петок, 17 јули 2009

Утрински: Училиштата останаа и без пари за компјутери и без партиципација

Без пари за компјутерски штети, за осигурување и за партиципација. Вака средните училишта ќе треба да ја дочекаат новата учебна година, откако пред околу еден месец пристигна забраната од Државниот просветен инспекторат дека училиштата не смеат да собираат пари од учениците за оштетените компјутери.

Сега директорите се жалат дека не знаат како да постапат за да излезат на крај со штетите на компјутерите, кои беа дел од проектот „Компјутер за секое дете“, а за што беа поднесени четириесетина кривични пријави против директорите. Некои директори, и покрај се', не се за жалење, бидејќи успеаја да соберат дел од парите за направените штети од учениците.

„Нe ни дозволуваат да собираме пари за направените штети, кои во некои училишта се огромни. Иако пролетва добивме правилник за тоа како да се наплатат штетите“, велат некои директори на скопски училишта. Состојбата со компјутерите, според нив, дополнително се комплицира поради фактот што немаат ниту пари да ги осигураат компјутерите, а сумата за осигурување, која им се бара за компјутерите, во просек изнесува околу 100.000 денари. Овие пари, како што тврдат директорите, не се во ситуација да ги обезбедат, па затоа се плашат како во иднина ќе успеат да ги зачуваат донираните компјутери од оштетувања, пожари, поплави.

Поради сето ова, дел од директорите најавуваат дека ќе побараат од ресорното Министерство да ги реши нивните проблеми, бидејќи без негова помош не можат тоа да го сторат. На листата на училишта каде што имаше најголеми оштетувања, регистрирано е дека се украдени или недостасуваат монитори и тастатури, но никој од училишните раководства не сака да го потврди тоа.

„Ние ги пријавивме нашите штети во Министерството за внатрешни работи. Во нашиот правилник за штети е наведено дека ако не се знае кој ученик ги оштетил, тогаш сите ќе платат за штетата. Сега, со одлуката на инспекторатот тоа веќе не ни е дозволено“, велат директорите.

Првиот човек во Државниот просветен инспекторат, Џорџе Арсов, е убеден дека училиштата не се за жалење.

„Незаконски е училиштата да собираат пари за направените штети, за тоа треба да се грижи директорот, кој треба да се докаже дека е добар менаџер. Тоа што сега училиштата нема веќе да можат да собираат пари не значи дека ќе останат без средства. Училиштата добиваат пари преку блок-дотациите и наменските дотации и тие средства им се сосема доволни за да ги покријат трошоците, кои ги пријавуваат до надлежните“ објаснува Арсов.

Но, кастрењето на буџетот на училиштата не завршува само со компјутерските штети и со партиципацијата. Како што дознавме, на училиштата им е забрането да собираат пари и за обезбедување без дозвола од секој родител, а од Mинистерството нема веќе да добиваат пари ниту за пишување свидетелства и дипломи

Нема коментари: