среда, 8 октомври 2008

Нова Македонија: Граѓаните преку Интернет ќе ги контролираат комуналците

Скопјани ќе можат да ги следат камионите што го собираат отпадот преку системот за глобално позиционирање или „џи-пи-ес“, кој ќе биде вграден во сите возила на јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Со уредот за позиционирање граѓаните во секое време ќе знаат кога поминале камионите и дали го собрале ѓубрето од контејнерите во нивната улица, соопштуваат оттаму. Од претпријатието велат дека на нивната интернет-страница www.khigiena.com.mk ќе биде поставен линк преку кој ќе може да се зумира населбата и да се дознае во кое време поминал камионот на одредена улица за да го собере отпадот, а ќе може и да се следи брзината со која се движи возилото.
- Целта на овој систем за следење на камионите што го собираат отпадот е да се намалат оперативните трошоци за нафтата, како и да се намалат реакциите на граѓаните кога ѓубрето нема да се собере. Досега се приклучени 25 камиони со уредот „џи-пи-ес“, а до крајот на неделата очекуваме нивната бројка да достигне до 40 возила. Со овој систем ќе знаеме дали возилото има дефект, дали работниците прават пауза, а се надеваме дека ќе се намалат заскитувањата на камионите и дека ќе се оствари подобра комуникација со граѓаните - објасни Божидар Стојанов, раководител на депонијата „Дрисла“ и на секторот за механизација.
Тој додаде дека овој систем функционира веќе десет дена, но дека вработените не знаат во кој камион има вградено систем за следење, со што тие ќе можат да дознаат кој правилно си ја извршува работата. Целото софтверско решение на уредот „џи-пи-ес“ чини околу 524 илјади денари за една година, а целиот пакет опфаќа опремување на 50 камиони. Од претпријатието сметаат дека со намалувањето на оперативните трошоци за една година ќе се исплати воведувањето на овој систем.
Извор: (8.10.08). Граѓаните преку Интернет ќе ги контролираат комуналците. Нова Македонија.

Нема коментари: