среда, 29 јули 2009

Утрински: Мобилките и Интернетот растат, паѓа фиксната телефонија

Приходите на пазарот за електронски комуникации од година в година бележат значителен раст во сите сегменти, освен во фиксната телефонија. Најголем дел од вкупните приходи и' припаѓаат на мобилната телефонија и тоа 58 проценти, фиксната телефонија учествува со 32 отсто, Интернет-услугите со осум проценти, а најмал дел од два отсто има преносот на радио-телевизиска програма до крајните корисници. На пазарот за фиксна телефонија во Македонија во првото тримесечје од годинава активни биле шест оператори, на пазарот за мобилна телефонија три, како и 70 кабелски оператори, 52 Интернет провајдери и 42 даватели на јавно достапни телефонски услуги на фиксна локација. Овие податоци се наведени во Извештајот за развојот на пазарот за електронски комуникации за првиот квартал од годинава, што вчера го објави Агенцијата за електронски комуникации.

Раководителот на Секторот за анализа на пазар при АЕК, Васка Петровиќ, истакна дека кај фиксната телефонија е утврден значителен процент на опаѓање на фиксните линии во однос на првиот квартал од 2008 година, од 399.975 линии, на 375.461. Тоа не се однесува на деловните линии во фиксната телефонија, кои од квартал во квартал одат во нагорна линија, од 37.057 крајни корисници на 41.535.

Според уделот на пазарот на фиксна телефонија, „Македонски телеком“ бележи пад - од 95,49 отсто во првиот квартал од 2008 година на 88,81 отсто во првиот квартал оваа година, на сметка на учеството на алтернативните оператори чиј удел се зголемува и во овој квартал изнесува 11,19 проценти. „Учеството на ’Македонски телеком‘ постојано се намалува, меѓутоа, тоа се' уште е значително големо и е доволна причина моментно да ја правиме анализата во согласност со препораките од ЕК, со цел да се констатира дали на пазарот има ефикасна конкуренција или има оператор кој може да дејствува независно од останатите во однос на понудата и цените“, истакна Петровиќ.

Во однос на пристапот до Интернет, бројот на резиденцијални претплатници што користат теснопојасен пристап на Интернет континуирано се намалува, од 9.412 на 4.483 за анализираниот период. Тој тренд е присутен и кај деловните претплатници. Наспроти ова, континуирано се зголемува бројката на корисници на широкопојасен пристап на Интернет и кај резиденцијалните и кај деловните претплатници.

Во константен пораст е пазарот на мобилна телефонија каде што постојано се зголемува бројот на претплатници. Моментно во Македонија има 2.299.068 активни претплатници на мобилна телефонија.

Забележана е тенденција на намалување на припејт корисниците, за сметка на зголемувањето на постпејт претплатниците.

Од трите оператори во мобилната телефонија „Т-мобиле“ бележи незначително опаѓање во вкупниот удел на пазарот - од 61,03 проценти во првиот квартал 2008 година на 58,83 проценти од првиот квартал оваа година. „Космофон“ има пораст на уделот од еден процентуален поен и изнесува 31,91 процент, а учеството на ВИП од 8,15 проценти во првиот квартал лани, во првите три месеци од годинава бил 9,26 отсто.

Според АЕК, сите мобилни оператори ја почитуваат одлуката на АЕК донесена пред една година за асиметрична интерконекција во мобилната телефонија.

Нема коментари: