вторник, 4 ноември 2008

Вечер: Светот на интернет, Македонија пред шалтер

Каде се наоѓаат македонските амбасади во другите земји, кои документи се потребни за да се извади виза, кои денови може да се аплицира, кое е работното време на амбасадата, што да направите ако живеете во друга земја, а сакате да го впишете детето во матичната книга на родените во Македонија, или едноставно вие да извадите извод од матична книга на родените?! Ова се прашањата, за кои во денешно време одговорот сите би го побарале на интернет. Но, за поголем дел од македонските амбасади информации на интернет не може да се најдат. Освен телефонскиот број и името на амбасадорот кои се објавени на страницата на македонското Министерство за надворешни работи, дополнителни информации на интернет нема. И додека светот работи на отстранување на шалтерското работење, македонските амбасади се уште се задржуваат на принципот -дојди на шалтер, земи, потполни, па врати се пак.
Наспроти ова, речиси сите странски претставништва во земјава имаат свои страници. Освен за добивање на основните информации за вадење визи и можоста од веб сајтот да се извади апликацијата за виза, амбасадите ги искористиле страниците и за туристичка промоција на земјата. На страниците на повеќето амбасади може да се види што е интересно да се види и посети во тие земји, каква е традицијата, што ново се случува кај нив. И покрај фактот дека за земјава многу малку се знае, а туризмот е речиси воопшто неразвиен, македонските дипломатски претставништва не ја користат можноста за бесплатна промоција.
Од 55 македонски дипломатски претставништва само 4 имаат свои веб страници. Амбасадите во Австралија и Соединетите Американски Држави се редовно ажурирани, а на нив освен можноста да се преземат потребните документи, може да се види и историјата на земјата и минитуристичка промоција. Иако со помалку информации, свои веб страници има и македонската амбасада во Англија и Канада.
Во МНР велат дека непостоењето на веб страници на дипломатските претставништва е голем минус, но најавуваат дека постои проект за интернет поврзување на сите амбасади. Тој проект, постои веќе одамна, но неговата реализација оди споро.
"Моментално се работи на проект за изработка на интернет страници на сите амбасади. Идејата е тие страници да бидат идентични, да имаат ист дизајн и исти информации за земјите. Сега се работи на тоа да се унифицираат и страниците на сите министерства, по што ќе се осмислат и страниците на амбасадите. Се очекува некаде во првата половина на следната година тие страници да бидат промовирани" - најавуваат од МНР.

Извор: Б.З. (4.11.08). Светот на интернет, Македонија пред шалтер. Вечер.

Нема коментари: