вторник, 24 јуни 2008

Нова Македонија: Телекомот во војна со ИТ-компаниите

„Македонски телеком“ треба да прикаже по какви цени им се нудат интернет-услуги на граѓаните во Германија, а по какви цени нудат интернет-услуги на македонскиот пазар, а потоа да обвинуваат дека определени информатички компании во Македонија земале преголеми маржи при продажба на информатичките производи, реагираа некои од домашните компјутерски компании. Тие информираа дека пакетите за АДСЛ-услуги што ги нуди телекомот во земјава се најмалку двапати поскапи отколку што чинат истите пакети во Германија.Односите меѓу телекомот и информатичките компании-членки на ИКТ-комората (информациско-комуникациската технологија) при Сојузот на стопанските комори на Македонија се заострија откако комората во минатата недела побара од Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) да реагира бидејќи, според нив, „Македонски телеком“ (МТ) ги злоупотребувал концесијата и доминантната положба на пазарот со понудата на пакетот „Макс АДСЛ 2 + персонален компјутер за резиденцијални корисници“ и специјалната понуда наречена „Пакет – макс АДСЛ + персонален компјутер“. Во комората сметаат дека МТ ја злоупотребува позицијата бидејќи на пазарот како дел од понудата на услуги на широкопојасен Интернет нуди и тргува персонални и преносни компјутери и компјутерска опрема. Според ИКТ-комората, телекомот продава компјутерска опрема како дел од пакет услуги со одложено плаќање без притоа да утврди интерес - камата, со што наметнува поповолни услови на плаќање и цена што другите субјекти не можат да ја понудат, бидејќи на пазарот системот на одложено плаќање го обезбедуваат банките или небанкарските финансиски институции, преку договорите за кредит и договорите за лизинг.„Во овој случај, ‘Македонски телеком’ воспоставува квазисистем на лизинг бидејќи тој истовремено е и продавач и понудувач на лизинг во однос на корисниците на услугите, со што исто така грубо ги прекршува одредбите на членот 3, став 2, од Законот за лизинг, бидејќи ‘Македонски телеком АД‘ нема дозвола за вршење работа како давател на лизинг издадена од Министерството за финансии“, велат во комората. Оттаму додаваат дека трговските друштва што вршат продажба и изнајмување на компјутерска опрема не се во можност да ги понудат истите услови на продажба и продажни цени затоа што доколку потенцијалните купувачи сакаат да набават персонален или преносен компјутер од трговските друштва, тие треба да склучат договор за кредит или лизинг со банка или небанкарска финансиска институција, со што се зголемуваат оперативните и реалните трошоци што влијаат на крајната цена на производите и услугите. Во „Македонски телеком“ ги отфрлија обвинувањата. Оттаму ги обвинија ССК за ширење невистини и инсинуации. „За наводна злоупотреба може да стане збор кај определени ИТ-компании, кои со години со високите маржи го исцрпуваа и така тенкиот џеб на македонскиот граѓанин“, велат во телекомот. Последниот збор за тоа дали телекомот може да ја нуди оваа услуга го има КЗК, од која неофицијално најавија дека има простор за разгледување на случајот.

Извор: В.Н. (24.6.08). Телекомот во војна со ИТ-компаниите . Нова Македонија.

Нема коментари: