четврток, 19 февруари 2009

Утрински: „Т-мобиле“ со единствена понуда за дополнителна радиофреквенција

„Т – мобиле Македонија“ е единствената компанија која достави понуда на тендерот распишан од Агенцијата за електронски комуникации за доделување одобрение за користење дополнителен радиофреквенциски опсег за обезбедување јавни мобилни комуникациски мрежи и услуги (2 Г). Претседателот на Комисијата за спроведување на тендерот, Јане Јакимовски, на вчерашното отворање на понудите, констатира дека единствениот понудувач ја доставил потребната документација. Според тендерските правила, врз основа на извештајот на тендерската комисија, најдоцна до 2 март надлежната комисија на АЕК ќе донесе одлука за одобрението, кое треба да биде доделено најдоцна до 3 април годинава. За одобрението „Т-мобиле Македонија“ треба да плати минимален еднократен паричен надомест од два милиона евра. Со тендерот, АЕК понуди две одобренија за користење радиофреквенцискиот опсег од 1.800 МХз. Со користење на дополнителниот опсег „Т - мобиле Македонија“ сака да ја зајакне мрежата за да се избегне евентуалното ограничување на сегашниот фреквенциски опсег од 900 МХз.

Извор: (19.2.2009). „Т-мобиле“ со единствена понуда за дополнителна радиофреквенција. Утрински весник.

Нема коментари: