вторник, 28 октомври 2008

Вест: Заразени од Фејсбук

Ако македонските политичари не можете да ги најдете во нивните канцеларии, во министерствата или во партиските седишта, речиси сигурно ќе ги најдете на Интернет сајтовите за дружење. Голем дел од нив се присутни со свои профили на најпознатата светска веб-страница за дружење Фејсбук. Овој сајт за дружење е еден од најзаразните во светот и на него се прикачени, пред се, помлади луѓе, но последниве години ги има од секакви профили и возраст. Ни македонските политичари не останаа имуни на Фејсбук вирусот. На оваа глобална мрежа за дружење се министерот за евроинтеграции Ивица Боцевски, шефицата на МВР Гордана Јанкуловска, министерот за информатика Иво Ивановски, поранешната лидерка на СДСМ Радмила Шеќеринска, министерот за странски инвестиции Веле Самак и неговиот поранешен колега Глигор Ташковиќ. За дружба на Фејсбук се и преговарачот за името Никола Димитров, лидерот на ДПА Мендух Тачи, ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски, македонската амбасадорка во Хаг Шпреса Јусуфи, поранешниот министер за екологија од ДПА Имер Алиу, експремиерот Љубчо Георгиевски, шефот на НСДП Тито Петковски и поранешниот пратеник Филип Петровски кој важи за еден од најинвентивните фејсбукери.Профили имаат и политичките партии како владејачката ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА...Профилите на политичарите се приватни и нивната содржина можете да ја видите само ако тие ви дозволат. Затоа, треба да имате свој профил на Фејсбук, да ги пронајдете политичарите со кои сакате да се дружите и да им испратите понуда за Интернет пријателство. Ако ви дозволат, ќе можете да разговарате со нив кога се он-лајн, да им коментирате нивни приватни фотографии или да им оставате виртуелни подароци, па дури и да им испраќате виртуелни флертови, ако тие инсталирале таква апликација на својот профил.На Фејсбук има и лажни профили како оној на премиерот Никола Груевски. Вистинските ќе ги познаете, откако тие ќе ви дозволат да им влезете во профилот и да ги видите нивните приватни фотографии, написи, коментари. На профилите се поставуваат свои фотографии и видеоклипови од родендени и забави, кажуваат кои им се омилени филмови и музички групи, прават муабет со своите пријатели, си разменуваат слики, флертуваат, дебатираат за политика...Членовите на Фејсбук на кои политичарите им се Интернет пријатели и им дозволиле да им ја видат приватната содржина на профилите не откриваат детали, но кажуваат дека најактивен на својот профил од сите политичари е министерот Ивица Боцевски. Велат дека речиси секој ден е активен, поставува нови фотографии, коментира на разни теми, па дури и он-лајн муабети. Често на Фејсбук е и министерот Иво Ивановски, за чиј профил се коментира дека е пренатрупан со понуди од девојки за Интернет дружење. Приватен Фејсбук профил има и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Дека е тоа навистина нејзин профил, а не некој лажен потврдува со првата фотографија која се покажува кога ја барате Гордана. Фејсбукерите велат дека Радмила Шеќеринска е рекордер по бројот на Интернет пријатели на кои им дозволила да и влезат во профилот. Наводно имала над 2.000 пријатели. Еден од најпопуларните фејсбукери во Македонија е ексминистерот Љубе Бошкоски. Неговиот профил беше најактивен уште кога беше во Хаг и тие што му се пријатели секојдневно преку тој веб му испраќале поддршка. Оние што немаат свои профили, имаат фејсбук групи на обожаватели или на поддржувачи, групи на противници што им ги креирал некој друг и за разлика од приватните профили, овие страници се јавни. На нив има широки дискусии зошто чинат, а зошто не чинат политичарите, пцости и клетви на сметка на политичарот на кого му е посветен сајтот. Фејсбук групи за поддршка и Интернет групи на обожаватели имаат премиерот, претседателот Бранко Црвеновски, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ... Наспроти групите на поддржувачи, има и групи на противници како "Трифун Костовски смрди" или "Кажи не на комунизмот".

Извор: Е. Златков. (28.10.08). Заразени од Фејсбук. Вест.

Нема коментари: