четврток, 5 февруари 2009

Дневник: „Телеком Словенија“ единствен кандидат за дигитална телевизија

„Телеком Словенија“ е единствената компанија што достави понуда на јавниот конкурс за радиофреквенции за пренос на дигитална телевизија преку јавна предавателска мрежа (ДВБ-Т). На вчерашното јавно отворање на понудата во Агенцијата за електронски комуникации беше утврдено дека кандидатот ја доставил потребната документација за дозволата што се издава за период од десет години.

Словенечкиот телеком е сопственик на македонската компанија „Он нет“, која веќе најави дека е подготвена да вложи околу 30 милиони евра во дигитална предавателска мрежа и за набавка на околу 500.000 декодери, кои бесплатно ќе им ги подели на граѓаните. Но, за следење на програмите граѓаните ќе мора да плаќаат месечна претплата.

- Комисијата на Агенцијата најдоцна до 30 март ќе ја додели дозволата - изјави Јане Јакимовски, претседател на Комисија за набавки.Ако Комисијата се изјасни позитивно, „Телеком Словенија“, за дозволата, покрај понудената цена, која ќе биде објавена по конечната одлука, ќе треба да плати и еднократен паричен надомест од 300.000 евра.

Според условите од конкурсот, избраната компанија треба да обезбеди минимална покриеност на домаќинствата од 80 отсто и локализација на македонскиот јазик за период од една година, како и задолжителен пренос на постојните национални електронски медиуми.За да стигне дигиталниот сигнал до домаќинствата, неопходно е секое семејство да има дигитален телевизор или декодер, кој ќе направи декомпресија на сигналот за да може да го гледаат на постојните аналогни телевизори. Еден декодер чини 30-60 евра. Дигиталниот ТВ-сигнал ќе се прима преку собна антена.

Според регулативата на ЕУ, целосниот премин од аналогно на дигитално телевизиско емитување треба да се заврши до 2012 година. Кај нас овој рок е продолжен до 2015 година. До тогаш, сите радио- и телевизиски станици треба да прекинат да емитуваат преку сопствените аналогни предаватели. ТВ-сигналот ќе се пренесува само преку оператори на дигитални предавателни мрежи.

Македонија има одобрение за 9 мултиплекс радиофреквенциски канали за пренос на дигитални телевизиски сервиси. Државата засега ќе искористи само три. Од нив, според програмата за дигитализација на земската телевизија, еден мултиплекс канал ќе добие јавното претпријатие „Македонска радиодифузија“, а другите ќе се распределат на конкурс.

Извор: (5.2.2009). „Телеком Словенија“ единствен кандидат за дигитална телевизија. Дневник.

Нема коментари: