четврток, 6 ноември 2008

Вечер: Супер компјутер за 100.000 корисници

Супер компјутер лоциран во Министерството за информатичко општество ќе им овозможи на 100.000 корисници во ист момент да имаат пристап до стандардните тестови во образованието. Станува збор за систем на кој во изминативе 100 дена работеле во Министерството за информатичко општество и кој ќе почне да се применува од следното полугодие од учебната година.- Овој систем ќе биде во калибар на супер компјутер со можностите и капацитетот што ќе го поседува. Ваков систем не постои на Балканот, а Македонија ќе го има за брзо време бидејќи тендерот е веќе распишан - најави министерот за информатичко општество Иво Ивановски, кој говореше за остварувањата на неговото министерство во изминатите 100 дена од изборот на Владата.
Според него, натамошниот брз развој на информатичкото општество е стратешки приоритет за Владата, бидејќи директно ќе придонесе за вмрежување на македонската со светската економија. - Во новото информациско и комуникациско време лидери ќе бидат оние кои навреме носат правилни одлуки базирани на разбирањето на глобалните трендови. Оние кои нема да одговорат на новите предизвици, го носат ризикот да стагнираат - потенцира Ивановски.
Тој информираше дека средните училишта комплетно се опремени со комуникациска инфраструктура и компјутер на секоја клупа, како и со интернет конекција, а завршени се инсталациите во 68 основни училишта. Министерот истакна дека бесплатни курсеви за користење на компјутер ќе им бидат овозможени на 17.858 граѓани, а покрај постојните бесплатни интернет-клубови што досега беа отворени во 15 градови, нови четири ќе има во Штип, Крушево, Струга и Делчево.
Ивановски информираше дека до крајот на месецов сите министерства комуникациски ќе бидат поврзани меѓу себе со фибер оптичка мрежа. Парите што ќе се заштедат од користење на сопствената мрежа, Владата ќе ги инвестира во поставување на ВоИП комуникација, интернет и слично. Министерот Ивановски најави дека е готов системот за електронско водење на седниците на Владата и дека во тек е набавка на софтвер за електронско поврзување на сите гранични премини во централен информационен систем (едношалтерски) за увоз и извоз и контрола при едно застанување.
Извор: (6.11.08). Супер компјутер за 100.000 корисници. Вечер.

Нема коментари: