четврток, 5 јуни 2008

Вечер: Немаме тастатури со македонско кирилично писмо

- Во Македонија не постојат тастатури кои го имаат македонското кирилично писмо. Ова е голем проблем за Македонија. Владата прави големи напори за да се обезбедат тастатури кои ќе бидат со кирилично писмо.

Ова вчера го изјави министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, на трибината "Кирилицата и информатичката технологија" одржана во Стопанска комора на Македонија. Министерот Ивановски ја потенцираше и агресивната кампања на Владата за подобрување на информатичкото општество, но додаде дека во тој случај не смеат да бидат заборавени нашиот мајчин јазик и писмо. "Кирилицата постои, но не постои во некои фонтови", рече министерот Ивановски. "Друг проблем е пробивот на термини од англиско потекло, со кој се повеќе и повеќе ќе згаснува мајчиниот јазик", додаде тој. Запрашан за чинењето на евентуална кампања за кирилицата, Ивановски одговори дека не би требало да се разговара за финансиски средства кога е во прашање таква важна работа за македонскиот народ.

На трибината каде присутни беа 30-тина професори, лингвисти, писатели, директорот на Мајкрософт Македонија, Илија Гаговски, кажа дека во рамките на кампањата е изработен и кириличен фонт. Верзија на ТТФ фонт, е слободна за симнување на страната www.mojatakirilica.com.mk, каде е поставено и провокативното прашање: Ја убиваат ли компјутерите македонската кирилица?

Кампањата со мото "Го чувам своето - додека пишувам кирилица - постојам!", почна на 23 април и ќе трае до 10 јуни. Иницирана е од маркетинг агенцијата "Идеа плус комуникации" и Македонската информативна агенција - МИА, а поддржана од научната и уметничката јавност, од институции, бизнис-заедницата и од медиумите.

Извор: Де.т. (5.06.2008). Немаме тастатури со македонско кирилично писмо. Вечер.

Нема коментари: