среда, 24 септември 2008

Нова Македонија: Старата професорска гарда бега од компјутер како од ѓавол

Постарата генерација професори во основните и во средните училишта не сакаат да има компјутери на клупите на нивните ученици. Нивните објаснувања се клише на сите оние што во историјата биле или се против прифаќање каков било напредок за човекот. Алиби-изговорите против новото информатичко општество се: уште нема наставни програми, учениците ќе може да препишуваат на тестовите и наместо да учат ќе играат компјутерски игри, ќе им се искриви ‘рбетот на децата... Сето тоа според упатените е резултат на нивната неедуцираност, која пред учениците би се манифестирала со поткопување на нивниот „знаечки и непогрешлив“ авторитет. Во некои скопски училишта, и покрај тоа што помина цел месец од почетокот на учебната година, компјутерите стојат на клупите без да се вклучат во струја. На владиниот проект за осовременување на наставата „Компјутер за секое дете“ по с? изгледа ќе му треба повеќе време за да заживее.

СИТЕ НАПРЕД, А НИЕ НАЗАД

Во дел од основните училишта с? уште се местат инсталациите, а тамошните наставници велат дека децата од основните училишта се премногу мали за да работат на компјутерите и може да дојде до искривување на ‘рбетот. Во исто време отпорот оди дотаму што наводно децата можеле да добијат сосема различна претстава за тоа што е училиште и што се прави таму. А на учениците од средните училишта што разбираат и сакаат да има компјутери не им се веруваше дека има и родители што ќе бидат против тоа да се компјутеризираат училиштата, да бидат против напредокот.

- За постарите професори разбирам зошто се против, не им е лесно на стари години да учат некои работи, но за родителите навистина не ми е јасно како е можно да сакаат нивните деца да стојат во место. Само кај нас постојат дилеми дали треба да има компјутери. Наместо да прават работи што се добри и за нас и за нашиот напредок, некои професори и родители се бунат дека не е добро да имало компјутери, оти нема да сме внимавале на часовите - се пожалија учениците од гимназијата „Јосип Броз-Тито“.

Во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“, пак, компјутерите с? уште не се приклучени, но сите професори ја поздравуваат идејата и мислат дека така децата ќе можат да научат повеќе работи.

- Кај нас во училиштето сите се среќни за компјутерите, сите професори мислат дека сите ќе имаат корист од нив - истакна Милена Атанасова, ученичка во средното хемиско училиште.

ДЕЦАТА ЌЕ СИ ГО РАСИПАТ ВИДОТ

Многу мал дел родители чии деца учат во основните училишта не ја одобруваат употребата на компјутерите во образованието на нивните деца. Образложенијата на тезата е дека децата можат да си го расипат видот и оти можат да добијат сосема нова претстава за училиштето. Здравствениот аспект е зачинет со добивање насилство кај учениците што играле компјутерски игри.

- Наместо нашите деца да учат низ игри, да прават проекти и да работат во групи, уште од мали им го одземаме детството.Тие уште не знаат да пишуваат и да читаат, а ќе ги учиме да работат на компјутер. За с? си има свое време- кажа еден родителите.

Психолозите велат дека не треба да се поставува возрасна граница за тоа кои деца треба да користат компјутер.

- Компјутери може да има во училиштето, но не во секоја училница и на секоја клупа. Кога наставата би била организирана така што компјутерите би биле на една страна од училницата, за да можат децата да гледаат што се пишува на таблата и што кажува наставникот, тоа е она што е потребно. Треба да се организира настава во групи, игри преку кои децата би можеле да научат и други работи, за дружењето, за групната работа и други квалитети што се учат на таа рана возраст - истакна психологот Тамара Перинска-Илиевска.

ПРОФЕСОРСКИ АВТОРИТЕТ

Професорите, пак, што знаат како да работат на компјутер велат дека авторитетот на професорите што не се толку упатени во компјутерската работа кај децата може за миг да се урне.

- Ние сме авторитативни фигури, веднаш по родителите, децата треба да учат од нас. Јас ги знам основните програми за работа на компјутер, но имам постари колеги што не се толку упатени и во неколку разговори што ги имавме тие велат дека треба да одат на дополнителни подготовки. Ако се случи некој ученик да праша нешто, а професорот не знае да одговори, би било многу непријатна ситуација. Слична ситуација може да има и со некој повозрасен ученик, кој кога ќе види дека професорот не е упатен може да прави шеги на сметка на професорот и да го доведе во прашање неговиот углед - објасни една од наставничките во основното училиште „Петар Здравковски-Пенко“.

Извор: (24.9.08). Старата професорска гарда бега од компјутер како од ѓавол . Нова Македонија.

Нема коментари: