среда, 24 септември 2008

Утрински: Скромен прогрес во борбата со корупцијата

Македонија и во 2008 година постигна скромен прогрес во справувањето со корупцијата. На антикорупциската скала од 180 земји што вчера истовремено насекаде во светот ја објави реномираната меѓународна организација „Транспаренси интернешенел“, Македонија го зазеде 72. место и освои 3,6 индексни поени.

Ова покажува дека Македонија е подобро рангирана во споредба со 2007 кога бевме на 84. место и имавме 3,3 поени. Сепак, скокот нагоре за 12 места не придонесе Македонија да се наоѓа во групата држави кои бележат посилна отпорност спрема корупцијата.

Од земјите во регионот Македонија се наоѓа пред Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина. „Наспроти крупните реформи и надворешните поттикнувања во рамките на претпристапниот процес за влез во ЕУ, се чини дека овие земји не ја подобриле значително сликата за корупцијата“, се потенцира во извештајот.

Хрватска, Словенија, Турција и Романија заземаат повисоки позиции од Македонија, која според резултатите се дружи и со Бугарија, Мексико, Кина, Перу, Суринам, Свазиленд и Тринидад и Тобаго. Сите балкански земји имаат постигнато под пет поени на скалата од вкупно десет поени, што „покажува дека повеќето од нив се соочуваат со сериозни нивоа на корупција“.

Напредокот можеби изгледа висок ако ги гледаме местата за кои сме отишле погоре, потенцира вчера на прес-конференција Слаѓана Тасева, претседател на невладината организација „Транспарентност - нулта корупција“, презентирајќи ги вкупните резултати од извештајот.

Таа објасни дека годинава има промена во методологијата и дека се искористени истражувања кои се спроведени во крајот на 2006, 2007 и 2008 година.

„Индексот кај Македонија е променет за само 0,3 индексни поени, што е мало подобрување, а крајниот скор е изведен од шест истражувања. Напредокот во најголем дел се должи на промените во легислативата, она што значи формално усвојување на нови закони, менување на законите и усвојување нови процедури. Ако гледаме според државите во регионот, Македонија е добро рангирана“, нагласи Тасева.

Но, според неа, „не треба да се залажуваме дека добро ни оди“, бидејќи објективно се' уште имаме многу да покажеме на планот на заживувањето на прописите во практика, а со тоа и на вистинската ефикасност во борбата против корупцијата.

„Да имаме ефикасно завршени случаи, судски постапки, изречени пресуди и да имаме јасни, транспарентни и ефикасни процедури во јавната администрација“, објасни Тасева.

Таа посочи дека од Центарот за истражување на „Транспаренси интернешенел“ дале објаснување според кое Македонија се' уште има доста да работи за да биде во првата половина на Индексот за перцепција на корупцијата и да се најде погоре на ранг-листата.

Премиерот Никола Груевски со цела Влада вчера одржа прес-конференција за да го прослави успехот и да ги пофали сите институции кои придонеле за напредокот на нашата држава во антикорупцискиот фронт.

„Ова е уште една потврда за заложбите на Владата за нулта толеранција за корупцијата која во наредниот период ќе продолжи да се одвива уште позасилено, имајќи предвид дека Македонија има уште многу работа на овој план“, нагласи Груевски. Премиерот очекува подобрување на позициите на Македонија во однос на индексот на перцепција на корупцијата, но со помали скокови, бидејќи, како што вели, „Македонија сега не само што се наоѓа во првата половина од рангираните држави, туку и длабоко е навлезена во таа група на земји“.

„Само со реформи, а без имплементација не можеме да покажеме подобри резултати во антикорупцискиот фронт“, изјави вчера за „Утрински весник“, професорот на Правниот факултет, Никола Тупанчески.

„Свесни сме сами како напредуваме на овој план. Сите знаеме колку крупни случаи сме финализирале“. Тупанчески нагласува дека исчекорот треба да се поздрави, но сами треба да заклучиме колку соодветствува на реалноста.

На прво место земји со најмала корумпираност се Данска, Нов Зеланд и Шведска со високи 9,3 поени.


Извор: Катица Чангова. (24.9.2008). Скромен прогрес во борбата со корупцијата. Утрински Весник.

Нема коментари: