среда, 29 јули 2009

Вечер: Фиксната телефонија опаѓа

И во услови на економска криза приходите на пазарот на електронски комуникации бележат значителен раст. Најголем дел, 58 проценти од вкупните приходи, отпаѓа на мобилната телефонија, фиксната телефонија учествува со 32, а интернет услугите со осум отсто. Најмал дел од два отсто има преносот на радио телевизиска програма до крајните корисници.
Според Агенцијата за електронски комуникации на пазарот за фиксна телефонија во земјава во првото тримесечје од годинава активни се шест оператори. Ситуацијата на пазарот за мобилна телефонија е со три оператори, додека има 70 кабелски оператори, 52 интернет провајдери и 42 даватели на јавно достапни телефонски услуги на фиксна локација (ВОИП).

Овие бројки се дел од Извештајот за развојот на пазарот за електронски комуникации во Македонија за првиот квартал од годинава, што ги подготви и вчера ги презентираше АЕК. Васка Петровиќ, раководител на секторот за анализа на пазар при АЕК, укажа дека кај фиксната телефонија утврден е значителен процент на опаѓање на фиксните линии во однос на првиот квартал од лани и тоа од 399.975 линии на 375.461 линии.

Според Петровиќ нема намалување само кај деловните линии во фиксната телефонија, тие одат во нагорна линија и сегашната бројка достигнала 41.535 крајни корисници.
Македонски телеком бележи пад од 95,49 отсто во првиот квартал од лани на 88,81 отсто во првиот квартал оваа година. На сметка на тоа расте учеството на алтернативните оператори чиј удел во овој квартал изнесува 11,19 проценти.

Во однос на интернет услугите, односно пристапот до интернет бројот на резиденцијални претплатници кои што користат теснопојасен пристап на интернет континуирано опаѓа од 9.412 на 4.483 за анализираниот период. Од АЕК дополнуваат дека овој тренд е присутен и кај деловните претплати.

Изввор: (29.07.2009). Фиксната телефонија опаѓа. Вечер.


Нема коментари: