среда, 26 ноември 2008

Дневник: Информатичкиот пазар лани вредел 164 милиони долари

Македонскиот пазар на информатичка технологија лани оствари приход од 164 милиони долари, со што достигна „небесен“ раст од 63,8 отсто. Ова се вели во анализата на консултантската агенција „ИДЦ Адријатик“.Според анализата на агенцијата, рекордниот пораст се должи пред се' на големите инвестиции во ИТ-секторот на Владата и на телекомуникациските компании, на финансискиот сектор, како на намалувањето на цените на информатичката опрема и намалениот данок на додадената вредност за неа.- Македонската Влада презеде неколку забележителни акции во минатата година, вклучувајќи голема набавка на ИТ-опрема за образовниот сектор и намалување на ДДВ за компјутерската опрема и софтвер, кофинансирање на набавката на компјутери за апсолвентите и ја зголеми потрошувачката на преносни компјутери. За 22.000 жители беше финансирана обуката за основни ИТ-вештини и интернет. Овие развојни проекти го подигнаа ИТ-пазарот во Македонија, правејќи го најбрзо растечки пазар во Адријатик-регионот- вели Борис Житник, генерален директор на „ИДЦ Адријатик“.Според него, динамичната економија, заедно со владините напори за градење информатичко општество, ќе бидат и понатаму придвижувач на растот на ИТ-пазарот и во наредните години.На македонскиот ИТ- пазар најмногу се продава хардвер, кој со годишен пораст од 88,3 отсто опфаќа речиси три четвртини од вкупниот промет. ИТ-услугите се вториот најголем сегмент, со 16 отсто од вкупната ИТ-потрошувачка и со 22,6 отсто годишен пораст во 2007 година. Пакуваниот софтвер е трет со 10 отсто од вкупниот пазар и со 15,2 отсто годишен пораст.ИДЦ очекува зголемување на ИТ-потрошувачката во Македонија со просечна годишна стапка од 8 отсто во тек на четиригодишниот период на прогноза, а ќе достигне 240 милиони американски долари во 2012 година.

Извор: (26.11.08). Информатичкиот пазар лани вредел 164 милиони долари. Дневник.

Нема коментари: