среда, 25 јуни 2008

Вечер: Македонците посегнаа по историските модели на Ериксон

ЛАЖНИ ИНТЕРНЕТ ПОРАКИ ГИ БЛОКИРАА ИМЕИЛ САНДАЧИЊАТА

Лажни пораки за бесплатни Ериксон телефони деновиве ги преполнуваат меил сандачињата. Се подаруваат телефони стари повеќе од осум години од компанија која повеќе не произведува мобилни апарати.

Ви нудиме шанса да дојдете бесплатно до нов Ериксон мобилен телефон. Ериксон ви подарува мобилен телефон и тоа гратис преку интернет како одговор против Нокиа, која го работи истото. Ериксон сака со оваа акција да биде уште поприсутен на пазарот. Се што треба да направите е овој меил да го пратите на осум нови адреси. За две недели ќе добиете Ериксон Т-18 мобилен телефон. Ако мејлот го пратите на 20 адреси ќе добиете Ериксон Р-320. Копијата пратете ја и на анна.сњелунгЖерицссон.цом.Ова е пораката која деновиве кружи по интернет адресите во Македонија и ги преполнува електронските сандачиња поради наивните препраќачи кои веруваат во невистинитата содржина која наликува на оние синџири на среќа. Една скопјанка се жали дека пораката ја примила дури 20 пати од различни личности, за само три дена. Таа е свесна дека се работи за измама, која само ја блокира нејзината меил адресата.

- Кој би подарувал мобилни телефони од модели кои одамна се заборавени. Трошокот за поштарината би бил поголем отколку што чини самиот телефонот. Кој денес би користел таков модел на мобилен. Телефонот е со обичен екран, а за инфра ред, ММС и слични работи тогаш воопшто не се ни претпоставувало дека може да има на мобилен телефон. Камера а телефон - што е тоа. Навистина телефоните се за во музеј. Не верувам дека денес воопшто некој се уште има ваков мобилен - вели скопјанката Марија Т.

Пораката во Македонија пристигнува на хрватски јазик. Со овој проблем не се соочуваат само Македонците. Во хрватските весници постојано се објавува дека се работи за измама во која луѓето не треба да веруваат.
- Не е невообичаено што на Интернет кружат вакви пораки, но ме чуди што некој може да поверува во вистинитоста на информациите. Тоа зборува за тоа колку луѓе се невработени и дека вработените на работа си играат со синџирите на среќа, велат дел од загрепчани кои се запрашуваат што се крие зад чудното подарување на телефони.

Најверојатно оваа електронска порака и нанесува штета на фирмата Ериксон, а со оглед на тоа што меилот треба да се врати и на адреса на фирмата, праќањето на вакви мејлови ги блокира сандачињата на Ериксон и оневозможува пристигнување на останати пораки. Моделите на телефони кои наводно се подаруваат се стари осум години, кога Ериксон се занимаваше со нивно производство. Доколку малку подразмислат луѓето што ги добиваат ваквите пораки ќе сфатат дека денес мобилните телефони се составен дел од производството на фирмата ќерка таканаречена Сони Ериксон, а не Ериксон. Моделите на мобилните телефони Ериксон повеќе и не постојат.

Не ги препраќајте мејловите
Повторно се појави ланец на среќа поврзан со името на корпорацијата Ериксон за подарување на мобилни телефони. Како и сите слични и ова е меил кој што нема никаква основа. Воедно тоа е и копија на порака којашто се препраќаше во 2004 година. Ваквите пораки само и штетат на компанијата Ериксон. Ве молиме овој меил да не го препраќате понатаму. Ова е пораката од компанијата Ериксон, објавена во странските медиуми.

Извор: Б.З. (25.06.2008). Македонците посегнаа по историските модели на Ериксон. Вечер.

вторник, 24 јуни 2008

Нова Македонија: Телекомот во војна со ИТ-компаниите

„Македонски телеком“ треба да прикаже по какви цени им се нудат интернет-услуги на граѓаните во Германија, а по какви цени нудат интернет-услуги на македонскиот пазар, а потоа да обвинуваат дека определени информатички компании во Македонија земале преголеми маржи при продажба на информатичките производи, реагираа некои од домашните компјутерски компании. Тие информираа дека пакетите за АДСЛ-услуги што ги нуди телекомот во земјава се најмалку двапати поскапи отколку што чинат истите пакети во Германија.Односите меѓу телекомот и информатичките компании-членки на ИКТ-комората (информациско-комуникациската технологија) при Сојузот на стопанските комори на Македонија се заострија откако комората во минатата недела побара од Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) да реагира бидејќи, според нив, „Македонски телеком“ (МТ) ги злоупотребувал концесијата и доминантната положба на пазарот со понудата на пакетот „Макс АДСЛ 2 + персонален компјутер за резиденцијални корисници“ и специјалната понуда наречена „Пакет – макс АДСЛ + персонален компјутер“. Во комората сметаат дека МТ ја злоупотребува позицијата бидејќи на пазарот како дел од понудата на услуги на широкопојасен Интернет нуди и тргува персонални и преносни компјутери и компјутерска опрема. Според ИКТ-комората, телекомот продава компјутерска опрема како дел од пакет услуги со одложено плаќање без притоа да утврди интерес - камата, со што наметнува поповолни услови на плаќање и цена што другите субјекти не можат да ја понудат, бидејќи на пазарот системот на одложено плаќање го обезбедуваат банките или небанкарските финансиски институции, преку договорите за кредит и договорите за лизинг.„Во овој случај, ‘Македонски телеком’ воспоставува квазисистем на лизинг бидејќи тој истовремено е и продавач и понудувач на лизинг во однос на корисниците на услугите, со што исто така грубо ги прекршува одредбите на членот 3, став 2, од Законот за лизинг, бидејќи ‘Македонски телеком АД‘ нема дозвола за вршење работа како давател на лизинг издадена од Министерството за финансии“, велат во комората. Оттаму додаваат дека трговските друштва што вршат продажба и изнајмување на компјутерска опрема не се во можност да ги понудат истите услови на продажба и продажни цени затоа што доколку потенцијалните купувачи сакаат да набават персонален или преносен компјутер од трговските друштва, тие треба да склучат договор за кредит или лизинг со банка или небанкарска финансиска институција, со што се зголемуваат оперативните и реалните трошоци што влијаат на крајната цена на производите и услугите. Во „Македонски телеком“ ги отфрлија обвинувањата. Оттаму ги обвинија ССК за ширење невистини и инсинуации. „За наводна злоупотреба може да стане збор кај определени ИТ-компании, кои со години со високите маржи го исцрпуваа и така тенкиот џеб на македонскиот граѓанин“, велат во телекомот. Последниот збор за тоа дали телекомот може да ја нуди оваа услуга го има КЗК, од која неофицијално најавија дека има простор за разгледување на случајот.

Извор: В.Н. (24.6.08). Телекомот во војна со ИТ-компаниите . Нова Македонија.

Вечер: Телеком ги укина 100 бесплатни минути

ПРВИОТ ФИКСЕН ОПЕРАТОР ЈА РЕПОЗИЦИОНИРА ПОНУДАТА

Во услови кога конкуренцијата ги намали цените на разговорите во фиксната телефонија, надлежните во Мактел сакаат да скратат одредени поволности во стандардниот пакет за сметка на одредени бенефити во новите тарифни модели
.

Македонски Телеком ги укина 100-те бесплатни минути што досега не им ги наплатуваше на своите претплатници на стандардниот модел. Од компанијата објаснуваат дека со повлекувањето на бесплатните минути, почнуваат со нудење на други поволности за корисниците на трите нови тарифни модели што ќе се применуваат од први јули, годинава. Во услови кога конкуренцијата ги намали цените на разговорите во фиксната телефонија, надлежните во Телеком велат дека на овој начин прават репозиционирање на продуктното портфолио, односно скратуваат одредени вредности на стандардниот пакет за сметка на одредени бенефити во новите тарифни модели Call Comfort, Call Free и Омилени броеви со кои сакаат да ги задржат претплатниците, но и да придобијат нови.

ВЕЧЕР пишуваше дека Космофон кој од минатата недела почна со фиксна телефонија исфрли на пазарот цени на разговори и за 40 проценти пониски од оние што ги нуди Македонски Телеком. Надлежните во Телеком велат дека го чуствуваат Космофон како конкуренција во говорните услуги, признаваат дека имало грешки во минатато, но дека во компанијата сега постои волја да тргнат здраво на конкурентниот македонски пазар. Пример за тоа, од компанијата посочуваат на, од неодамна, намалените за 20 проценти интерконекциски цени кон други фиксни оператори, како и на цените за разврзан пристап на локална јамка.

Од компанијата појаснуваат дека со процесот на репозиционирање што ќе трае до крајот на годинава, сакаат да ги прилагодат услугите кон потребите на корисниците, да воведат новини што ги овозможува напредната технологија, како и да се позиционираат на пазарот според новата регулаторна рамка во земјава. Од Телеком велат дека нема да направат намалување на стандардната месечна претплата од 399 денари бидејќи тие пари што ги наплатуваат од корисниците им ги покрива трошоците за одржување на мрежата и во најодалечните места во земјава. На исто ниво ќе останат и цените на минута разговор на локално ниво од 1 денар во нормална и 0,6 денари во евтина тарифа. Националниот сообраќај и натаму ќе чини 3 денари-минута, а повици кон мобилните мрежи 9,99 денари-минута.

Од вчера Телеком воведе магнетни картички за своите лојални корисници кои со собирање на одреден број поени ќе можат да одберат некој производ од салоните на Телеком или со неа да си ја платат месечната сметка. Од септември Телеком најавува воведување на IPTV или телевизија преку интернет протокол што всушност е замена за кабелска или сателитска телевизија. Засега од компанијата не кажуваат колку ќе чини претплатата за користење на IPTV, но во други земји таа се движи од 10 до 70 евра.

Извор С.Бл. (24.06.2008). Телекомот ги укина 100 бесплатни минути. Вечер.

Вест: Телефонот поскапе

Од 1 јули Македонски телеком ги укинува бесплатните 100 минути разговор, вклучени во претплатата за телефон. Досега претплатниците за 399 денари месечно добиваа и 100 минути разговор, кои сега ќе им се наплатуваат во локален сообраќај по 1 денар за минута во скапа тарифа и 0,60 денари во евтина тарифа, а во национален сообраќај по 3 денари во скапа тарифа и 1,5 денари во евтина тарифа. Овие бесплатни минути во пракса вредеа до 100-тина денари, но според постарите рекламни кампањи на Телеком, ако се потрошеа на национални разговори, претставуваа заштеда и до 300 денари. Од компанијата вчера информираа ова е во согласност со препораките на Европската унија доминантниот фиксен оператор во месечната претплата да не вклучува дополнителни услуги.
Телеком од 1 јули ќе издава бесплатна детаљна листа на повикувани броеви на оние претплатници што ќе побараат исписот да им се доставува редовно секој месец. Извештајот нема да биде бесплатен за оние што ќе одлучат испис да побараат само за еден месец или ќе го бараат одвреме-навреме. Телеком ним ќе им наплаќа по околу 80 денари плус ДДВ за секој поединечен испис. Оваа понуда не важи и за корисниците на таканаречениот минимален модел, кој е со месечна претплата од 220 денари без ДДВ и е наменет за социјални случаи, како и за оние семејства кои месечно на разговор трошат до 80 денари.
Овие извештаи досега најчесто се бараа кога се поднесуваше приговор во Телеком зашто сметката била нереално висока. Досега извештајот чинеше 162 денара плус ДДВ ако се бараше по потреба, а во редовна претплата Телеком месечно наплаќаше по 81 денар плус ДДВ, како и 2 денара за секој лист хартија или 10 денари за достава преку и-мејл порака.

Извор: Т.Ј. (24.6.2008). Телефонот поскапе. Вест.

сабота, 21 јуни 2008

Утрински: Огромна побарувачка за фиксни линии од „Космофон“

Ден по објавата за лансирање услуги во фиксната телефонија под брендот АЛЛО, во „Космофон“ пристигнале над 1.000 барања за приклучок. Ова го изјави генералниот извршен директор Петрос Лефковиц во своето обраќање до претставниците на медиумите за време на забавата по повод пет години комерцијално работење на компанијата.

Според Лефковиц, ова е само дел од амбициозните планови на компанијата, кои се планирани за блиска иднина. Имено, во најскоро време се очекува "Космофон" да лансира и услуги на 3Г и вајмакс-технологиите, кои на корисниците ќе им донесат неограничени можности за комуникација. 

Извор: (21.6.08). Огромна побарувачка за фиксни линии од „Космофон“. Утрински Весник.

Нова Македонија: Странските донатори бегаат од Македонската радио-телевизија

Мисијата на ОБСЕ ја откажа помошта за претходно договорената донаторска конференција за Македонската радио-телевизија (МРТ) поради континуирано лошите случувања во националниот телевизиски сервис, а ќе размисли дали ќе помага во иднина. Ова го потврди портпаролката на ОБСЕ, Сали Браутон. 
ОБСЕ е најголем и постојан донатор во МРТВ. Според податоци од ОБСЕ, оваа организација има вложено околу половина милион евра во опрема и обуки за вработените во МРТ во периодот од 2003 година досега. Иницијативата за донаторска конференција била на МРТВ, а ОБСЕ требало да помогне таа да се реализира. 
- Проектот е откажан поради неисполнување на договорот од страна на МРТВ. Разочарани сме тоа во кој правец се движи куќата. Има совет, има управен одбор, сите заедно треба да бараат решение на проблемите - изјави Браутон за „Нова Македонија“. 
Претходно, на МРТ и помагаше и холандската асоцијација „Прес нау“, која ги поддржува медиумите во конфликтни региони и земји во транзиција и уште една германска асоцијација. Тие се повлекле пред две години. Официјалното образложение е дека загубиле интерес за Македонија.
Маја Мишковска, извршна директорка на МРТ, вели дека до неа не стигнала информација дека ОБСЕ ја откажува соработката. Таа уверува дека ќе се решат проблемите и куќата ќе продолжи да функционира како национален сервис. 
Мишковска вчера ги повика надлежните институции да спроведат истрага и да ги тужат сите што потпишувале неовластени вирмани, а посочи дека меѓу нив има и луѓе од нејзиниот кабинет. Додека донаторите креваат раце од МРТ, првиот јавен национален сервис продолжува да тоне. Вработените веќе две недели штрајкуваат, а раководството продолжува со јавните пресметки за тоа кој е виновен за пропаѓањето на куќата. МРТ го допре дното со нехигиената во зградата и со исклучувањето на телефоните и на Интернетот. 
Синдикатот засега немо ги следи случувањата. 
- Хаос е. Не знаеме што се случува, ниту некој нешто ни кажува. Ние од 4 јуни штрајкуваме. Ќе реагираме ако продолжат отпуштањата на вработените онака како што предвидоа со санациската програма - вели Љубица Пуцаревиќ, претставничка на синдикатот.

Извор: С.С. (21-22.6.08). Странските донатори бегаат од Македонската радио-телевизија. Нова Македонија.

петок, 20 јуни 2008

Вест: Космофон станува дел од Дојче телеком

"Дојче телеком" уште не ја информирал Комисијата за заштита на конкуренцијата за неговите планови со "Космофон", откако вчера грчкиот Парламент ја одобри продажбата на дел од телекомуникационата компанија ОТЕ на германската компанија. ОТЕ, преку грчкиот мобилен оператор "Космоте", е сопственик на "Космофон", кој на домашниот пазар понуди и услуги во фиксната телефонија. Согласно акционерскиот договор, "Дојче телеком" во ОТЕ ќе поседува 25 отсто, колку што има и грчката Влада, но ќе го преземе и управувањето со компанијата, со што се создаваат услови германскиот оператор да си го врати монополот во телефонијата во Македонија.
Од "Дојче телеком" вчера информираа дека договорот допрва треба да добие одобрување од надлежните антимонополски институции, меѓу кои се Комисијата на Европската унија и надлежните регулатори во Атина и Македонија.
"Очекуваме трансакцијата да заврши во втората половина од годинава. ' Дојче телеком' е целосно свесен за потенцијалното влијание на трансакцијата врз конкурентноста на македонскиот телекомуникациски пазар. Ние комунициравме со Комисијата за заштита на конкуренцијата уште во почетната фаза, со цел да ја потенцираме нашата подготвеност да соработуваме со надлежните институции", изјави Ана Бисхоф од "Дојче телеком". 
Претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата Чедомир Краљевски објаснува дека по вклучувањето на "Космофон" на пазарот со фиксна телефонија, дополнително се концентрира моќ кај "Дојче телеком", кој управува со доминантниот "Македонски телеком" и најголемиот мобилен оператор "Т-Мобиле Македонија". 
"Во моментот кога 'Дојче телеком' ќе го преземе управувањето со грчки ОТЕ настанува и обврската да не информираат за концентрацијата на моќ на домашниот пазар", изјави вчера Краљевски.

Извор: Т.Ј. (20.6.2008). Космофон станува дел од Дојче телеком. Вест

Утрински: Вработените во МРТВ добиjа плата за април

Вработените во Македонската радио-телевизија вчера добија плата и надоместоци за храна и превоз за април откако менаџментот се справи со компликациите што настанаа при исплатите. Менаџментот на јавниот сервис успеа да ги исплати платите за вработените по неколкучасовна расправија во банката. Како што објаснува Јанез Сајовиц, еден од двајцата директори на МРТВ, еуфоријата настанала поради тоа што Управниот одбор на јавниот сервис го овластил секретарот на Кабинетот на директорката Маја Мишовска, Сашо Ѓуровски, за сите трансакции преку налози. Според извори од јавниот сервис, Ѓуровски се води како хонорарен соработник во МРТВ, а е редовно вработен во компанијата „Макпетрол“. „Чудно е тоа што Ѓуровски, кој е во МРТВ на одредено време, по налог на претседателот на Управниот одбор, Леонад Наков, добил надлежност во банката. Тоа за мене нема смисла“, рече Сајовиц. Тој додаде дека се случувало неколкупати да има упад во жиро-сметката и оти морало да се најде начин да се надмине. Сајовиц оцени дека сето ова има заднина што почнала завчера со затворањето на санитарните јазли и дел од просториите. Извршниот директор на МРТ изрази надеж дека наскоро ќе може да се исплатат и другите две заостанати плати и заостанатите хранарини и превоз.

Извор: (20.6.08). Вработените во МРТВ добиjа плата за април. Утрински Весник.

четврток, 19 јуни 2008

Утрински: Фиксно „ало“ од вчера и преку „Космофон“

Мобилниот оператор „Космофон“ вчера го најави стартот на фиксната телефонија АЛЛО со понуда за корисниците и во постпејд и во при-пејд. Корисниците имаат можност да одберат уред за фиксна линија со кој ќе го поврзат својот постоен телефон или да одберат целосно решение, односно телефон со вграден уред за фиксна линија. Користењето на уредите во промотивниот период е бесплатно со склучување договор од 24 месеци. „Космофон“ ги нуди услугите во фиксната телефонија преку својата ГСМ-мрежа низ целата земја, со што моментно покрива 99,8 проценти од населението.

Во постпејд „Космофон“ нуди три тарифни модели, „АЛЛО 199“ со месечна претплата од 199 денари и 0,99 денари минута кон фиксната телефонија, „АЛЛО 299“ со месечна претплата од 299 денари, која вклучува 100 бесплатни минути кон сите национални фиксни мрежи и „АЛЛО 599“ со месечна претплата од 599 денари, која вклучува 600 бесплатни минути кон сите национални фиксни мрежи. Сите нови постпејд-корисници на АЛЛО што ќе се активираат во промотивниот период до 31 август добиваат и 1.000 бесплатни минути за разговор кон сите корисници на АЛЛО, кои треба да ги искористат во рок од три месеци од денот на активација, и три месеци без месечна претплата.

Во при-пејд сегментот, АЛЛО го нуди тарифниот модел „АЛЛО при-пејд“, кој овозможува фиксна линија без месечна претплата и без договор, како и достапност во период од 12 месеци без дополнување на сметката и 100 денари бесплатни разговори кон сите мрежи при активација на фиксната линија. Сите нови корисници на тарифниот модел „АЛЛО при-пејд“ активирани во промотивниот период до 31 август добиваат дополнителни 1.000 бесплатни минути кон сите броеви на АЛЛО, кои треба да ги искористат во рок од три месеци од денот на активација.

„Со воведувањето фиксни телефонски услуги, ’Космофон‘ уште еднаш го одржува своето ветување кон корисниците за конкурентна, едноставна и достапна комуникација за сите“, истакнува главниот извршен директор Петрос Лефковиц. 

Влезот на „Космофон“ во фиксната телефонија се случува во сенка на преземањето на ОТЕ од страна на „Дојче телеком“ и очекувањето што ќе се случи со „Космофон“ со оглед на тоа дека на тој начин се создава монопол на нашиот пазар. Во знак на револт, вработените во грчката ОТЕ вчера повторно стапија во штрајк поради најавениот договор на грчката држава со германски „Дојче телеком“. Вработените најавија одржување протестен митинг пред грчкиот парламент, каде што пратениците вчера требаше да го ратификуваат договорот за стратегиско партнерство на државата со „Дојче телеком“. Аналитичарите очекуваат дека договорот ќе го добие потребното минимално мнозинство пратеници. Двата оператора се присутни и на македонскиот пазар за мобилна телефонија преку „Космофон“ и „Т-мобиле“. 

Извршниот директор на „Македонски телеком“, Николај Бејкерс, смета дека прашањето за создавање монопол ги засега „Дојче телеком“ и ОТЕ и моментно тоа не влијае на „Македонски телеком“, кој е сопственост на „Маѓар телеком“, односно „Дојче телеком“.

Извор: (19.6.08). Фиксно „ало“ од вчера и преку „Космофон“. Утрински Весник.

Утрински: Интернет-увид во урбанистичките процедури

Граѓаните од Карпош имаат можност за целосен увид во постапките за издавање градежна документација и донесување на урбанистички планови на нејзината територија. Ова е овозможено со Генералниот информациски систем (ГИС), чијашто целосна дигитализација вчера ја промовира градоначалникот Андреј Петров. Според него, ГИС е најдобриот начин граѓаните транспарентно да бидат вклучени во превенирање на корупцијата во овој дел. Системот овозможува во секој момент заинтересираните да имаат увид во урбанистичките предмети, процедурите за издавање градежни дозволи и плановите за урбанизација на општината. Пристап до системот може да има секој корисник на Интернет, преку општинската веб-страница www.karpos.gov.mk.

Извор: Дс.Т. (19.6.08). Интернет-увид во урбанистичките процедури. Утрински Весник.

Дневник: „Космофон“ стартува со фиксна телефонија

Мобилниот оператор „Космофон“ стартува со фиксна телефонија преку својата ГСМ-мрежа, со која покрива 99,8 отсто од населението. Цената на минута разговор во нивната мрежа е 0,49 денари, кон броеви на „Македонски телеком“ - 0,99 денари, кон мобилната мрежа на „Космофон“ - 4,99 денари, а кон другите мобилни мрежи - 9,99 денари. Корисниците може да избираат меѓу три постпејд пакети, чија месечна претплата се движи од 199 до 599 денари со вклучени бесплатни минути, и припејд пакет без претплата.За да се користи фиксната телефонија на „Космофон“, треба да се има посебен модем, кој се поставува во домот на корисникот и на кој се приклучува телефонскиот апарат. Модемот се добива бесплатно ако се склучи договор од 24 месеци, а неговата цена за припејд пакетите е 3.290 денари. Корисниците на фиксната мрежа на „Космофон“ не мора да имаат телефонски број од „Македонски телеком“. Телефонските броеви на новиот оператор ќе почнуваат со броевите 52Х-ХХХ, а карактеристичните повици за градовите на живеење остануваат исти.

Извор: М.Б. (19.6.08). „Космофон“ стартува со фиксна телефонија. Дневник.

Вест: "Космофон" со претплата од 200 денари

Мобилниот оператор "Космофон" вчера понуди и фиксна телефонија под брендот АЛЛО. Операторот понуди три типа месечна претплата според можностите на корисниците, а нуди и при-пејд ваучери за оние што не сакаат претплата.
Најевтиниот пакет е со месечна претплата од 199 денари, за кои корисникот може да разговара со сите фиксни мрежи за 0,99 денари за една минута. Вториот пакет со претплата од 299 денари во себе вклучува и 100 бесплатни минути кон сите национални фиксни мрежи. Откако ќе се потрошат тие, една минута разговор кон мрежата на АЛЛО чини 0,49 денари, додека кон останатите фиксни оператори - 0,99 денари. Третиот пакет со месечна претплата од 599 денари вклучува 600 бесплатни минути, а цените за разговор се исти како и за претходниот пакет.
Во сите пакети, една минута разговор кон "Космофон" чини 4,99 денари во скапата тарифа и 1,99 денари во евтината тарифа. Кон останатите мобилни мрежи, АЛЛО ќе наплаќа 9,99 денари за минута во скапата тарифа и 3,99 денари во евтината тарифа.
АЛЛО нуди и при-пејд ваучери во вредност од 100 до 1.000 денари.
Разговорот се тарифира на една минута, а истите цени важат и за локалните и за меѓуградските разговори.
Од "Космофон" информираа дека нивната фиксна мрежа ќе функционира преку ГСМ- мрежата, а за корисниците ќе понудат специјални безжични фиксни телефони, кои чинат 2.990 денари, но со договор од 24 месеци ќе ги даваат бесплатно. Оние што ќе сакаат да го задржат класичниот фиксен телефон, треба да набават модем, кој чини 3.290 денари, а со договор од 24 месеци "Космофон" ќе го дава бесплатно.
Само за споредба, месечната претплата кај Телеком чини 399 денари со 100 минути бесплатен разговор, а кај Он.тел - 990 денари со 300 минути бесплатни кон Телеком и неограничено во неговата мрежа.
Извор: Т.Ј. (19.6.2008). "Космофон" со претплата од 200 денари. Вест.

среда, 18 јуни 2008

Дневник: Оставаат девојки и работа за да играат

Напуштени работни места, квадрирање и запоставени студии и раскинати љубовни врски се цената што ја плаќаат најзагрозените македонски гејмери за паралелен живот во виртуелниот свет на видеоигрите.Со развојот на технологијата, достапноста на конзолите и персоналните компјутери, видеоигрите стануваат доминантен вид на забава за младите, што предизвика дебата во научните кругови, кои постојано предупредуваат дека оваа забава лесно се претвора во зависност.„Кантер страјк“, „Ворлд оф Варкрафт“, „Кал оф дјути“ се само некои од најпознатите онлајн-игри со кои голем број луѓе го пополнуваат своето време, често занемарувајќи ги обврските во реалниот свет.Јавноста често ги осудува играчниците, сметајќи ги за губење време, но за гејмерите, интернет-кафулињата се места на кои меѓусебно се запознаваат и стекнуваат нови пријатели. Иако нема точни податоци, се претпоставува дека гејмерската заедница во Македонија ја сочинуваат над 100.000 луѓе, а старосната граница е од 8 до 49 години.

Извор: (18.6.2008). Оставаат девојки и работа за да играат. Дневник.

сабота, 14 јуни 2008

Утрински: Катастарот воведе нова Интернет-услуга

Државниот завод за геодетски работи на својата веб-страница воведе нова Интернет-услуга - приказ на топографски карти и авионски фотоснимки.Новата услуга овозможува пребарувања по општини и по населени места и дава преглед на топографските карти во размер од 1:1.000.000 до 1:250.000, како и орто-фотокарти за Скопје и за Прилеп во размер 1:1.000.Сервисот е наменет за физички и правни лица, приватни геодетски фирми, органи на државната управа, владини и невладини институции и за сите други корисници.Податоците од новата Интернет-услуга може да се користат доколку се отвори веб-страницата на Катастарот www.katastar.gov.mk, по што се кликнува линкот нова Интернет-услуга - приказ на топографски карти и авионски фотоснимки.
Извор: (14.6.2008). Катастарот воведе нова Интернет-услуга. Утрински Весник.

вторник, 10 јуни 2008

Нова Македонија: „Космофон“: Нема да не затворат

Неосновани се информациите дека „Космофон“ ќе биде затворен за да се избегне монопол на пазарот на мобилната телефонија, соопштија вчера од компанијата. Реакцијата следува откако грчкиот весник „Та неа“ објави дека грчки „Оте“ ќе го затвори „Космофон“ за да не им штети на интересите на „Дојче телеком“ на македонскиот пазар. Германската компанија неодамна склучи договор за стратегиско партнерство со грчката влада за влегување во националната компанија „Оте“, која пак е сопственик на „Космоте“, компанија под чија капа работи мобилниот оператор „Космофон“. - „Космофон“ е значајна, мултимилионска инвестиција на групацијата „Космоте“ и ќе продолжи да ги исполнува своите планови за да ги максимизира својата вредност и потенцијал на пазарот. Ние целосно сме предадени во остварувањето на обврските кон нашите акционери, нашите вработени и пред се нашите корисници, кои ја покажуваат својата доверба во „Космофон“ - велат во компанијата. Во написот на „Та неа“ се вели дека во договорот меѓу „Дојче телеком“ и грчката влада, Атина ги прифатила условите според кои „Космоте“ ја прекинува дејноста во Македонија и нема да ја користи дозволата за развивање на дејноста во Црна Гора. По влегувањето на „Дојче телеком“ во „Оте“, претставници на германската компанија се сретнаа со членовите на Комисијата за заштита на конкуренцијата на која беа разменети првични информации за спојувањето на двата телекомуникациски гиганта. „Дојче телеком“ преку „Те-мобајл“ и „Космофон“ ќе има монопол на македонскиот пазар на мобилна телефонија, со оглед на тоа што овие два оператора имаат повеќе од 90 отсто пазарно учество. Комисијата за заштита на конкуренцијата досега не се изјасни по ова прашање. Во јавноста веќе се шпекулира дека е можна продажба на „Космофон“ за да се избегне забраната за вршење дејност.

Извор: (10.6.2008). „Космофон“: Нема да не затворат . Нова Македонија.

Утрински: „Космофон“ демантира дека ќе биде затворен

Мобилниот оператор „Космофон“ ги отфрли како целосно неосновани најавите дека ќе биде затворен, со цел да се избегне монополот во Македонија. Реакцијата на компанијата следува по објавените информации во грчките медиуми дека грчки ОТЕ ќе го затвори „Космофон“ за да не им наштети на интересите на „Дојче телеком“, кој со преземањето на ОТЕ во Македонија станува сопственик на двата оператора - на „Т-мобиле“ и на „Космофон“, кои поседуваат околу 90 отсто од пазарот на мобилна телефонија во земјата. 

„’Космофон‘ е значајна, мултимилионска инвестиција за групацијата ’Космоте‘ и ќе продолжи да ги исполнува своите планови со цел да ја максимизира својата вредност и потенцијал на пазарот. Целосно сме предадени во остварувањето на обврските спрема нашите акционери, нашите вработени и, пред се', спрема нашите корисници кои ја покажуваат својата доверба во ’Космофон‘“, се вели во соопштението од компанијата. 

Од „Космофон“ сметаат дека засега не може да стане збор за негово затворање или за прецизирање на која било поинаква судбина од сегашната, бидејќи договорот меѓу грчката влада и „Дојче телеком“ за преземање на ОТЕ се' уште не е ратификуван во парламентот на Грција. Од компанијата најавуваат дека продолжуваат со реализација на бизнис-планот. Инаку, досега се одолжуваше почетокот на расправата за ратификацијата на спогодбата меѓу грчката влада и „Дојче телеком“ околу продажба на грчки ОТЕ, а според грчките медиуми, таа треба да почне неделава.

Од Комисијата за заштита на конкуренцијата информираат дека до нив се' уште не е стигнато никакво известување од „Дојче телеком“, кое евентуално би дало насока каква би била судбината на вториот мобилен оператор во земјава, поточно дали тој ќе се затвора, дали ќе се продава или ќе продолжи да работи, што би создало концентрација на моќ и би создало монопол. Според пишувањата на грчки „Та неа“, најавата за затворање на „Космофон“ е поради намерата на ОТЕ да ја прекине работата на мобилните оператори во Македонија и во Црна Гора, бидејќи во овие држави „Дојче телеком“ е застапен со брендот „Т-мобиле“.

Според упатените, судбината на „Космофон“ целосно е во рацете на новиот сопственик „Дојче телеком“, кој има два избора - да го продаде мобилниот оператор или да го затвори. Како и да е, и двата избора ќе бидат со последици. Продажбата ќе значи внесување здрава конкуренција на пазарот на мобилната телефонија, што не му одговара на „Дојче телеком“, додека затворањето ќе значи крај на профитабилниот бизнис во кој се вртат десетици милиони евра годишно. Можеби најлогичен потег би било „Космофон“ да влезе на пазарот на фиксната телефонија, за што имаше најава, но и во тој случај ќе има монопол на пазарот, бидејќи „Космофон“ е во сопственост на „Дојче телеком“, кој, пак, е присутен на пазарот на фиксната телефонија преку „Т-хоум“.

Извор: Александрија Стевковска. (10.6.08). „Космофон“ демантира дека ќе биде затворен. Утрински Весник.

понеделник, 9 јуни 2008

Вест: Космофон се затвора

Затворање на мобилниот оператор "Космофон" најавува грчкиот весник "Та неа". "Космофон" е во сопственост на грчкиот мобилен оператор "Космоте", компанија ќерка на грчкиот национален телеком ОТЕ.
"Та неа" пишува дека "Космоте", по внимателно проучување на договорот потпишан од грчката Влада и германскиот гигант "Дојче телеком" за стратешко партнерство, ги прифатил условите, според кои "Космоте" ја прекинува дејноста во Македонија и нема да ја користи дозволата за мобилна телефонија во Црна Гора.
Целта, според "Та неа", е да не се наштети на интересите на "Дојче телеком".
Германскиот оператор во Македонија е присутен преку Македонски телеком, мобилниот оператор "Т-Мобиле Македонија", а по реализација на грчко-германскиот договор, под свое треба да го има и "Космофон". Со тоа постои опасност "Дојче телеком" да управува околу 92 отсто од домашниот пазар со мобилна телефонија.
Од "Космофон" вчера не сакаа да ги коментираат најавите кои пристигнаа од Грција.
Веста за затворање на мобилниот оператор, кој во Македонија вработува околу 400 лица, доаѓа откако во петокот извори од "Космофон" најавија дека за следнава недела операторот ќе понуди услуги во фиксната телефонија. Деновиве менаџментот требаше да соопшти детали за нивната понуда.
Ова проширување на дејноста се протолкува како подигање на вредноста на операторот во пресрет на очекуваната продажба за да се спречи враќање на монополот на "Дојче телеком" во Македонија.
"Космофон" на почетокот на месецов почна и со намалување на бројот на вработени. Неофицијално, во првиот бран откази добија околу 30-ина вработени, а до крајот треба да си заминат околу 15 отсто од вработените. Од "Космофон" одбија да коментираат колку откази ќе се поделат, но потврдија дека отпуштањата се дел од процесите за продажба, односно реструктуирање на компанијата за нови дејности.
"Космофон", покрај концесискиот договор за услуги од ГСМ мобилната телефонија, од минатата година ги доби и лиценците за третата генерација на мобилна телефонија - 3Г и за безжична фиксна телефонија - вајмакс.

Извор: Т.Ј. (09.06.2008). Космофон се затвора. Вест

четврток, 5 јуни 2008

Вечер: Немаме тастатури со македонско кирилично писмо

- Во Македонија не постојат тастатури кои го имаат македонското кирилично писмо. Ова е голем проблем за Македонија. Владата прави големи напори за да се обезбедат тастатури кои ќе бидат со кирилично писмо.

Ова вчера го изјави министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, на трибината "Кирилицата и информатичката технологија" одржана во Стопанска комора на Македонија. Министерот Ивановски ја потенцираше и агресивната кампања на Владата за подобрување на информатичкото општество, но додаде дека во тој случај не смеат да бидат заборавени нашиот мајчин јазик и писмо. "Кирилицата постои, но не постои во некои фонтови", рече министерот Ивановски. "Друг проблем е пробивот на термини од англиско потекло, со кој се повеќе и повеќе ќе згаснува мајчиниот јазик", додаде тој. Запрашан за чинењето на евентуална кампања за кирилицата, Ивановски одговори дека не би требало да се разговара за финансиски средства кога е во прашање таква важна работа за македонскиот народ.

На трибината каде присутни беа 30-тина професори, лингвисти, писатели, директорот на Мајкрософт Македонија, Илија Гаговски, кажа дека во рамките на кампањата е изработен и кириличен фонт. Верзија на ТТФ фонт, е слободна за симнување на страната www.mojatakirilica.com.mk, каде е поставено и провокативното прашање: Ја убиваат ли компјутерите македонската кирилица?

Кампањата со мото "Го чувам своето - додека пишувам кирилица - постојам!", почна на 23 април и ќе трае до 10 јуни. Иницирана е од маркетинг агенцијата "Идеа плус комуникации" и Македонската информативна агенција - МИА, а поддржана од научната и уметничката јавност, од институции, бизнис-заедницата и од медиумите.

Извор: Де.т. (5.06.2008). Немаме тастатури со македонско кирилично писмо. Вечер.

вторник, 3 јуни 2008

Дневник: Поделени првите откази во „Космофон“

Во „Космофон“ вчера и во петокот им беа поделени откази на триесетина вработени што се прогласени за технолошки вишок. Првите отказни решенија им биле врачени на 16 вработени во петокот, а вчера уште на десетина лица. Повеќето од отпуштените се високообразовани кадри од техничка струка. Иако отказните решенија стапуваат во сила на 1 јули, на отпуштените веднаш им биле одземени електронските картички за влез во фирмата и им биле блокирани компјутерите. Во мобилниот оператор изјавија дека го намалуваат бројот на вработените за да постигнат поголема ефикасност во работењето.Компанијата се преструктурира во согласност со новите амбициозни планови за развој на мобилната мрежа од третата генерација и на вајмакс-безжичниот интернет - објаснија од „Космофон“.Оттаму не кажуваат според кои услови ги отпуштаат вработените. Дел од отпуштените велат дека фирмата ќе им исплати по една плата како испратнина, колку што следува и според Законот за работните односи.Во Сојузот на синдикатите порачуваат дека Општиот колективен договор налага работодавецот, пред да прогласи технолошки вишок, да утврди критериуми според кои ќе одредува кои работници се прекубројни. Отпуштања по основа на технолошки вишок требало да се спроведуваат во соработка со синдикатот.Ако работодавецот ги отпушти вработените без да ги исполни овие два услова, го крши законот. Отпуштените може да се обратат до синдикатот, кој ќе им даде правна помош за да ги остварат правата од работен однос - вели Драги Јовановски, раководител на правниот сектор во ССМ. Отпуштените работници ги оспоруваат причините за прогласување технолошки вишок бидејќи во компанијата во изминатите месеци имало нови вработувања.Од ССМ, пак, објаснуваат дека ако работодавецот го отпушти работникот од деловни причини, не може на истото место да вработи друг со иста стручна подготовка во рок од една година. Ако во тој рок се отвори истото работно место, предност за вработување има работникот на кој претходно му престанал работниот однос.

Извор: Марјан Блажевски. (3.6.08). Поделени првите откази во „Космофон“. Дневник.