понеделник, 9 јуни 2008

Вест: Космофон се затвора

Затворање на мобилниот оператор "Космофон" најавува грчкиот весник "Та неа". "Космофон" е во сопственост на грчкиот мобилен оператор "Космоте", компанија ќерка на грчкиот национален телеком ОТЕ.
"Та неа" пишува дека "Космоте", по внимателно проучување на договорот потпишан од грчката Влада и германскиот гигант "Дојче телеком" за стратешко партнерство, ги прифатил условите, според кои "Космоте" ја прекинува дејноста во Македонија и нема да ја користи дозволата за мобилна телефонија во Црна Гора.
Целта, според "Та неа", е да не се наштети на интересите на "Дојче телеком".
Германскиот оператор во Македонија е присутен преку Македонски телеком, мобилниот оператор "Т-Мобиле Македонија", а по реализација на грчко-германскиот договор, под свое треба да го има и "Космофон". Со тоа постои опасност "Дојче телеком" да управува околу 92 отсто од домашниот пазар со мобилна телефонија.
Од "Космофон" вчера не сакаа да ги коментираат најавите кои пристигнаа од Грција.
Веста за затворање на мобилниот оператор, кој во Македонија вработува околу 400 лица, доаѓа откако во петокот извори од "Космофон" најавија дека за следнава недела операторот ќе понуди услуги во фиксната телефонија. Деновиве менаџментот требаше да соопшти детали за нивната понуда.
Ова проширување на дејноста се протолкува како подигање на вредноста на операторот во пресрет на очекуваната продажба за да се спречи враќање на монополот на "Дојче телеком" во Македонија.
"Космофон" на почетокот на месецов почна и со намалување на бројот на вработени. Неофицијално, во првиот бран откази добија околу 30-ина вработени, а до крајот треба да си заминат околу 15 отсто од вработените. Од "Космофон" одбија да коментираат колку откази ќе се поделат, но потврдија дека отпуштањата се дел од процесите за продажба, односно реструктуирање на компанијата за нови дејности.
"Космофон", покрај концесискиот договор за услуги од ГСМ мобилната телефонија, од минатата година ги доби и лиценците за третата генерација на мобилна телефонија - 3Г и за безжична фиксна телефонија - вајмакс.

Извор: Т.Ј. (09.06.2008). Космофон се затвора. Вест

Нема коментари: