четврток, 19 јуни 2008

Вест: "Космофон" со претплата од 200 денари

Мобилниот оператор "Космофон" вчера понуди и фиксна телефонија под брендот АЛЛО. Операторот понуди три типа месечна претплата според можностите на корисниците, а нуди и при-пејд ваучери за оние што не сакаат претплата.
Најевтиниот пакет е со месечна претплата од 199 денари, за кои корисникот може да разговара со сите фиксни мрежи за 0,99 денари за една минута. Вториот пакет со претплата од 299 денари во себе вклучува и 100 бесплатни минути кон сите национални фиксни мрежи. Откако ќе се потрошат тие, една минута разговор кон мрежата на АЛЛО чини 0,49 денари, додека кон останатите фиксни оператори - 0,99 денари. Третиот пакет со месечна претплата од 599 денари вклучува 600 бесплатни минути, а цените за разговор се исти како и за претходниот пакет.
Во сите пакети, една минута разговор кон "Космофон" чини 4,99 денари во скапата тарифа и 1,99 денари во евтината тарифа. Кон останатите мобилни мрежи, АЛЛО ќе наплаќа 9,99 денари за минута во скапата тарифа и 3,99 денари во евтината тарифа.
АЛЛО нуди и при-пејд ваучери во вредност од 100 до 1.000 денари.
Разговорот се тарифира на една минута, а истите цени важат и за локалните и за меѓуградските разговори.
Од "Космофон" информираа дека нивната фиксна мрежа ќе функционира преку ГСМ- мрежата, а за корисниците ќе понудат специјални безжични фиксни телефони, кои чинат 2.990 денари, но со договор од 24 месеци ќе ги даваат бесплатно. Оние што ќе сакаат да го задржат класичниот фиксен телефон, треба да набават модем, кој чини 3.290 денари, а со договор од 24 месеци "Космофон" ќе го дава бесплатно.
Само за споредба, месечната претплата кај Телеком чини 399 денари со 100 минути бесплатен разговор, а кај Он.тел - 990 денари со 300 минути бесплатни кон Телеком и неограничено во неговата мрежа.
Извор: Т.Ј. (19.6.2008). "Космофон" со претплата од 200 денари. Вест.

Нема коментари: