четврток, 19 февруари 2009

Вечер: Електронска картичка ќе ги замени здравствените книшки

За 15 месеци, здравствените книшки што ги користат македонските граѓани, при лекување ќе бидат заменети со електронски здравствени картички. Изработени ќе бидат 2,3 милиони електронски картички, за што министерството за здравство одвои 7,5 милиони евра пари од буџетот. Овие новини вчера ги презентираше Бујар Османи, министер за здравство по попишувањето на договорот со хрватската Агенцијата за комерцијални дејности (АКД), која е избрана на тендерот за да го имплементира овој електронски систем во земјава. Министерот најави дека паралелно ќе стартува и проектот за интегриран здравствен информатички систем, со чија помош мрежно ќе бидат поврзнани сите здравствени установи во земјава.- Електронската картичка ќе ги содржи личните податоци на секој граѓанин, специфични болести, крвна група, алергиски манифестации доколку ги има - вели Османи. Тој вели дека новата картичка на пациентите ќе им овозможи поквалитетни здравствени услуги, а на здравствените работници ќе им ги намали административните процедури. Министерот појасни дека следниве три месеци ќе се изработи првиот прототип на вакви картички, а граѓаните картичката ќе ги чини само 170 денари. Тој укажа дека по употребата на вакви картички во Хрватска, здравството за само една година заштедило околу 100 милиони евра.
Потписникот на договорот од хрватската страна, Мирјана Ковачевиќ директор на АКД кажа дека во изработката на електронската картичка ќе бидат вклучени и стручни лица од земјава. Ковачевиќ појасни дека заради спецификите на хрватскиот здравствен систем воведувањето на картичката траело подолго отколку што ќе се реализира тоа во нашата земја.- Напоредно со воведувањето на картичките се водела евиденција во старите картони, за потоа целосно да премине на електронскиот начин-вели Ковачевиќ. Таа додаде дека во нашето министерство за здрвство гледаат квалитетен партнер.
Според Томислав Лиели од АКД ќе има целосна заштита на личните податоци што ќе бидат внесени во картичките и не очекува да има некакви злоупотреби.Османи најави дека наскоро ќе биде објавен и тендер за набавка на 2.000 нови компјутери со кои треба да бидат опремени и матичните лекари.Министерот не очекува да има проблеми во имплеметација на сите три проекти,сметајќи дека со тоа ќе започне нова ера во македонското здравство.

Извор: В.Ма. (19.2.09). Електронска картичка ќе ги замени здравствените книшки. Вечер.

Нема коментари: