среда, 12 ноември 2008

Нова Македонија: „Интел“ ќе инвестира во македонските информатичари

Американската компанија за информатичка технологија „Интел“ од Сан Франциско ќе инвестира во образованието на младите кадри од Македонија. Ова е дел од содржината на Меморандумот за разбирање и соработка меѓу македонската влада и „Интел“, кој беше потпишан завчера во Сан Франциско.
- Ова е само почеток, а барањата и очекувањата на „Интел“ околу идната соработка ќе бидат дефинирани по истражувањата што ќе ги направи оваа компанија - изјави премиерот Никола Груевски по средбата со менаџерскиот тим на „Интел“. Македонскиот премиер на средбата на која присуствуваа и неговиот заменик Зоран Ставрески, и министрите за економија и за информатичко општество и претставници од бизнис-заедницата го запознал менаџментот на „Интел“ со предностите и можностите за инвестирање во нашата држава. Притоа тој се осврнал за даночните олеснувања за странските инвеститори, како и за реформите што се прават во образовниот процес, како што е компјутеризацијата на училиштата и зголемениот број студенти.
- Одлуката за инвестирање не зависи само од брзината на администрацијата и даночните олеснувања. За тоа е потребен и високообразован кадар. На американските компании им објаснивме дека од наредната година ќе биде отворен факултетот за информатика, на кој ќе се предава на англиски јазик - вели Груевски.
Во „Интел“ биле многу заинтересирани за помагање на високото образование за информатика и најавиле дека тие ќе испраќаат свои експерти кои би држеле предавање на факултетот за информатика.
Македонската бизнис-делегација, на првиот ден од посетата на САД, го посети и седиштето на „Оракл“, каде што во разговор со нивната менаџерка Сафра Катз, се задржаа повеќе од еден час. Од менаџментот на „Оракл“ било соопштено дека Македонија би можела да влезе во нивните планови за проширување во нашиот регион.
Слаѓан Михајловски, извршен директор на „Инфинити солушн“, смета дека потенцијалите за соработка со американските фирми е преку извозот на ИТ-технологијата на европскиот пазар.
- Нашиот потенцијал е во давањето информатички услуги. Постои тренд на селење на оваа индустрија од источноевропските земји во другите држави во регионот. Русија и Украина, поради нискообразованиот кадар и ниската деловна дисциплина, не се повеќе атрактивни за компаниите за производство на ИТ-технологија. Нашата иднина е во извозот на услуги и развојот на софтверската технологија - вели Михајловски.
Програмата за економското претставување на Македонија во САД вчера продолжи со одржување на ИТ-форумот во Силиконската долина и со предавање на универзитетот Стенфорд за „Поврзаноста на науката, универзитетот и приватниот бизнис“.
Извор: (12.11.08). „Интел“ ќе инвестира во македонските информатичари. Нова Македонија.

Нема коментари: