вторник, 24 јуни 2008

Вест: Телефонот поскапе

Од 1 јули Македонски телеком ги укинува бесплатните 100 минути разговор, вклучени во претплатата за телефон. Досега претплатниците за 399 денари месечно добиваа и 100 минути разговор, кои сега ќе им се наплатуваат во локален сообраќај по 1 денар за минута во скапа тарифа и 0,60 денари во евтина тарифа, а во национален сообраќај по 3 денари во скапа тарифа и 1,5 денари во евтина тарифа. Овие бесплатни минути во пракса вредеа до 100-тина денари, но според постарите рекламни кампањи на Телеком, ако се потрошеа на национални разговори, претставуваа заштеда и до 300 денари. Од компанијата вчера информираа ова е во согласност со препораките на Европската унија доминантниот фиксен оператор во месечната претплата да не вклучува дополнителни услуги.
Телеком од 1 јули ќе издава бесплатна детаљна листа на повикувани броеви на оние претплатници што ќе побараат исписот да им се доставува редовно секој месец. Извештајот нема да биде бесплатен за оние што ќе одлучат испис да побараат само за еден месец или ќе го бараат одвреме-навреме. Телеком ним ќе им наплаќа по околу 80 денари плус ДДВ за секој поединечен испис. Оваа понуда не важи и за корисниците на таканаречениот минимален модел, кој е со месечна претплата од 220 денари без ДДВ и е наменет за социјални случаи, како и за оние семејства кои месечно на разговор трошат до 80 денари.
Овие извештаи досега најчесто се бараа кога се поднесуваше приговор во Телеком зашто сметката била нереално висока. Досега извештајот чинеше 162 денара плус ДДВ ако се бараше по потреба, а во редовна претплата Телеком месечно наплаќаше по 81 денар плус ДДВ, како и 2 денара за секој лист хартија или 10 денари за достава преку и-мејл порака.

Извор: Т.Ј. (24.6.2008). Телефонот поскапе. Вест.

Нема коментари: