четврток, 19 јуни 2008

Утрински: Фиксно „ало“ од вчера и преку „Космофон“

Мобилниот оператор „Космофон“ вчера го најави стартот на фиксната телефонија АЛЛО со понуда за корисниците и во постпејд и во при-пејд. Корисниците имаат можност да одберат уред за фиксна линија со кој ќе го поврзат својот постоен телефон или да одберат целосно решение, односно телефон со вграден уред за фиксна линија. Користењето на уредите во промотивниот период е бесплатно со склучување договор од 24 месеци. „Космофон“ ги нуди услугите во фиксната телефонија преку својата ГСМ-мрежа низ целата земја, со што моментно покрива 99,8 проценти од населението.

Во постпејд „Космофон“ нуди три тарифни модели, „АЛЛО 199“ со месечна претплата од 199 денари и 0,99 денари минута кон фиксната телефонија, „АЛЛО 299“ со месечна претплата од 299 денари, која вклучува 100 бесплатни минути кон сите национални фиксни мрежи и „АЛЛО 599“ со месечна претплата од 599 денари, која вклучува 600 бесплатни минути кон сите национални фиксни мрежи. Сите нови постпејд-корисници на АЛЛО што ќе се активираат во промотивниот период до 31 август добиваат и 1.000 бесплатни минути за разговор кон сите корисници на АЛЛО, кои треба да ги искористат во рок од три месеци од денот на активација, и три месеци без месечна претплата.

Во при-пејд сегментот, АЛЛО го нуди тарифниот модел „АЛЛО при-пејд“, кој овозможува фиксна линија без месечна претплата и без договор, како и достапност во период од 12 месеци без дополнување на сметката и 100 денари бесплатни разговори кон сите мрежи при активација на фиксната линија. Сите нови корисници на тарифниот модел „АЛЛО при-пејд“ активирани во промотивниот период до 31 август добиваат дополнителни 1.000 бесплатни минути кон сите броеви на АЛЛО, кои треба да ги искористат во рок од три месеци од денот на активација.

„Со воведувањето фиксни телефонски услуги, ’Космофон‘ уште еднаш го одржува своето ветување кон корисниците за конкурентна, едноставна и достапна комуникација за сите“, истакнува главниот извршен директор Петрос Лефковиц. 

Влезот на „Космофон“ во фиксната телефонија се случува во сенка на преземањето на ОТЕ од страна на „Дојче телеком“ и очекувањето што ќе се случи со „Космофон“ со оглед на тоа дека на тој начин се создава монопол на нашиот пазар. Во знак на револт, вработените во грчката ОТЕ вчера повторно стапија во штрајк поради најавениот договор на грчката држава со германски „Дојче телеком“. Вработените најавија одржување протестен митинг пред грчкиот парламент, каде што пратениците вчера требаше да го ратификуваат договорот за стратегиско партнерство на државата со „Дојче телеком“. Аналитичарите очекуваат дека договорот ќе го добие потребното минимално мнозинство пратеници. Двата оператора се присутни и на македонскиот пазар за мобилна телефонија преку „Космофон“ и „Т-мобиле“. 

Извршниот директор на „Македонски телеком“, Николај Бејкерс, смета дека прашањето за создавање монопол ги засега „Дојче телеком“ и ОТЕ и моментно тоа не влијае на „Македонски телеком“, кој е сопственост на „Маѓар телеком“, односно „Дојче телеком“.

Извор: (19.6.08). Фиксно „ало“ од вчера и преку „Космофон“. Утрински Весник.

Нема коментари: