петок, 26 септември 2008

Вечер: Студентите да пријавуваат корупција во образованието

Хрватската афера Индекс, во која беа уапсени професори, асистенти, студенти за купување и продавање на универзитетски дипломи почна да ги отвора очите на земјите од регионот. Корупцијата во образованието стана тема на разговор меѓу надлежните институции. И од македонското Министерство за надворешни работи апелираат студентите кои се нашле во ситуација професор да им бара пари за да положат испит да го пријават веднаш. За една година МВР реши две големи корупциски афери во образованието. Професорот од Педагошкиот факултет од Штип и професорот од Техничкиот факултет од Битола кои заработија кривични пријави за примање и посредување при поткуп се доказ дека во сферата на спречување на корупцијата во образованието се преземаат сериозни чекори, споредено со минатото кога корупцијата на факултетите се сметаше за табу тема.
Во двата случаи студентите побарале помош од полицијата. Во едниот било побарано мито од 200 евра. Во вториот случај се барале 900 евра за професорот и уште 600 евра за други двајца колеги за кои обвинетиот ветил дека ќе помогне студентот да добие преодна оцена. "МВР крајно сериозно постапува по сите случаи и со ист интензитет ќе продолжи да работи на откривање и процесуирање за сите за кои има сомнение дека биле инволвирани во корупција. Би сакале да ги охрабриме студентите да дојдат и да пријават. За нас е важно тие пријави да бидат навремени пред да се даде поткуп зашто подоцна е многу тешко да се докаже дека било побарано и дадено мито за оценка" - вели Иво Котевски, советник во МВР. Добро е што студентите почнаа да пријавуваат. Тоа до сега не се случуваше - велат од проектот Антикорупциски мерки во образованието финансиран од Владата на Кралството Норвешка. Со нивните активности за зголемување на јавната свест за корупцијата сметаат дека значително е подобрена комуникацијата студентите со надлежните институции.
"За неколку пати е зголемена актуелноста на темата како меѓу невладините организации така и во медиумите. Сега за нас останува уште еден предизвик а тоа е да се донесе финалната рамка - Законот за Студентски правобранител. Студентскиот Правобранител ќе биде тој во кого студентите ќе веруваат и ќе пријават доколку им биде побарано мито - вели Марија Петреска од проект Антикорупциски мерки во образованието.
Македонија годинава го достигна 72-то место според степенот на перцепција на корупцијата. Корупцијата во образованието е се уште проблем на кој треба да се работи.

Извор: Б.З. (26.9.08). Студентите да пријавуваат корупција во образованието. Вечер.

Нема коментари: