петок, 7 ноември 2008

Вечер: Откажани 26.000 фиксни линии за една година

Растат приходите на Т-Мобиле Македонија, а натаму опаѓаат на Македонски телеком. Заклучно со 30 септември годинава, приходите на мобилниот оператор достигнале 132,7 милиони евра што е за 4,3 проценти повеќе од истиот период лани. Приходите на Телеком, пак, опаднале за 2,7 проценти и на крајот на септември годинава изнесувале 119,6 милиони евра.
Како што стои во финансискиот извештај што го објави вчера Маѓар Телеком, падот на приходите на Македонски телеком се должи на намалениот говорен сообраќај од 11,6 проценти. Опаднат е и бројот на претплатници за 5,2 проценти или откажани се 26.120 фиксни линии. Ако на 30 септември 2007 година Телеком имал 498.910 претплатни телефонски линии, за една година бројот опаднал на 472.790 што е последица од мигрирањето на корисниците во мобилната телефонија.
Многу подобри се бројките што се однесуваат на интернет услугите што ги дава Телеком. Заклучно со 30 септември годинава, бројот на интернет претплатници изнесувал 93.112 што во однос на истиот период лани е пораст за 94 проценти. Зголемување од 243,1 процент е забележан кај АДСЛ конекциите и за првите девет месеци изнесувал 85.223.
Сепак приходите остварени од интернет услугите не можат да го компензираат намалениот број претплатници на фиксни линии и на опаднатиот телефонски сообраќај од 16 проценти. Тоа се рефлектирало на добивката пред оданочување од 51,5 милиони евра која Телеком ја има остварено за деветте месеци од годинава. За разлика од истиот период лани, таа е пониска за 7,7 милиони евра или 13,1 процент.
Финансиските резултати на Т-Мобиле Македонија и покрај континуираното намалување на тарифите и работењето со уште два конкурента на мобилниот пазар, покажале нагорна линија. За 22,1 процент е пораснат бројот на корисници и заклучно со 30 септември годинава изнесувал 1.301.183. Добивката пред оданочување на компанијата достигна 74,4 милиони евра што е за 3,5 милиони евра повеќе од истиот период лани.

Извор: Светлана Блажевска. 07.11.08. Откажани 26.000 фиксни линии за една година. Вечер.

Нема коментари: