понеделник, 15 јуни 2009

Дневник: Дивидендата на Телеком ги докусури девизните резерви

Распределената дивиденда на „Мактел“ ја скрои монетарната политика на Македонија. Вака министерот за финансии, Трајко Славески, минатата недела ги коментираше мотивите за одлуката на Народната банка на Македонија да ја зголеми резервацијата на депозитите со девизна клаузула од 10 на 20 отсто. Според него, токму распределената дивиденда од 60 милиони евра, што им припаѓа на странските акционери и која речиси еден месец лежи во три македонски банки, влијаела гувернерот Петар Гошев да им ги зголеми трошоците на банките за влоговите за кои гарантираат дека на денот на исплатата ќе ја имаат истата вредност како кога биле депонирани. Гошев го негира ова и тврди дека главен мотив на НБМ за да ја затегне монетарната политика бил да се спречи натамошното префрлање на депозитите од денарски во девизни. Поради дивидендата на Телеком, банките минатиот месец одлеале од државните девизни резерви околу 35 милиони евра, тврди Славески. Странските акционери во Телеком годинава, како и лани, ќе си ја повлечат од Македонија дел од добивката. Но, тоа никогаш не ги плашело толку многу македонските монетарни власти како сега, кога состојбата со девизните резерви од ден во ден е се' покритична.Стравот дека одлевањето на дивидендата од Телеком ќе им нанесе уште еден удар на државните девизни резерви, ја седнало Владата на преговарачка маса со раководството на Телеком.

- Од нив баравме да ја остават дивидендата да одлежи и да не ја префрлаат одеднаш распределената добивка од Македонија. За такво нешто бил заинтересиран Маѓар Телеком, мнозинскиот акционер во Телеком. Откако за тоа доби одобрение од Маѓар, „Мактел“ депонираше дел од распределената добивка во трите најголеми банки во Македонија. Дивидендата е депонирана во денари, но е со девизна клаузула. За да ги исполнат обврските за чување вакви депозити, банките - чувари на дивидендата на Телеком во минатиот месец од девизните резерви повлекоа околу 35 милиони евра. Сумата беше одлеана на 22 мај. Од почетокот на мај до тој ден, од државните резерви беа потрошени само 12 милиони евра. Тоа го наруши стабилизирањето на девизните резерви, тренд што почна од април, раскажува Славески. Ова било еден од сигналите за НБМ да преземе нешто. Пет дена потоа централната банка ја донесе одлуката за затегање на условите за чување на депозити со девизна клаузула. Гувернерот Гошев, сепак, вели дека поединечните случаи во стопанството не ја кројат монетарната политика на државата.

- Моравме да го намалиме префрлањето на депозитите од денарски во девизни. Тоа, како и состојбата со ликвидноста на македонските банки, ни беше главниот мотив да ја зголемиме резервацијата за депозитите со девизна клаузула. Народната банка на Македонија не носи инцидентни одлуки, тврди Гошев. Според Славески, „Мактел“ има и голем финансиски интерес да ги чува парите во Македонија бидејќи од нашите банки добива многу повисока камата, отколку што би добивала од странските.

- Базичната каматна стапка на Европската централна банка е ниска, па тоа повлекува мали комерцијални камати. Така, кога Маѓар Телеком, на пример, би ги депонирал парите во Дојче банк, би добил каматна стапка од минимум 1,5 отсто. Во Македонија добива трипати повисока каматна стапка за чување на дивидендата, вели Славески. По каматна стапка од 1,5 отсто, Маџар Телеком за 60-те милиони евра би добил 900 илјади евра месечна камата, а со трипати повисока камата, или 4,5 отсто, месечно би ќарил 2,7 милиона евра. Славески тврди дека „Мактел“ не склучил со ниту една од трите банки договор за орочување на средствата на една година.

Во банките каде што сега се чува дивидендата го потврдуваат тоа и информираат дека парите се депонирани на два до три месеци. Очекуваат дека „Мактел“ во неколку наврати ќе го продолжува договорот пред парите да ги префрли во Унгарија и не се надеваат дека ќе ги орочи на повеќе месеци. Тоа им ги врзува рацете средства да ги искористат за кредитирање на стопанството. Одлуката на НБМ, банките да одобруваат кредити на ист временски период колку што имаат орочени депозити, сега ја прави јалова за македонското стопанство депонираната дивиденда на Телеком. На фирмите им се потребни банкарски заеми за подолг временски период од два месеца. Банките - чувари на распределената добивка на Телеком потврдуваат дека морале да откупат пари од девизните резерви бидејќи им недостасувале евра од сопствените резерви за да приложат задолжително покритие за 60-те милиони евра. Тие се обврзани за депозитите со девизна клаузула да имаат издвоено онолку евра колку што е вкупната висина на влогот.

Одлевањето на добивката на „Мактел“ засега е одложено за неколку месеци. Но, во моментот кога тоа ќе се случи, од државните резерви, сепак ќе се потрошат 60 милиони евра. Иако минатата година „Мактел“ си повлече во Унгарија 100 милиони евра добивка од Македонија, тоа тогаш не им предизвика големи главоболки на монетарните власти. Македонија лани имаше добри приливи од странски инвестиции, парични пратки од дијаспората и од извозот. Но, откако глобалната криза почна да се прелева во Македонија, овие приливи во девизните резерви драстично се скусија. Иако инфлацијата се намалуваше, економијата почна да слабее, дефицитот во платниот и во буџетскиот биланс да расте, а задолженоста да се зголемува. Тоа предизвика страв од девалвација. Тоа од почетокот на октомври 2008 година досега ја чинеше централната банка околу 600 милиони евра. Толку НБМ потроши од девизните резерви за да го одбрани фиксниот девизен курс на денарот.

Нема коментари: