среда, 24 септември 2008

Дневник: Македонија на 72. место по корупцијата

Македонија годинава е на 72. место меѓу 180 земји по индексот на перцепција на корупцијата што секоја година го мери „Транспаренси интернешнел“. Тоа значи скок на земјата за 12 места погоре на скалата за мерење на корумпираноста во државите.

- Македонија покажа напредок, кој можеби изгледа висок ако го гледаме само бројот на местата за кои сме отишле погоре. Но, Индексот е подобрен за само 0,3 поени и тоа се должи најмногу на промените во законодаството, на формално усвојување нови закони и процедури - рече Слаѓана Тасева, преседателка на невладината организација „Транспарентност - нулта корупција“ на вчерашната прес-конференција. Тасева рече дека од Центарот за истражување на „Транспаренси интернешнел“ објасниле оти на Македонија и' претстои уште многу работа ако сака да се најде повисоко на ранг-листата според Индексот за перцепција на корупцијата.

- Објективно ние се' уште имаме многу да покажеме на планот на имплементација и вистинска ефикасност во борбата против корупцијата. Да имаме ефикасно завршени случаи, судски постапки, изречени пресуди и да имаме јасни, транспарентни и ефикасни процедури во јавната адмистрација - рече Тасева. Македонија годинава е меѓу Бугарија, Кина, Мексико, Перу, Суринам, Свазиленд, Тринидад и Тобаго. Албанија, Србија и Црна Гора се на 85. место, Бугарија и Романија, кои имаат сериозни проблеми со корупцијата, се рангирани повисоко од Македонија. Од земјите во регионот најдоброрангирана е Хрватска, која е на 62. место. Босна и Херцеговина е на 92. место, а Турција на 61. место. Ваквото рангирање премиерот Никола Груевски го оцени како успех на неговата влада.

- Од 105-тото место, кое го делеше со Свазиленд, во времето на владеењето на претходната влада, сега е на 72. место и е на исто рамниште со европски држави, а убедливо пред земјите од регионот - рече Груевски.

Извор: Н.Н.С. (24.9.08). Македонија на 72. место по корупцијата. Дневник.

Нема коментари: