среда, 12 ноември 2008

Утрински: Груевски најави дека „Интел“ влегува во Македонија

САН ФРАНЦИСКО - Американскиот гигант во информатичката технологија „Интел“ ќе инвестира во образованието во Македонија, најавува премиерот Никола Груевски, кој со тим свои соработници неделава престојува во работна посета на САД. Како доказ за оваа најава, Владата на Македонија и „Интел“ потпишаа Меморандум за разбирање во Сан Франциско. „Со овој меморандум треба да имаме поддршка од ’Интел‘ со одредени инвестиции во образованието“, изјави премиерот Груевски по потпишувањето на документот со претседателот на Управниот одбор на компанијата, на кого македонската владина делегација му ги презентирала можностите за инвестирање во Македонија.Раководството на „Интел“, јави известувачот на МИА, било запознаено со инвестициските можности од секаков аспект, пред се' даночен, но и за тоа дека македонската Влада инвестира многу во ИТ-образованието, при што биле посочени детали во врска со зголемувањето на квотите на студенти по информатичка технологија, како и за отворањето нов информатички универзитет, кој од октомври 2009 година ќе почне да работи само на англиски јазик.„Сите овие инвестиции во образованието упатуваат на тоа дека големите мултинационални компании, особено оние од ИТ-бизнисот, во иднина може да сметаат на Македонија како одлична дестинација за бизнис“, истакна премиерот Груевски, додавајќи дека за компаниите е важно не само да им се овозможат ниски даноци или брза регистрација туку да им се понуди и добар кадар, и по квалитет и по квантитет.За македонскиот премиер, учеството на американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер во делегацијата дава поддршка во напорите во привлекување на компаниите во нашата држава, отворање нови работни места и продлабочување на економските релации меѓу Америка и Македонија.Македонската владина делегација, во чиј состав се и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Зоран Ставрески, министрите за економија, за странски инвестиции и за информатичко општество, Фатмир Бесими, Веле Самак и Иво Ивановски, и директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо, во Сан Франциско имале средби и со раководствата на американските гиганти „Хјулит Пакард“, „Оракл“ и „Сан мајкросистемс“.Според програмата, се најавува дека во Силиконската долина, центар на американската и на светската ИТ-технологија, ќе се одржи Бизнис-форумот „Македонија - земја на ИТ-експерти“, на кој ќе бидат презентирани економските политики со посебен фокус на реформите за унапредување на информатичкото општество и образованието насочени кон подобрување на вкупната бизнис-клима и привлекување реномирани американски инвеститори.

Извор: МИА. (12.11.08). Груевски најави дека „Интел“ влегува во Македонија. Утрински Весник.

Нема коментари: