вторник, 24 јуни 2008

Вечер: Телеком ги укина 100 бесплатни минути

ПРВИОТ ФИКСЕН ОПЕРАТОР ЈА РЕПОЗИЦИОНИРА ПОНУДАТА

Во услови кога конкуренцијата ги намали цените на разговорите во фиксната телефонија, надлежните во Мактел сакаат да скратат одредени поволности во стандардниот пакет за сметка на одредени бенефити во новите тарифни модели
.

Македонски Телеком ги укина 100-те бесплатни минути што досега не им ги наплатуваше на своите претплатници на стандардниот модел. Од компанијата објаснуваат дека со повлекувањето на бесплатните минути, почнуваат со нудење на други поволности за корисниците на трите нови тарифни модели што ќе се применуваат од први јули, годинава. Во услови кога конкуренцијата ги намали цените на разговорите во фиксната телефонија, надлежните во Телеком велат дека на овој начин прават репозиционирање на продуктното портфолио, односно скратуваат одредени вредности на стандардниот пакет за сметка на одредени бенефити во новите тарифни модели Call Comfort, Call Free и Омилени броеви со кои сакаат да ги задржат претплатниците, но и да придобијат нови.

ВЕЧЕР пишуваше дека Космофон кој од минатата недела почна со фиксна телефонија исфрли на пазарот цени на разговори и за 40 проценти пониски од оние што ги нуди Македонски Телеком. Надлежните во Телеком велат дека го чуствуваат Космофон како конкуренција во говорните услуги, признаваат дека имало грешки во минатато, но дека во компанијата сега постои волја да тргнат здраво на конкурентниот македонски пазар. Пример за тоа, од компанијата посочуваат на, од неодамна, намалените за 20 проценти интерконекциски цени кон други фиксни оператори, како и на цените за разврзан пристап на локална јамка.

Од компанијата појаснуваат дека со процесот на репозиционирање што ќе трае до крајот на годинава, сакаат да ги прилагодат услугите кон потребите на корисниците, да воведат новини што ги овозможува напредната технологија, како и да се позиционираат на пазарот според новата регулаторна рамка во земјава. Од Телеком велат дека нема да направат намалување на стандардната месечна претплата од 399 денари бидејќи тие пари што ги наплатуваат од корисниците им ги покрива трошоците за одржување на мрежата и во најодалечните места во земјава. На исто ниво ќе останат и цените на минута разговор на локално ниво од 1 денар во нормална и 0,6 денари во евтина тарифа. Националниот сообраќај и натаму ќе чини 3 денари-минута, а повици кон мобилните мрежи 9,99 денари-минута.

Од вчера Телеком воведе магнетни картички за своите лојални корисници кои со собирање на одреден број поени ќе можат да одберат некој производ од салоните на Телеком или со неа да си ја платат месечната сметка. Од септември Телеком најавува воведување на IPTV или телевизија преку интернет протокол што всушност е замена за кабелска или сателитска телевизија. Засега од компанијата не кажуваат колку ќе чини претплатата за користење на IPTV, но во други земји таа се движи од 10 до 70 евра.

Извор С.Бл. (24.06.2008). Телекомот ги укина 100 бесплатни минути. Вечер.

Нема коментари: