четврток, 18 септември 2008

Нова Македонија: Годишните сметки по електронски пат до Централниот регистар

Правните лица ќе можат годишните сметки за годинава по електронски пат да ги испратат до Централниот регистар, најави Иво Ивановски, министер за информатичка технологија при вчерашната посета на оваа институција. Тој информира дека со проект за поедноставување на едношалтерскиот систем на крајот на 2009 година во Македонија ќе може да се регистрира фирма преку Интернет, пренесе МИА.
- Услугите што сега ги нуди Централниот регистар по електронски пат се неколку, но доста значајни. Корисниците може да ја проверат зафатеноста на името, односно називот на правното лице што сакаат да го регистрираат, електронски да резервираат име за определен временски период и најголемата новост е што годишните сметки за годинава по електронски пат ќе можат да ги испратат до Централниот регистар - рече Ивановски.
Тој нагласи дека Централниот регистар има голем напредок и додаде дека за идната година се предвидува тој да биде уште позначаен.
- До крајот на 2009 година ќе има поедноставување на едношалтерскиот систем, со што во Македонија ќе може да се регистрира фирма преку Интернет - рече Ивановски.
Тој појасни дека со измените сите правни лица што претходно требаше да одат на шалтер, да чекаат таму, да ги пополнат сите документи и да платат надомест од 1.000 денари, сега тоа ќе можат да го направат електронски. Фирмите со користење дигитален електронски потпис од својот компјутер ќе можат да ги симнат и пополнат формуларите, да платат 400 денари и со тоа да заштедат време и средства.
Директорот на Централниот регистар Зоран Алексов рече дека до крајот на октомври годинава, кога во Кардиф, Велика Британија, ќе се одржи генералното собрание на Европскиот бизнис-регистар, Централниот регистар ќе биде поврзан со Европскиот и сите податоци за македонските активни компании ќе бидат ставени на располагање на околу 20 милиони компании што се регистрирани во Европа. Сите заинтересирани субјекти од Македонија што имаат деловни партнери во Европа ќе можат да ги гледаат податоците за работењето на странските компании преку овој регистар.

Извор: (18.9.2008). Годишните сметки по електронски пат до Централниот регистар. Нова Македонија.

Нема коментари: