среда, 19 ноември 2008

Вечер: Ваучерите чекаат нов дизајн, студентите компјутери

Ќе се доцни со доделувањето на вредносните бонови - ваучери за апсолвентите како директна субвенција од државата при купување на компјутери. Програмата за доделување на вредносните бонови ќе почне да се реализира со задоцнување од неколку денови, иако требаше да стартува од 15 ноември, бидејќи се уште не е изработен дизајнот, и не се испечатени ваучерите. Од Министерството за финансии, кое е задолжено од Владата да го одработи овој дел од акцијата, тврдат дека проектот ќе доцни малку.
- Собранието доцнеше со носењето на Законот за издавање на вредносни бонови-ваучери и ние моравме да почекаме регулативата да стапи во сила за да можеме да ангажираме печатница која ќе го направи дизајнот и ќе ги испечати ваучерите. Подготовките ги почнавме навреме, но за ваква работа како што е изработка на ваучери потребно е време бидејќи тие треба да бидат добро испечатени и заштитени за да се спречи нивно фалсификување - објаснува портпаролот на Министерството за финансии, Мартин Мартиновски.
Претставници на Министерството за финансии завчера имале состанок со надлежните во ректоратите на сите државни и приватни универзитети во земјава за да ги информираат за причините за пролонгирањето на рокот. Мартиновски уверува дека има доволно време до 15 декември студентите да ги искористат ваучерите.
Министерството за информатичко општество е директно задолжено од Владата да ја реализира оваа програма која се спроведува втора година по ред. Со намера да добиеме информација дали таму се подготвени за реализација на програмата, во отсуство на министерот Иво Ивановски, кој е на службен пат во странство, само кусо ни одговорија дека 15 ноември не значи дека е и датум за почеток на доделување на ваучерите и вината за пролонгирањето ја префрлаат во Министерството за финансии.
Ваучерите се со вредност од 15.500 денари и се наменети за редовни студенти кои по прв пат запишуваат апсолвентска година, а такви се очекува да бидат околу 14.000 студенти. Минатата година пак, беа доделени 12.222 ваучери, а нивната вредност беше 12.300 денари. И при ланската распределба на ваучерите имаше проблеми, но тие не беа од истата природа. Наместо први декември како краен рок за искористување на ваучерите, тогаш студентите добија дополнителни 15 дена.

Извор: (19.11.08). Ваучерите чекаат нов дизајн, студентите компјутери. Вечер.

Нема коментари: