понеделник, 23 февруари 2009

Вечер: Сините картони и лекарските рецепти ќе станат минато

Сините картони и лекарските рецепти ќе станат минато. Матичните лекари терапијата ќе ја препишуваат на електронски рецепт. Со воведувањето на електронската здравствена картичка од употреба ќе се исфрлат и старите зелени и поновите сини здравствени книшки. Министерот за здравство Бујар Османи пред неколку дена најави дека ова ќе се случи за 15-тина месеци. Тогаш граѓаните на лекар и во аптека ќе одат со електронска здравствена картичка.
На неа ќе се наоѓаат сите податоци за пациентот, каква терапија примал претходно, дали има хронично заболување, дали е алергичен на нешто, која крвна група е и слично. Потребните податоци од дата-базата на Фондот за здравство ќе може да се видат откако картичката ќе се внесе во посебен читач, тогаш ќе се види и дали се платени придонесите на осигуреникот. Најверојатно секој пациент ќе има шифра со која ќе се исчитуваат податоците. Пристап до сите информации за пациентот ќе има само матичниот лекар, а аптекарите и другите лекари кои ќе бидат вклучени во лекувањето, ќе може да ги видат само оние податоци кои на нив им се потребни.
Но, пред да почне да се применува електронската здравствена картичка ќе треба лекарите, аптеките, фондот и Министерството за здравство да се поврзат во интегриран информатички систем. Без тоа картартичката не би имала никаква функција. - Со новите картички предвидено е пациентите да добијат поголема достапност до здравствените услуги и поголем квалитет, а здравствените работници ќе добијат олеснување во делот на администрирање и следење на трошоците. Имплементирањето на системот ќе овозможи поефикасно и транспарентно евидентирање на услугите, изјави министерот за здравство Бујар Османи.Електронската здравствена картичка е слична со кредитните и дебитните картички. Ќе чини 170 денари, а осигурениците ќе можат да ги подигнат од подрачните единици на Фондот за здравство.
Откако ќе профункционира електронската здравствена картичка, нема да може пациентот да се лекува на друго име со друга картичка, како што беше пракса досега, пациент да се лекува со друга здравствена книшка, велат од Министерството за здравство.
Извор: (23.2.2009). Сините картони и лекарските рецепти ќе станат минато. Вечер.

Нема коментари: