во државата“, изјави Корубин. Таа уверува дека до крајот на месецов ќе бидат готови компјутерските алатки. Според Корубин, досега се набавени две третини од предвидените компјутери за основните и средните училишта, а во текот на идната недела ќе биде отворен тендерот за набавка на преостанатата една третина.Наскоро се очекува Владата да распише меѓународен тендер за набавка на 65.000 компјутери. Но, упатените појаснуваат дека е несигурно дали повторно ќе бидат набавени преку истата фирма. Владата претходно издвои дваесетина милиони евра за набавка на 18.000 компјутери и 80-ина илјади тин-клиенти кои функционираат како компјутерските машини. Премиерот пред повеќе од една година најави дека компјутерите ќе бидат инсталирани во училиштата, а досега заврши инсталирањето само во средните училишта. И тоа неуспешно, барем според тврдењата на директорите, кои велат дека компјутерите наместо за настава се користат за сурфање на Интернет. Згора на тоа, министерот за образование, Перо Стојановски, допрва најавува дека за десетина дена ќе почне обуката на наставниците за компјутерите во училиштата!?

Извор: (18.11.08). Владата набавува нови компјутери, а старите стојат негибнати. Утрински.

Нема коментари: