вторник, 10 јуни 2008

Утрински: „Космофон“ демантира дека ќе биде затворен

Мобилниот оператор „Космофон“ ги отфрли како целосно неосновани најавите дека ќе биде затворен, со цел да се избегне монополот во Македонија. Реакцијата на компанијата следува по објавените информации во грчките медиуми дека грчки ОТЕ ќе го затвори „Космофон“ за да не им наштети на интересите на „Дојче телеком“, кој со преземањето на ОТЕ во Македонија станува сопственик на двата оператора - на „Т-мобиле“ и на „Космофон“, кои поседуваат околу 90 отсто од пазарот на мобилна телефонија во земјата. 

„’Космофон‘ е значајна, мултимилионска инвестиција за групацијата ’Космоте‘ и ќе продолжи да ги исполнува своите планови со цел да ја максимизира својата вредност и потенцијал на пазарот. Целосно сме предадени во остварувањето на обврските спрема нашите акционери, нашите вработени и, пред се', спрема нашите корисници кои ја покажуваат својата доверба во ’Космофон‘“, се вели во соопштението од компанијата. 

Од „Космофон“ сметаат дека засега не може да стане збор за негово затворање или за прецизирање на која било поинаква судбина од сегашната, бидејќи договорот меѓу грчката влада и „Дојче телеком“ за преземање на ОТЕ се' уште не е ратификуван во парламентот на Грција. Од компанијата најавуваат дека продолжуваат со реализација на бизнис-планот. Инаку, досега се одолжуваше почетокот на расправата за ратификацијата на спогодбата меѓу грчката влада и „Дојче телеком“ околу продажба на грчки ОТЕ, а според грчките медиуми, таа треба да почне неделава.

Од Комисијата за заштита на конкуренцијата информираат дека до нив се' уште не е стигнато никакво известување од „Дојче телеком“, кое евентуално би дало насока каква би била судбината на вториот мобилен оператор во земјава, поточно дали тој ќе се затвора, дали ќе се продава или ќе продолжи да работи, што би создало концентрација на моќ и би создало монопол. Според пишувањата на грчки „Та неа“, најавата за затворање на „Космофон“ е поради намерата на ОТЕ да ја прекине работата на мобилните оператори во Македонија и во Црна Гора, бидејќи во овие држави „Дојче телеком“ е застапен со брендот „Т-мобиле“.

Според упатените, судбината на „Космофон“ целосно е во рацете на новиот сопственик „Дојче телеком“, кој има два избора - да го продаде мобилниот оператор или да го затвори. Како и да е, и двата избора ќе бидат со последици. Продажбата ќе значи внесување здрава конкуренција на пазарот на мобилната телефонија, што не му одговара на „Дојче телеком“, додека затворањето ќе значи крај на профитабилниот бизнис во кој се вртат десетици милиони евра годишно. Можеби најлогичен потег би било „Космофон“ да влезе на пазарот на фиксната телефонија, за што имаше најава, но и во тој случај ќе има монопол на пазарот, бидејќи „Космофон“ е во сопственост на „Дојче телеком“, кој, пак, е присутен на пазарот на фиксната телефонија преку „Т-хоум“.

Извор: Александрија Стевковска. (10.6.08). „Космофон“ демантира дека ќе биде затворен. Утрински Весник.

Нема коментари: