вторник, 10 јуни 2008

Нова Македонија: „Космофон“: Нема да не затворат

Неосновани се информациите дека „Космофон“ ќе биде затворен за да се избегне монопол на пазарот на мобилната телефонија, соопштија вчера од компанијата. Реакцијата следува откако грчкиот весник „Та неа“ објави дека грчки „Оте“ ќе го затвори „Космофон“ за да не им штети на интересите на „Дојче телеком“ на македонскиот пазар. Германската компанија неодамна склучи договор за стратегиско партнерство со грчката влада за влегување во националната компанија „Оте“, која пак е сопственик на „Космоте“, компанија под чија капа работи мобилниот оператор „Космофон“. - „Космофон“ е значајна, мултимилионска инвестиција на групацијата „Космоте“ и ќе продолжи да ги исполнува своите планови за да ги максимизира својата вредност и потенцијал на пазарот. Ние целосно сме предадени во остварувањето на обврските кон нашите акционери, нашите вработени и пред се нашите корисници, кои ја покажуваат својата доверба во „Космофон“ - велат во компанијата. Во написот на „Та неа“ се вели дека во договорот меѓу „Дојче телеком“ и грчката влада, Атина ги прифатила условите според кои „Космоте“ ја прекинува дејноста во Македонија и нема да ја користи дозволата за развивање на дејноста во Црна Гора. По влегувањето на „Дојче телеком“ во „Оте“, претставници на германската компанија се сретнаа со членовите на Комисијата за заштита на конкуренцијата на која беа разменети првични информации за спојувањето на двата телекомуникациски гиганта. „Дојче телеком“ преку „Те-мобајл“ и „Космофон“ ќе има монопол на македонскиот пазар на мобилна телефонија, со оглед на тоа што овие два оператора имаат повеќе од 90 отсто пазарно учество. Комисијата за заштита на конкуренцијата досега не се изјасни по ова прашање. Во јавноста веќе се шпекулира дека е можна продажба на „Космофон“ за да се избегне забраната за вршење дејност.

Извор: (10.6.2008). „Космофон“: Нема да не затворат . Нова Македонија.

Нема коментари: