среда, 22 јули 2009

Утрински: Скопјани се жалат на комуналните услуги и на Интернет-провајдерите

Неосветлени и улици со дупки, обраснати паркови претворени во змијарници во периферните населби, а ЈП „Водовод и канализација“ не реагира на пријавите за течење пивка вода. Тревниците не треба да се уредуваат само пред Владата и пред Собранието. Ова се само дел од забелешките и реакциите на 500 скопјани кои телефонски и по случаен избор ги анкетираше Организацијата на потрошувачите на Македонија со цел да открие од каков вид услуги на јавните претпријатија граѓаните се најнезадоволни. Наспроти оваа анкета, нивните телефонските јавувања, пак, во канцеларијата на ОПМ укажуваат на фактот дека скопјани најмногу се жалат на дел од услугите на Интернет-провајдерите, на брзопотезното потпишување на пакет-договорите за комбинирани услуги, како и на услугите на кабелските оператори. Имало и поплаки на високите сметки на „Топлификација“ и на лошиот квалитет на греењето. Од ОПМ велат дека цели куќни совети доаѓале во нивната централа. Се жалеле на променетиот начин на наплата по мерач, кој неосновано им ги зголемува месечните трошоци. Сето ова велеле дека е поради нивните соседи кои имале плус радијатори на доградби и тераси. Од населбите Драчево, Кисела Вода, Припор и Ѓорче Петров се жалеле на услугите од ЕВН, поточно на често паѓање на напонот поради што им прегореле повеќе куќни апарати. Овие жители се пожалиле и на вработените од кол-центарот на ЕВН, кои најчесто не знаеле да им дадат точна информација за каков дефект се работи. Имало и поплаки од граѓани на високи сметки за струја што им биле доставени по поставувањето на новите струјомери. На однесувањето на вработените на ЕВН, кои не се легитимираат кога исклучуваат струја, се пожалиле оние што живеат во индивидуални куќи, посочувајќи дека без легитимација можеле да им влезат и арамии.

„Актуелни се понудите на пакет-услуги на Интернет-провајдерите. Но, граѓаните реагираат зошто тие немаат вработени агенти што ќе им објаснат кои се последиците доколку потоа го раскинат договорот. Никој не ги информира дека тоа треба да го најават еден месец однапред, како и тоа дека доколку не поминал рокот од една година, граѓаните ќе мора да плаќаат пенали. На нивните шалтери мора брзопотезно да ги потпишат договорите, избирајќи некој од пакетите за кој најчесто им се потенцира само цената. Граѓаните во овие случаи се ставаат во нерамноправна положба. Агенцијата за електронски комуникации ќе треба да ги контролира овие договори, кои се формални. Како регулаторно тело таа ќе мора да види и дали тие имаат фер клаузули,“ објасни Татјана Тасевска, правна советничка во ОПМ.

Од оваа организација посочуваат на потребата од кол-оператори кои ќе мора да ги информираат граѓаните за скапа линија на ТВ-квизовите, како и за поскапото чинење на разговорите во фиксната телефонија, кога станува збор за мигрирањето на телефонските броеви од еден на друг оператор.

Нема коментари: