среда, 1 јули 2009

Утрински: „Космофон“ ќе се ребрендира годинава

По здружувањето со „Он.нет“, заедничката компанија ќе добие ново име

Мобилниот оператор „Космофон“ ќе добие нов лик и име до крајот на годинава. Во градењето на новиот имиџ на компанијата ќе учествува и спојувањето со фиксниот и Интернет-провајдер „Он.нет“, чиј сопственик, исто како и на „Космофон“, е „Телеком Словенија“. Според Оливие Понсин, главен извршен директор на „Космофон“, се' уште не е утврдено новото име на компанијата, но тоа нема да ги содржи имињата ниту на „Космофон“ ниту на „Он.нет“. Што се однесува до можноста за намалување на цените на услугите на „Космофон“, Понсин нагласи дека пад на цените на нивните услуги нема да има, но дека ќе настојуваат да ја зголемат својата конкурентност преку понуда на нови услуги.

Понсин потврди дека ќе има намалување на бројот на вработени во новата фирма, предизвикано од спојувањето на мобилниот оператор и фиксниот и Интернет-провајдер, но не сакаше да прецизира колкаво ќе биде тоа.

„Ниту ’Телеком Словенија‘ ниту јас немаме некаков таен план за отпуштање на вработените. Откако ќе се направи спојувањето на двете компании, ќе се види дали има совпаѓање на работните места. Тогаш ќе има реорганизација и анализа на функциите. Некои од вработените ќе си заминат, но не се знае колку“, појасни Понсин.

Тој најави и дека за неколку дена во „Космофон“ и „Он.нет“ ќе бидат назначени нови менаџерски тимови.

Промените во раководството и реорганизацијата во „Космофон“ уследија откако негов нов сопственик на крајот на март годинава стана „Телеком Словенија“, кој го купи мобилниот оператор од грчки „Космоте“ за 190 милиони евра.

„Телеком Словенија“ неодамна од Агенцијата за електронски комуникации доби лиценца за услугата дигитална телевизија, чиј старт го најави за септември годинава. Според најавите од раководството на словенечката компанија, доскорешниот прв човек на „Он.нет“, Предраг Чемеригиќ, ќе ја раководи компанијата што ќе го менаџира работењето на дигиталната телевизија.

Извор: А.С. (01.07.2009). Космофон“ ќе се ребрендира годинава. Утрински Весник.

Нема коментари: