среда, 29 јули 2009

Дневник: Јавниот сервис пак на јавна сметка

Граѓаните, сакале или не, ќе мора редовно да ги плаќаат сметките за радиодифузна такса, кои наскоро ќе ги добијат во своите поштенски сандачиња за цела измината година. Од МРТВ информираат дека тие веќе се доставени за над 70.000 фирми, а сега се очекува да ги добијат и околу 480.000 домаќинства, кои според законот треба да плаќаат по 130 денари месечно или три пати помалку отколку што беше одредено со претходното решение, секој 15-ти во месецот.

МРТ неплатениот износ присилно ќе го наплатува, со овластени извршители, кои ќе запленуваат предмети во домаќинствата. На фирмите долгот присилно ќе им се наплаќа преку тансакциска или каква било друга банкарска сметка. Од МТВ апелираат до граѓаните редовно да ги намируваат долговите за да се избегнат дополнителните трошоци за извршителите што паѓаат на сметка на должникот.

Според законот, секое домаќинство, фирма и угостителски објект е должно да плаќа радиодифузна такса, без разлика дали има телевизор, дали ги следи или не програмите на Македонската радио-телевизија или е приклучено на кабелска телевизија.

- Од минатиот месец, решенијата до обврзниците - правни субјекти ги доставивме преку Македонски пошти и почна со наплата на радиодифузната такса. Наплатата се однесува за периодот од јуни лани до јуни минатиот месец, а наскоро нив треба да ги добијат и домаќинствата. Плаќањата може да се извршат еднократно или на рати, најдоцна до 15-ти во месецот. За секое доцнење се плаќа камата утврдена со закон - објаснуваат од МРТ.

Според извршниот директор, Петар Каранаков, со редовната наплата на таксата ќе се овозможи финансиска независност на јавниот сервис, со што ќе се јакне создавањето политички урамнотежени дневни информативни емисии, како и нова продукција.

- Очекуваме ако граѓаните редовно ја намируваат обврската да собираме околу 15 милиони евра годишно, од кои 12 милиони евра би останувале за МРТ. Сметаме дека на овој начин ќе можеме редовно да им исплаќаме плати на вработените и да ја исполниме нашата должност како јавен сервис. Наша цел не е наплатата да оди преку извршители, не сакаме да отвараме пазар за извршителите бидејќи граѓаните ќе плаќаат многу повеќе од тие 130 денари за трошоците за извршителот. Но, наша законска обврска за која одговараме е да ја наплатиме таксата. Затоа апелираме до граѓаните да ја плаќаат таксата, а ние се обврзуваме дека со сите сили ќе ја оправдаме нивната доверба со поинтересни содржини за да го вратиме стариот лик на МРТ - вели Петар Каранаков, извршен директор на телевизијата.

Оттаму информираат дека за периодот од јуни лани до јуни годинава, граѓаните добиваат по две решенија, од кои едното се однесува за месеците јуни, јули и август лани, а таксата е пресметана по стариот закон, а второто решение е за периодот од септември лани до јуни годинава, каде што месечната РДТ изнесува по 130 денари.

Поради големите трошоци за печатење и за дистрибуција на овие решенија, МРТ во натамошниот период решенијата ќе ги доставува еднаш во годината.

„Долгот за радиодифузната такса како јавна давачка не застарува, како што е тоа случај и со другите сметки за комуналии. За правните и физичките лица што нема да ја извршуваат оваа законска обврска, МРТ ќе биде принудена наплатата да ја извршува преку извршители, при што не се исклучува и наплатата по судски пат“ - информираат од МРТ.

Неплаќањето на радиодифузна такса изминатиот период доведе до тешка финансиска криза во МРТ и другите корисници на парите. Од радиодифузната такса МРТ добива 76,5 отсто, за ЈП „Македонска радиодифузија“ одат 19,5 отсто, а за Советот за радиодифузија се одделуваат 4 отсто. Граѓаните неплаќањето на таксата го правдаа со незадоволството од програмата што ја добиваат од МРТ како јавен радиодифузен сервис.

Последен пат МРТ ја наплати радиодифузната такса во 2007 година, по што во 2008 година престанаа да доставуваат фактури, а јавниот радиодифузен сервис се финансираше со пари од буџетот.

Покрај домаќинствата, обврска да плаќаат радиодифузна такса имаат и сите правни лица и сопственици на деловен простор и тоа на секои 20 вработени по една радиодифузна такса. Хотелите и мотелите плаќаат по една радиодифузна такса за секои пет соби, а сопствениците на угостителски и други јавни објекти за секој приемник по една такса. Стопанствениците реагираа дека на овој начин дополнително се оптоваруваат со нови трошоци.

Извор: (29.07.2009). Јавниот сервис пак на јавна сметка. Дневник.

Нема коментари: