среда, 1 јули 2009

Вечер: Космофон нема да се вика Космофон!

До крајот на годинава, Космофон и Он.нет ќе се спојат во една заедничка компанија и ќе работат под едно заедничко име кое засега одговорните во двете компании не сакаат да го обелоденат. Според првиот човек на Космофон, Оливие Понсин, новата заедничка компанија ќе има име кое нема да ги содржи сегашните комерцијални називи на двата оператори.
- Новиот назив на заедничката компанија ќе биде нешто ново и свежо, што нема да ги содржи имињата на Космофон и Он.нет, ниту пак некој назив на бренд од Телеком Словенија. Значајно е што ќе ги споиме сите технологии што ги поседуваат двете компании - нагласи Понсин.

Тој не прецизира колкаво намалување на бројот на вработени ќе предизвика спојувањето на мобилниот и фиксниот оператор со интернет провајдерот.
-Телеком Словенија, а ниту јас имаме некаков таен план за отпуштање на вработените. Откако ќе се направи спојувањето на двете компании ќе видиме дали има преклопување на работните места. Тогаш ќе има реорганизација и анализа на функциите. Некои од вработените ќе си заминат, но не се знае колку - појасни Понсин.

Тој најави дека за неколку дена во Космофон и Он.нет ќе бидат назначени нови менаџерски тимови. Промени во раководството и реорганизацијата во Космофон уследи откако негов нов сопственик кон крајот на март годинава стана Телеком Словенија, кој од грчки Космоте го купи мобилниот оператор и продажниот синџир Германос за 190 милиони евра.

Телеком Словенија неодамна од Агенцијата за електронски комуникации доби лиценца за услугата дигитална телевизија, чиј старт го најави за септември годинава. Според последните најави на раководството на Телеком Словенија, првиот човек на Он.нет, Предраг Чемерикиќ ќе ја раководи компанијата што ќе го менаџира работењето на дигиталната телевизија.
Понсин вели дека ќе учествуваат и на вториот тендер за фиксна телефонија на владините институции што ќе биде распишан наскоро.

Извор: (1.07.2009). Космофон нема да се вика Космофон!. Вечер

Нема коментари: