вторник, 23 септември 2008

Утрински: На Македонија и' недостигаат информатичари

ОХРИД - Околу 200 експерти од 13 земји од регионот на Југоисточна Европа од вчера во Охрид дебатираат за горливи теми од информатичката технологија и зголемувањето на работната сила. На конференцијата на Асоцијацијата СЕЕИТА ќе се промовира и првиот правен сектор во рамките на Асоцијацијата за информатички и комуникациски технологии во Југоисточна Европа, што е голем напредок во регионалното организирање, а прв претседател ќе биде претставник на Република Македонија.

„Една од темите ќе биде либерализацијата на телекомуникацискиот пазар. Тука е важно да се процени колку е достапен европскиот пазар за македонските фирми. Минатата година на Петтата конференција потпишавме меморандум за промовирање заеднички комуникациски бренд на земјите од овој дел на Европа и ги очекуваме првите резултати“, смета претседателот на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, Васко Кроневски.

„Македонија има солидна позиција во регионалниот информатички и телекомуникациски пазар, но погрешно е да се мисли дека имаме вишок кадри кои би се селеле во други земји“, вели Кроневски. Реално гледано во глобални рамки, бројот на информатичари е се' помал. Според него, загрижува фактот што во Македонија на локално ниво нема доволно информатичари, па затоа сериозно треба да се разговара за недостатокот на квалификувана работна сила. Затоа, според Кроневски, треба да има планирани активности за задржување на талентираните, пред се' млади луѓе, за да останат во Македонија.

Ваквите процеси на регионално обединување на оние што се занимаваат со информатичка технологија во регионот се добро проценети и неопходни. Заменик-амбасадорот на САД во Македонија, Томас Навратил, на отворањето рече дека преку УСАИД тие го поддржуваат процесот и очекуваат брза имплементација зашто станува збор за светски процес во кој интензивно се развива јавно-приватното партнерство во информатиката.

Во регионот Словенија е водечка земја во примената на концептот за информатичко општество. Претставникот на нивното Министерство за јавни работи, Алеш Добникар, рече дека тие не само што први воведоа електронска влада туку се и пионери во т.н. електронско управување со јавните работи, што е тренд во развиените земји.

Извор: С.И. (23.9.2008). На Македонија и' недостигаат информатичари . Утрински Весник.

Нема коментари: