петок, 14 ноември 2008

Вечер: Македонскиот ИТ пазар најбрзорастечки во ЈИЕ

Македонскиот пазар на информатичка технологија (ИТ) е најбрзорастечкиот во Југоисточна Европа. Според проценките што ги направиле во SIF - private equity fund, кој е еден од 18-те фондови на SEAF, вкупниот ИТ пазар во Македонија минатата година вредел околу 163 милиони долари и е речиси двојно поголем во однос на 2006 година. Оливер Костуранов, менаџер во SIF, очекува дека ИТ пазарот во иднина ќе биде еден од најдинамичните во земјава.- Очекувам дека на ИТ пазарот во Македонија ќе има раст во просек од 15 до 20 проценти годишно во наредните четири-пет години. Таква експанзија има(ше) и во регионот. Пример за тоа е хрватскиот ИТ пазар кој за шест години е зголемен за 250 насто - нагласува Костуранов.
Ваквите очекувања на луѓето во SEAF придонесоа овој фонд да инвестира значителни финансиски средства во домашната ИТ компанија ИНет во наредните три години. Костуранов вели дека станува збор за 700.000 долари, од кои 150.000 долари се за докапитализација на ИНет со што SIF во наредните четири години ќе има од 15 до 20 проценти од сопственоста на оваа ИТ компанија. За имплементација на SAP/ERP во ИНет ќе бидат инвестирани 300.000 долари. - Со овој пример SEAF покажува дека продолжува да инвестира во Македонија и покрај глобалната криза и со тоа ги охрабруваме домашните инвеститори да вложуваат во земјата бидејќи е добра бизнис дестинација - смета Костуранов.
ИНет од вчера е авторизиран дистрибутер на софтвер на ИБМ. По тој повод, Горан Бабиќ, директор на канцеларијата на ИБМ во Скопје рече дека очекува од ИНет да им помогне на македонските компании да го зголемат својот бизнис и да станат конкурентни преку примена на интегрираните и иновативни решенија на ИБМ. Тој откри дека софтвер на ИБМ користат УЈП, но и МВР при изработка новите македонски пасоши. Бабиќ рече дека во ИБМ сериозно размислуваат за влез во земјава со производство на софтвер откако екипи на овој софтверски гигант неодамна направиле снимање на можностите во Македонија од аспект на имањето на стручен кадар.
Извор: Светлана Блажевска. (14.11.08). Македонскиот ИТ пазар најбрзорастечки во ЈИЕ. Вечер.

Нема коментари: