четврток, 25 септември 2008

Нова Македонија: Господ нека му е на помош на новиот директор на МРТ

Неблагодарно е уште сега јавно да кажувам какви чекори ќе следуваат во Македонската радио-телевизија, со оглед на тоа што само што ме избраа на оваа функција, изјави за „Нова Македонија“ Ефтим Гаштев, кој од пред неколку дена е извршен директор на националниот сервис. Тој има завршено одбранбени и мировни студии при Филозофскиот факултет. Гаштев на јавноста ѝ е познат како водител на забавно-контактни емисии што во изминатиов период во организација на „Лимиер продукција“ се емитуваа на повеќе приватни телевизии. Македонските граѓани најмногу го паметат Гаштев по квиз-емисијата „Суперишка“. Тој веќе 18 месеци работи како главен програмски продуцент во МРТ.
Реакциите на вработените во куќата не се баш најповолни од изборот на првиот човек на МРТВ. Господ нека му е на помош и на овој директор, велат тие и се чудат на ваквиот избор на власта.
Гаштев доаѓа на местото од Словенецот Јанез Сајовиц, кој за да биде на чело на националниот сервис зеде македонско државјанство. Сајовиц беше избран за извршен директор на МРТ во мај минатата година. Според договорот, тој добиваше месечна плата од 6.500 евра, а покрај тоа му беа исплатени уште и околу 30.000 евра за изработката на санациската програма.
Иако дојде на ова место како експерт од ОБСЕ, Сајовиц не најде заеднички јазик со членовите на управниот одбор. Наместо санирање на националната куќа, во изминатиов период таму се случуваа секојдневни конфликти меѓу УО и Сајовиц, како и чести штрајкови на вработените. На сметка на Сајовиц имаше многубројни обвинувања за незаконско работење. Тој, пак, по разрешувањето бараше од МРТ да му бидат исплатени заостанатите плати во согласност со менаџерскиот договор. Вработени во МРТ велат дека само Господ може да му помогне на новиот директор, со оглед на катастрофалната состојба во која се наоѓа јавниот сервис.

Извор: В.Н. (25.09.2008). Господ нека му е на помош на новиот директор на МРТ. Нова Македонија.

Нема коментари: