сабота, 8 ноември 2008

Утрински: „Македонски телеком“ нуди интерактивна телевизија

„Македонски телеком“ ја воведува услугата телевизија преку Интернет протокол ИПТВ, под брендот МаксТВ. Комерцијалниот старт на услугата ќе биде дел од трипл плеј пакетот, сервис со кој компанијата, исто така, првпат настапува на пазарот, и ќе нуди, покрај ИПТВ, фиксна телефонија и Интернет. Во рамки на овие пакети корисниците ќе добиваат три услуги на иста сметка, преку два пакета, 3 Макс комфорт по цена од 1.999 денари и 3 Макс комфорт плус по цена од 2.499 денари. Ќе се наплаќа и еднократен надомест од 1.299 денари за инсталирање на потребниот приклучок и опрема. Според главниот извршен директор на „Македонски телеком“, Николај Бејкерс, со воведувањето на Макс ТВ-услугата, граѓаните на Македонија ќе уживаат во производите и бенефитите на најсовремената технологија. „Со Макс ТВ-услугата се добиваат различни мултимедијални и интерактивни телевизиски и видеосодржини со многу подобар квалитет на ТВ-сигналот“, објасни Манче Трендафилов од „ Македонски телеком“. Пакетот 3 Макс комфорт содржи Интернет од 25 гигабајти сообраќај, 500 минути разговор на локално и национално ниво, 20 проценти попуст на меѓународни разговори кон мобилните мрежи, бесплатни меѓународни разговори кон 10 земји и 70 телевизиски канали. Содржината на 3 Макс комфорт плус пакетот опфаќа неограничен Интернет и разговори во мрежата на „Телеком“, 30 проценти попуст на меѓународни разговори и 20 проценти попуст на разговорите кон мобилните мрежи, како и 70 телевизиски канали.

Извор: МИА. (8.11.08). „Македонски телеком“ нуди интерактивна телевизија. Утрински.

Нема коментари: