среда, 29 октомври 2008

Вест: Земјоделското земјиште ќе се дели електронски

Земјоделското земјиште ќе се дели по електронски пат, исто како што Министерството за транспорт и врски прави распределба на социјалните станови и на дозволите за меѓународен транспорт. Министерот за земјоделство Ацо Спасеноски вели дека новиот начин на распределба на обработливите парцели треба да почне од следниот оглас со кој ќе биде опфатена распределбата на површини во Валандово, Виница, Гевгелија, Берово и во Делчево."На овој начин ќе ја поедноставиме работата на Комисијата. Со едно стиснување на копче на компјутерот ќе се знае кој земјоделец како е рангиран и дали добил земја", вели Спасеноски.
За изминатите две и пол години државата успеа да подели само околу 8.000 хектари земјоделско земјиште од вкупно понудени 31.000 хектари. Главна причина што огласите се неуспешни, велат од Министерството, е тоа што нема договор меѓу земјоделците. Производителите од еден регион најчесто се случува да аплицираат за иста парцела.
"Предност при поделбата имаат земјоделците што живеат најблиску до земјата која се дава под наем, но еден од предусловите е и поседувањето механизација. Цената на површините е различна. Минималната наемнина се движи од 2.100 до 2.500 денари за хектар", велат од Министерството.
Извор: (И.С.). (29.10.2008). Земјоделското земјиште ќе се дели електронски. Вест.

Нема коментари: