петок, 20 јуни 2008

Вест: Космофон станува дел од Дојче телеком

"Дојче телеком" уште не ја информирал Комисијата за заштита на конкуренцијата за неговите планови со "Космофон", откако вчера грчкиот Парламент ја одобри продажбата на дел од телекомуникационата компанија ОТЕ на германската компанија. ОТЕ, преку грчкиот мобилен оператор "Космоте", е сопственик на "Космофон", кој на домашниот пазар понуди и услуги во фиксната телефонија. Согласно акционерскиот договор, "Дојче телеком" во ОТЕ ќе поседува 25 отсто, колку што има и грчката Влада, но ќе го преземе и управувањето со компанијата, со што се создаваат услови германскиот оператор да си го врати монополот во телефонијата во Македонија.
Од "Дојче телеком" вчера информираа дека договорот допрва треба да добие одобрување од надлежните антимонополски институции, меѓу кои се Комисијата на Европската унија и надлежните регулатори во Атина и Македонија.
"Очекуваме трансакцијата да заврши во втората половина од годинава. ' Дојче телеком' е целосно свесен за потенцијалното влијание на трансакцијата врз конкурентноста на македонскиот телекомуникациски пазар. Ние комунициравме со Комисијата за заштита на конкуренцијата уште во почетната фаза, со цел да ја потенцираме нашата подготвеност да соработуваме со надлежните институции", изјави Ана Бисхоф од "Дојче телеком". 
Претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата Чедомир Краљевски објаснува дека по вклучувањето на "Космофон" на пазарот со фиксна телефонија, дополнително се концентрира моќ кај "Дојче телеком", кој управува со доминантниот "Македонски телеком" и најголемиот мобилен оператор "Т-Мобиле Македонија". 
"Во моментот кога 'Дојче телеком' ќе го преземе управувањето со грчки ОТЕ настанува и обврската да не информираат за концентрацијата на моќ на домашниот пазар", изјави вчера Краљевски.

Извор: Т.Ј. (20.6.2008). Космофон станува дел од Дојче телеком. Вест

Нема коментари: