четврток, 2 јули 2009

Вечер: Најавено производство на компјутери и лаптопи

Триесетина кинески компании се заинтересирани да ја продлабочат економската соработка со македонските компании и со тоа да си овозможат влез на европскиот економски пазар. Тие на вчерашниот македонско-кинески бизнис форум, што се одржа во организација на Министерството за економија, конкретно пројавија интерес за лоцирање на некои производствени погони, сервисни или дистрибутивни центри во земјава, за да преку нив го покријат пазарот на Централна и Источна Европа. Тие потврдија дека наскоро ќе стратува и проектот ТИРЗ во производството и склопувањето на ЛЦД телевизори, персонални компјутери и лаптопи.

Според Виктор Мизо, директор на Агенцијата за странски инвестиции, за кинеските бизнисмени имаме добра бизнис клима, евтина работна сила и поевтини транспортни трошоци. Тој очекува на долг рок да се почувствува бенефитот од соработката.

Министерот за економија Фатмир Бесими укажа дека и во услови на светска економска криза единствено кинеската економија расте со позитивна стапки, заради што наскоро може да се очекуваат и конкретни договори.
- Кинезите се подготвени да и помогнат на земјава со конкретни проекти во енергетиката, но и да ја зајакнат економската и трговската соработка, најави Бесими по средбата со кинескиот заменик-министер за економија Јианг Зенгвеи. Тој додаде дека надворешно-трговската размена со оваа земја лани достигна 316,3 милиони долари, од коишто 315 милиони се однесуваат на увозот, а покриеноста на увозот со извозот е само 0,5 проценти.

Бесими гостите ги запознал и со туристичките можности на земјава, како и визните олеснувања за бизнисмените, бидејќи оние коишто имаат шенген виза не им треба дополнителна виза за влез во земјава.

Средба со Зенгвеи имаше и вицепремиерот Зоран Ставрески, на која кинескиот заменик-министер изразил интерес за кинески инвестиции во транспортниот и машинскиот сектор, како и во информатичката технологија. Ставрески најавил поагресивна промоција на македонската економија на кинескиот пазар.

Мизо укажа дека за 35 проценти годинава е зголемена посетата на странските компании споредено со истиот период лани.

Извор: В.Ма. (2.7.2009). Најавено производство на компјутери и лаптопи. Вечер.

Нема коментари: