среда, 25 јуни 2008

Вечер: Македонците посегнаа по историските модели на Ериксон

ЛАЖНИ ИНТЕРНЕТ ПОРАКИ ГИ БЛОКИРАА ИМЕИЛ САНДАЧИЊАТА

Лажни пораки за бесплатни Ериксон телефони деновиве ги преполнуваат меил сандачињата. Се подаруваат телефони стари повеќе од осум години од компанија која повеќе не произведува мобилни апарати.

Ви нудиме шанса да дојдете бесплатно до нов Ериксон мобилен телефон. Ериксон ви подарува мобилен телефон и тоа гратис преку интернет како одговор против Нокиа, која го работи истото. Ериксон сака со оваа акција да биде уште поприсутен на пазарот. Се што треба да направите е овој меил да го пратите на осум нови адреси. За две недели ќе добиете Ериксон Т-18 мобилен телефон. Ако мејлот го пратите на 20 адреси ќе добиете Ериксон Р-320. Копијата пратете ја и на анна.сњелунгЖерицссон.цом.Ова е пораката која деновиве кружи по интернет адресите во Македонија и ги преполнува електронските сандачиња поради наивните препраќачи кои веруваат во невистинитата содржина која наликува на оние синџири на среќа. Една скопјанка се жали дека пораката ја примила дури 20 пати од различни личности, за само три дена. Таа е свесна дека се работи за измама, која само ја блокира нејзината меил адресата.

- Кој би подарувал мобилни телефони од модели кои одамна се заборавени. Трошокот за поштарината би бил поголем отколку што чини самиот телефонот. Кој денес би користел таков модел на мобилен. Телефонот е со обичен екран, а за инфра ред, ММС и слични работи тогаш воопшто не се ни претпоставувало дека може да има на мобилен телефон. Камера а телефон - што е тоа. Навистина телефоните се за во музеј. Не верувам дека денес воопшто некој се уште има ваков мобилен - вели скопјанката Марија Т.

Пораката во Македонија пристигнува на хрватски јазик. Со овој проблем не се соочуваат само Македонците. Во хрватските весници постојано се објавува дека се работи за измама во која луѓето не треба да веруваат.
- Не е невообичаено што на Интернет кружат вакви пораки, но ме чуди што некој може да поверува во вистинитоста на информациите. Тоа зборува за тоа колку луѓе се невработени и дека вработените на работа си играат со синџирите на среќа, велат дел од загрепчани кои се запрашуваат што се крие зад чудното подарување на телефони.

Најверојатно оваа електронска порака и нанесува штета на фирмата Ериксон, а со оглед на тоа што меилот треба да се врати и на адреса на фирмата, праќањето на вакви мејлови ги блокира сандачињата на Ериксон и оневозможува пристигнување на останати пораки. Моделите на телефони кои наводно се подаруваат се стари осум години, кога Ериксон се занимаваше со нивно производство. Доколку малку подразмислат луѓето што ги добиваат ваквите пораки ќе сфатат дека денес мобилните телефони се составен дел од производството на фирмата ќерка таканаречена Сони Ериксон, а не Ериксон. Моделите на мобилните телефони Ериксон повеќе и не постојат.

Не ги препраќајте мејловите
Повторно се појави ланец на среќа поврзан со името на корпорацијата Ериксон за подарување на мобилни телефони. Како и сите слични и ова е меил кој што нема никаква основа. Воедно тоа е и копија на порака којашто се препраќаше во 2004 година. Ваквите пораки само и штетат на компанијата Ериксон. Ве молиме овој меил да не го препраќате понатаму. Ова е пораката од компанијата Ериксон, објавена во странските медиуми.

Извор: Б.З. (25.06.2008). Македонците посегнаа по историските модели на Ериксон. Вечер.

Нема коментари: