сабота, 25 јули 2009

Дневник: Отфрлен приговорот на „Вип“ за владините мобилни

Комисијата за заштита на конкуренција го отфрли како неоснован приговорот на мобилниот оператор „Вип“ дека понудата на конкурентот „Космофон“ за мобилна телефонија на владиниот јавен повик го урива телекомуницискиот пазар.

Мобилниот оператор „Вип“ се жалеше на одлуката за победа на „Космофон“ на јавниот повик за услуги од мобилната телефонија за државната администрација. Според раководството на „Вип“, „Космофон“ и „Т-мобиле“ доставиле дискриминаторски понуди со дампинг цени, кои се нефер и спротивни на пазарната логика. Поради таквите понуди, „Вип“ побара Комисијата за заштита на конкуренцијата да поведе постапка против двата оператора за злоупотреба на доминантната позиција. Поднесена е и жалба до второстепената владина Комисија за набавки, а ја информирале и Агенцијата за електронски комуникации.

Комисијата за заштитата на конкуренцијата утврди дека нема услови за поведување постапка согласно одредбите од Законот за конкуренцијата. Комисијата утврдила дека понудата на „Космофон“ не ја загрозува слободната пазарна конкуренција и во целост ги исполнува пазарните услови и основите на комерцијалното работење.

Според директорот на „Вип“, Никола Љушев, „Космофон“ понудил цена од нула денари за секунда, а „Т-Мобиле“ од 0,027 денари по секунда. Понудата на „Вип“ била 0,048 денари за секунда. Според условите, за секој свртен број на корисниците ќе им се наплаќаат по два денара. Директорот Љушев тогаш обвини дека ова се предаторски или дампинг цени.Во „Космофон“ велат дека дале најконкуретна понуда поради што биле прворангирани на листата.

- Сите наши инвестиции, кои во минатата година изнесуваа над 30 милиони евра, сега ги даваат своите резултати и ни овозможуваат да бидеме најконкурентни - велат во „Космофон“.Државната администрација следниве две години ќе ги користи услугите на овој мобилен оператор.

Нема коментари: