понеделник, 17 ноември 2008

Дневник: На компјутерите се учат само игри

Игра за секое дете. Ваква неочекувана намена добија компјутерите што Владата ги обезбеди за модернизирање на наставниот процес и за информатичко образование на учениците во земјава. Освен за прикажување презентација, учениците најчесто ги користат компјутерите за игри или за разговор со своите соученици.Министерството за образование со проектот „Компјутер за секое дете“ постави компјутери во сите средни училишта. Но, поради лошата интернет-врска и други недостатоци, тие многу малку се користат во наставата. Во скопското средно училиште „Ѓорѓи Димитров“, кое го посетивме за да утврдиме како се одвива наставата со компјутери, учениците своите лекции ги запишуваа во тетратки. Велат дека компјутерите најчесто ги користат за да играат, а многу ретко за потребите на предавањето. Велат дека им пречи тоа што работат со програмата „Линукс“.- Повозрасните професори ни велат да не ги вклучуваме компјутерите и затоа на повеќето часови не ги користиме. Имавме само две-три компјутерски презентации досега. Играме игри и се допишуваме меѓусебно, затоа немаме што што друго да правиме со нив. Интернетот е слаб и ништо не може да се отвори - велат средношколците.Тие се жалат дека компјутерите им ја зафаќаат целата клупа, па немаат каде да ги стават тетратките и учебниците, а честопати се препнуваат од каблите што висат од сите страни.Професорите нагласуваат дека е најважно да имаат стабилен интернет, бидејќи целта е децата сами да доаѓаат до информации и така полесно да учат. - Идејата на проектот е децата да можат да истражуваат, а како да го прават тоа кога интернетот е слаб. Не можам да им покажувам слики за материјалот ако нема добар интернет. Работиме на програмата „Линукс“, а обуката што ја имавме беше за „Виндоус“. Сега ќе не' обучуваат за овој софтвер - велат професорите.Директорката на училиштето, Валентина Муцунска, вели дека и покрај тоа што наставниците не биле обучувани за „Линукс“ тоа не претставува проблем за работа со компјутерите. - До 20 ноември треба да се изработат сите алатки што ќе можат да се применуваат за подобрување на квалитетот на наставата и за користење на компјутерите во текот на часот. Очекуваме обуките за новиот софтвер да почнат од 20 ноември - вели Муцунска. Таа се надева дека до средината на декември ќе добијат нови специјални клупи, по што ќе се реши и проблемот со каблите.Професорите се жалат и дека поради компјутерите, немаат добра прегледност, па тешко им е да контролираат што прават учениците за време на часовите. - Кога имаат писмена работа, ќе ги наведнат главите и од компјутерите не се гледа што прават. Кога прават тестови им ги собираме мобилните телефони, ги исклучуваме од струја компјутерите, зашто може да се допишуваат со ученици од другата училница и оттаму да добиваат одговори - велат професорите.Според нив, не може да има квалитетна настава со 35 ученици во еден клас и затоа е потребно паралелките да имаат по дваесет ученици.

Извор: Анета Тодевска. (17.11.08). На компјутерите се учат само игри. Дневник.

Нема коментари: