петок, 21 ноември 2008

Нова Македонија: ИП-телевизија - реприза кога ќе посакате

Дека ќе можат да паузираат директен пренос од фудбалски натпревар за да тркнат по храна и пијалак или да репризираат постигнат гол кога ќе посакаат се услуги за кои до пред извесно време не ни сонуваа македонските интернет-корисници. Ако до пред неколку години дајалап-врската беше единствена опција за сурфање, денес со воведувањето на услугата ИП-телевизија (телевизија преку интернет-протокол) неизбежен е заклучокот дека Македонија по интернет-услугите воопшто не заостанува зад најразвиените земји во светот. Телефонски разговори, Интернет и телевизија на едно место, на иста сметка, со една точка за поддршка и одржување овозможува трипл плеј-услугата на „Македонскиот телеком“ наречена „3 макс“. Онлајн-видеотека, снимање содржини што ги нудат домашните и странските телевизии, единствена опција за снимање на програмите кога корисникот не е дома, паузирање на програмите дури и кога се во живо, враќање наназад на програмата што се гледа се само дел од можностите што ги нуди ИП-телевизијата. На корисниците им се нудат околу 70 ТВ-канали во рамките на макс-пакетите, и тоа македонски национални и локални канали, канали на соседните држави, како филмски, спортски, музички, детски, информативни, едукативни, забавни и документарни странски канали. Во телекомот во понудата ги издвојуваат филмскиот канал „МГМ“, едукативниот канал „Да Винчи“, спортскиот канал „ЕСПН класик“ и повеќе канали наменети за децата. Трите услуги на едно место технички се овозможени преку платформа-ресивер, која се базира на мајкрософт-решенија, како и на решенија од други познати компании како „Ериксон“ и „Алкател“. Со услугата корисниците добиваат на располагање и „ХД ДВД“-рекордер, кој овозможува снимање голем број разновидни содржини, со меморија од 160 гигабајти. Се добива и безжичен рутер, а програмите од ИП-телевизијата можат да се гледаат на два телевизора во домот. Телекомот на корисниците им нуди два пакета од „3 макс“-услугата. Првиот е „3 макс комфорт“, со кој по цена од 1.999 денари се добиваат 25 гигабајти Интернет, 500 минути разговор на локално и национално ниво, како и 20 отсто попуст на меѓународните разговори и разговори кон мобилната мрежа. Вториот пакет „3 макс комфорт плус“, по цена од 2.499 денари, овозможува неограничен Интернет, неограничени разговори во мрежата на „Македонскиот телеком“, 30 отсто попуст на меѓународните и 20 отсто попуст на разговорите кон мобилните мрежи. Во телекомот информираа дека како резултат на огромниот интерес на граѓаните за најновата услуга „максТВ“ одлучиле да го зголемат бројот на корисници што ќе добијат еден месец бесплатно користење „максТВ“ доколку склучат договор за користење на услугата. Наместо првопријавените 500 корисници, можност за еден месец бесплатно користење ќе имаат првопријавените 1.000 корисници.

Извор: (21.11.08). ИП-телевизија - реприза кога ќе посакате. Нова Македонија.

Нема коментари: